Училиштата во Тетово повторно мета на лажни дојави за бомби
Лажни дојави за бомби повторно ги вознемирија средните училишта во Тетово. Утрово, мета на заканите беа Средното медицинско училиште „Никола Штејн“ и Средното економско училиште „8 Септември“.
Учениците беа евакуирани од училишните дворови пред да започне наставата, додека припадниците на Секторот за внатрешни работи Тетово извршија детални антитерористички проверки.
Во Медицинското училиште, заканувачката порака пристигнала на официјалната електронска адреса во раните утрински часови.
„Некаде околу седум часот пријавивме во полиција дека на официјалниот е-пошта е пристигната дојава за бомба. Учениците ги пречекавме пред училиштето и не им дозволивме да влезат внатре, туку ги вративме дома, сè додека полицијата писмено не ни потврди дека е во ред и дека наставата може да продолжи. Но, наставата ќе продолжи попладне. Дојава секогаш ни пристигнува на македонски јазик и од непознати е-пошта адреси“, изјави Малесоре Рамадани, директорка на СМУ Никола Штејн.
Слично било и во Економското училиште, каде што заканувачките пораки пристигнале во текот на ноќта на лични и службени електронски адреси.
„Е-поштата пристигна во еден часот по полноќ на мојата лична е-пошта и на е-поштата на секретарката. Исто така, пристигна и на е-поштата на училиштето, за која имаме пријавено дека не е во функција. По извршената проверка, полицијата ни даде дозвола да ја продолжиме наставата“, вели Хава Хасани, директорка на СМУ 8 Септември.
Од Секторот за внатрешни работи Тетово потврдуваат дека по извршените проверки и во двата случаи било утврдено дека дојавите се лажни.
Полицијата апелира до родителите на поголема внимателност и контрола врз децата, имајќи предвид дека законските санкции за вакви случаи се строги.
„Двата случаи се покажаа како лажни, но апелирам до граѓаните, имајќи го предвид искуството од минатата година, кога имавме стотици дојави за бомби и десетици лица беа приведени, а најголемиот дел беа малолетници. Законот во вакви случаи за малолетниците предвидува воспитно-педагошки мерки, но најголемиот дел од правната одговорност ја носат родителите. Апелирам до родителите да ги контролираат електронските уреди преку кои нивните деца комуницираат – телефони, лаптопи или таблети – и да имаат контрола врз тоа што прават и со кого комуницираат нивните деца“, изјави Фатмир Реџепи, портпарол на СВР Тетово.
Денешните случаи повторно го актуализираат бранот лажни дојави од минатата година во Тетово, кога честа мета беа учениците од гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“. Тогаш беа приведени неколку лица, од кои најголем дел биле адолесценти.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Училиштата во Тетово повторно мета на лажни…
Лажни дојави за бомби повторно ги вознемирија…
Хаос во Тетово: насилник ѝ се заканувал…
Пресметка меѓу повеќе членови на две семејства…
Дронови, хеликоптери и 31.000 надзорници ги обезбедуваат…
Новата учебна година во Турција почна денеска…
Маж од Тетовско две години ѝ барал…
Маж од Тетовско две одини ја уценувал…
Му побарале уплата на шалтер, тој го…
Инцидент се случил во Клиничката болница во…