Ако продолжите со манипулациите, ќе останете и без тие неколку пратенички столчиња – Тошковски за барањето оставка од СДСМ
Министерството за внатрешни работи во изминатите две години по сите параметри и статистики има подобри резултати споредено со претходните 20 години, рече од собраниската говорница министерот Панче Тошковски одговарајќи на обвинувањата од опозицискиот СДСМ за колапс на безбедносниот систем во државата и барањата за негова оставка од функцијата.
Обвинувањата и барањето оставка од Тошковски дојдоа од пратеникот на социјалдемократите Миле Талески, кој на денешната седница за пратенички прашања упати серија критики до ресорниот министер барајќи одговори за петте тони марихуана што беа запленети во Србија, а кои според досегашната истрага потекнува од Македонија, наводната шпионажа во кабинетот на претседателката на државата, убиствата, семејното насилство и многубројните, како што кажа, безбедносни пропусти. Пратеникот праша и дали вицепремиерот задолжен за добро владеење Арбен Фетаи, кој подолг период не доаѓа на работа, сè уште користи обезбедување од државата.
„Дека нема систем, дека МВР не функционира и дека граѓаните се оставени сами на себе – јавноста одамна знае. Состојбата е алармантна. После толку жртви, убиства, насилства, 5 тони дрога преку граница и целосен распад на безбедносниот систем, се отвора едно суштинско прашање: што уште треба да се случи. Премногу човечки животи згаснаа, премногу семејства се уништени, а секоја нова трагедија е нов доказ дека МВР под ваше раководство не функционира ниту како превенција ниту како заштита. Во Прилеп беа запалени 24 возила, опожарен ноќен клуб, во двор од куќа беше фрлена бомба, во друга беше поставена експлозивна направа, а угостителските објекти станаа мегдан за насилство и оружени пресметки… Дали чувствувате лична, морална и политичка одговорност за состојбите во МВР и дали конечно ќе поднесете оставка?“, праша Талески.
Министерот за внатрешни работи, одговарајќи на прашањето, рече оти според него е добро што нема разлика помеѓу СДСМ, Левица и ДУИ и оти е добро што во ист ден од Социјалдемократскиот сојуз бараат оставка од него врз основа на нивна перцепција, а Левица повикува на интерпелација.
„Кај и да е, во текот на денов ги очекувам и овие од ДУИ да излезат“, рече Тошковски.
Според него, потезите на опозицијата се исклучиво во рамките на нејзиниот личен интерес за да ги задржат, како што рече, и тие неколку столчиња што ги имаат од претходните парламентарни избори.
„Јас ве уверувам пред целокупната македонска јавност на наредните парламентарни избори, вака ако продолжите, ќе имате само некое столче минус. А времето ќе каже дали сум бил во право или не сум бил во право“, кажа министерот за внатрешни.
Осврнувајќи се на резултатите во изминатите две години, колку што тој го води Министерството, Тошковски посочи дека откривачката дејност на МВР е на ниво од 67,2 проценти или, како што наведе, најдобра во последните 20 години. Во тој контекст, министерот ѝ порача на опозицијата дека треба да се гордее со ваквите бројки, а не да измислува приказни.
„Тоа се факти, тоа се бројки. Вкупниот криминалитет, господине Талески, е најмал во последните 20 години, и тоа се бројки, тоа се статистики кои се добиени од страна на луѓето кои работат во МВР и тоа е факт, тоа се бројки. И сега вие велите, најнебезбедно од една страна, а од друга страна, согласно, бројкиве коишто ги имаме од страна на службите коишто работат во Министерството, велат имаме најмал вкупен криминалитет во последните 20 години. И тоа е факт којшто вие не можете туку така лесно да го изманипулирате“, рече Тошковски.
Говорејќи за семејното насилство, тој призна дека вкупниот криминалитет е зголемен за околу 60 отсто, но тоа, посочи, се должи на измените во Кривичниот законик (КЗ) што ги донесе актуелниот парламентарен состав и со нив предвиде по службена должност да се водат одредени постапки кои во минатото биле заташкувани.
„Сега постапуваме многу поажурно и многу подобро. И да, овие бројки ќе се зголемуваат. Зошто, заради тоа што сега имаме институционален одговор којшто е побрз. Имаме итни мерки по коишто постапуваат судовите, имаме отстранување од домот на насилниците и имаме институционално дејствување коешто е подобро од претходно. Тоа е факт. Дали вам ви се допаѓа или не, тоа е ваша работа. Дали е така, така е. Дали е доволно, не е“, рече министерот.
Во врска со наводната шпионска афера во кабинетот на претседателката на државата, Тошковски ѝ забележа на опозицијата оти не му е јасно како таа се координира со обвинителските служби и во јавноста објавува информации во рамки на предистражни постапки што се водат во МВР по наредби дадени од страна на јавни обвинители.
„Оваа говорница не ве штити од информации изнесени во јавност коишто се поврзани со нарушување на тој принцип на тајност. Не ве штити, да знаете“, кажа министерот одговарајќи на прашањето.
Осврнувајќи се на петте дони дрога, Тошквоски повтори дека Македонија и Србија имаат билатерален договор и оти во рамки на системот со едно застанување на граница, Србија го контролира влезот на стоки во земјата.
„Има една народна поговорка која вели: ‘сто пати повторена лага станува вистина’. Тоа не значи дека МВР пуштило пет тони дрога. Македонија и Србија имаат билатерален договор и секој влез го чува својата држава, Србија го чува својот влез. Мене ми е жал што вие не го имплементиравте ‘Оне стоп“, рече министерот додавајќи дека ваков пристап, освен со Србија има и со Косово, а системот треба се имплементира и со Албанија.
На прашањето на пратеникот Талески за тоа дали вицепремиерот Арбен Фетаи користи службено обезбедување, Тошковски рече дека не води дневна евиденција и побара за тоа да се поднесе писмено барање на кое ќе одговори.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Ако продолжите со манипулациите, ќе останете и…
Министерството за внатрешни работи во изминатите две…
Камион пропадна среде новоасфалтирана улица вредна 130.000…
Неодамна реконструираната улица „Аџи Мустафа“ во Охрид…
Муцунски: Не е точно дека од државата…
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија,…
Сиљановска уште еднаш рече дека е збунета…
Јавното обвинителство не требало да дава изјави…
Дебатата во ЕУ се вжештува: Рама прифаќа…
Албанскиот премиер Еди Рама изјави дека неговата…