„Ако можев јас да станам претседателка, може и секоја од вас“, им рече Сиљановска-Давкова на жените во технологијата

t

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во својство на покровителка, денеска на церемонија во Кабинетот на претседателот ги додели наградите за иновација, лидерство и влијание во ИТ екосистемот „Women in Tech® Macedonia Awards”.

Сиљановска-Давкова во своето обраќање на церемонијата рече дека денес, повеќе од еден век по Вирџинија Вулф и нејзината идеја за „сопствена соба”, пред жените се отвора нов простор – дигиталната соба, во којашто се создава новата архитектура на современиот свет. Посочи дека повеќе од половина од истражувачката заедница во државава ја сочинуваат жени, што за неа претставува сериозен интелектуален потенцијал и силна основа за развој на науката, иновациите и технологијата.

Претседателката порача дека не е доволно жените само да бидат дел од технолошкиот развој, туку рамноправно да учествуваат и во дефинирањето на правилата и вредностите на дигиталниот свет. Таа ја поздрави работата на организацијата Women in Tech, оценувајќи дека преку своите активности ги охрабрува младите девојки да се вклучат во светот на технологијата, науката и иновациите.

Според Сиљановска-Давкова, иднината нема да бара само технолошка прецизност, туку и емоционална интелигенција, а токму жените покажале и докажале извонредна способност и умешност да ја поврзат аналитичноста со човечноста, знаењето со грижата и лидерството со емпатијата.

„Кога една жена ќе успее, нејзиниот успех станува можност и охрабрување за многу други жени коишто доаѓаат по неа”, рече претседателката.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателката Сиљановска-Давкова.

Почитувани иноваторки, научнички, претприемачки, претприемачи,

Почитувани гости,

Вирџинија Вулф во својот чуен есеј „А Room of One’s Own” напиша дека на жената ѝ се потребни пари и сопствена соба за да може да пишува, односно да ја преточи имагинацијата од зборови и идеи во дела. Низ оваа мисла провејува длабоко барање: жената да го добие своето место во светот којшто предолго бил обликуван од машката моќ.

Во времето на Вирџинија Вулф, таа соба била симбол на интелектуална автономија и на творечка слобода. Денес, повеќе од еден век подоцна, пред нас се отвора нова соба – дигиталната.

Во оваа дигитална соба се создава новата архитектура на современиот свет, се развиваат алгоритмите коишто управуваат со информации, системи на вештачка интелигенција коишто анализираат и предвидуваат, сајбер-мрежи коишто ја штитат безбедноста, платформи коишто ги поврзуваат економиите, податочните екосистеми и коишто влијаат врз начинот на кој учиме, работиме, комуницираме и носиме одлуки. Сè почесто моќта не се наоѓа само во институциите, туку и во кодовите коишто молкум ја моделираат секојдневната реалност.

Живееме во време кога технологијата ја менува и самата географија на можностите. Некогаш границите го одредуваа хоризонтот на успехот, а денес знаењето циркулира побрзо од секоја физичка дистанца. Една млада македонска инженерка, програмерка или истражувачка може да биде дел од престижни глобални истражувачки тимови, од меѓународните проекти за вештачка интелигенција, од стартап екосистемите и дигиталните компании, а притоа да остане дома. Во дигиталната ера, интелектот повеќе не живее врзан за едно место, туку слободно проникнува низ светот, небаре Пегаз во својот слободен лет.

Како жена, се радувам што повеќе од половина од истражувачката заедница кај нас ја сочинуваат жени. Ова укажува на сериозен интелектуален потенцијал, на огромен, сè уште недоволно искористен ум, знаење, креација и иновација. Да повторам, кога половина од популацијата нема целосен пристап до просторите каде што се создаваат технологиите, тогаш не губат само жените, туку слабее општеството, науката, економијата, а со тоа и самиот хоризонт на иднината.

Низ историјата, жените создавале, откривале и придонесувале многу повеќе отколку што времето било подготвено да го признае тоа. Нивниот труд често останувал потивок од одекот на нивното дело, а признанието доаѓало подоцна, минимизирано или припишано на други.

Затоа, денес не е доволно жените само да бидат дел од технолошкиот развој, туку е неопходно рамноправно да учествуваат во дефинирањето на правилата, приоритетите и етичките граници на дигиталниот свет.

Затоа, се работи за едно од најзначајните современи движења за надминување на родовиот јаз во технологијата и во науката. Особено е важно, што оваа визија добива силен и автентичен израз преку Women in Tech. Со својата работа, организацијата отвора „македонска дигитална соба” преку којашто младите девојки ќе можат да се нурнат во светот на технологијата.

Да бидам искрена, со задоволство прифатив да бидам покровителка на Women in Tech® Macedonia Awards и заеднички да ги запознаеме и да ги истакнеме жените кои не чекале иднината да им биде подарена, туку во синергија со мажите, самите почнале да ја кодираат.

Признанијата се доделуваат на жени и на мажи коишто работат во најдинамичните области на денешницата: вештачката интелигенција, сајбер-безбедноста, дигиталното претприемништво и едукацијата. Особено се истакнуваат жените кои со своето знаење и визија ја менуваат технолошката сцена, но и мажите кои како сојузници, поддржувачи и партнери придонесуваат за таа промена. Ова е потврда дека денешната дигитална соба има многу катчиња: некаде се создаваат алгоритми, некаде се енкриптираат податоци и инфраструктури, некаде се развиваат децентрализирани системи, а некаде се создаваат нови образовни модели за идните генерации. Сите ги обединува „source code” на современиот свет: знаењето, визијата, одговорноста, а женската перспектива ѝ дава човечки пулс на сложената дигитална архитектура.

Вештачката интелигенција може со огромна брзина да анализира, да пресметува, да обработува информации и да носи заклучоци. Но, ниту еден алгоритам и софтвер не можат да ја репродуцираат човечката совест, емпатијата и способноста да се биде потпора на другиот во мигови на страв, болка или неизвесност.

Токму затоа, иднината нема да бара само технолошка прецизност, туку и емоционална интелигенција. А, жените покажале и докажале извонредна способност и умешност да ја поврзат аналитичноста со човечноста, знаењето со грижата и лидерството со емпатијата. Жената знае да утеши, да охрабри, да создаде чувство на сигурност, припадност и човечки дамар. Оваа перспектива ќе биде неопходна за технологијата да остане средство за човечко унапредување, а не цел сама по себе.

Почитувани,

Кога една жена ќе успее, нејзиниот успех станува можност и охрабрување за многу други жени коишто доаѓаат по неа. И самата сум пример дека кога една жена ќе добие простор и соба да го покаже своето знаење, тогаш се рушат многу граници коишто долго изгледале непроменливи. Запомнете: Ако можев јас да станам претседателка, може и секоја од Вас!

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

„Ако можев јас да станам претседателка, може…

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во својство на покровителка,…

Мицкоски со честитки до Јанша: Македонија и…

Премиерот Христијан Мицкоски денеска остварил телефонски разговор…

Спасовски: Застојот кон ЕУ не е последица…

Пратеникот и поранешен министер Оливер Спасовски оцени…

ДС ги осудува вчерашните протести на студентите…

Демократски сојуз најостро ги осудува вчерашните протести…

(Видео) Прв сериски убиец со дело фемицид…

ОЈО Куманово спроведе предистрага и истрага од…