Цар Самоил ќе биде само наследник на бугарското или и на независно царство?
Има ли основа вчерашниот манифестиран оптимизам од страна на бугарскиот премиер Кирил Петков дека има напредок во работата на заедничката македонско-бугарска комисија за историски и за прашања на учебниците и оти е постигната согласност за неколку значајни личности, за каква и чија намена е дадена, ќе се знае многу скоро. Според најавите од македонскиот дел од комисијата, уште в петок, кога треба да заврши новата, дводневна средба на колегите од Скопје и од Софија.
На последниот дводневен состанок, што кон крајот на февруари се одржа во Софија, членовите од двете страни не оставија многу простор за оптимизам. Зашто, и тогаш камен на сопнување се покажа цар Самоил, иако неговата личност за политичарите се води како веќе решено прашање, заедно со светите Кирил и Методиј, како и за светите Климент и Наум.
За потсетување, минатата есен, членот на комисијата од македонска страна, проф.д-р Ванчо Ѓорѓиев поднесе оставка поради политички притисоци и отстапките од дотогаш прифатената содржина на протоколот токму за цар Самоил.
Првиот човек на бугарскиот дел од комисијата, Ангел Димитров, пред февруарската средба, во интервју за софиски „Труд“, одговарајќи на новинарско прашање да објасни на што се должат споровите за цар Самоил изјави:
-Да, во протоколот се велеше дека тој е бугарски владетел, продолжувач на бугарската царска традиција. Кога подоцна стана збор тоа да биде ставено во учебниците, нашите колеги избегаа од таа определба-тоа не било за учебниците, туку само за политичка употреба. Тие двојни стандарди се одраз на една нивна методологија.
Од друга страна, во декември 2020 година, значи пред повеќе од две години, првиот човек на македонскиот дел од комисијата, Драги Ѓоргиев, кога станува збор за цар Самоил изјави:
-Од наша страна, понудивме при претставувањето на цар Самоил во учебниците, учениците да имаат две перспективи на таа Самоилова држава: дека е наследник на средновековното Бугарско царство, но и дека има тези дека е независно царство. Од бугарска страна се инсистираше да биде само царство кое ја наследува традицијата на првото Бугарско царство. Тука заглавивме, тие инсистираа само на нивното гледање.
Ако е оправдан оптимизмот на бугарскиот премиер, тогаш членовите на комисијата од двете страни се согласиле или цар Самоил да биде само бугарски цар или и на тоа да биде цар на независно царство. Првата формулација ќе значи дека македонската страна се откажала од досегашниот пристап и целосно го прифатила бугарскиот предлог. Втората, пак, ќе значи дека бугарската страна конечно го сменила својот пристап и разбирањето на улогата на историјата и на историското образование во современите општества и градењето на добри односи, ослободени од политизирање на историјата.
За што и да станува збор, формулацијата ќе треба реципрочно да се користи и во македонските и во бугарските учебници.
Поаѓајќи од досегашното искуство, сепак малку е веројатно бугарските членови на комисијата да го прифатиле приодот, што го нудеше македонската страна, што пак со други зборови ќе значи дека нашите кренале раце и од цар Самоил! Па, учениците од учебниците ќе учат едно, а политичарите ќе можат да говорат нешто сосема друго! И без разлика на тоа, на крајот и Македонците и Бугарите ќе треба заеднички да го чествуваат!?
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Иџет Мемети се спогоди со Обвинителството
По спроведената постапка, а пред поднесување на…
Фрчат казни за непочитување на препораките од…
Државните инспектори за труд издадоа 16 решенија…
ВО ПЕТОК И ВО САБОТА ЌЕ СЕ…
Авионска дезинсекција против возрасни форми на комарци…
ЌЕ АПСАТ, ЌЕ КАЗНУВААТ, ЌЕ ЗАПЛЕНУВААТ ВОЗИЛА:…
Градоначалникот на Општина Кисела Вода и претседател…
Руски командант: Украина не го контролира целосно…
Украина претходно објави дека стигнала до градот…