(Анализа) Украинските последици врз Македонија – инфлација и стагнација

t

Нападатот на Русија на Украина веќе ги поскапи гасот и нафтата, се очекуваат нови цени на вештачките ѓубрива, пченицата, пченката, јачменот… Санкциите кон Русија кои ги воведе ЕУ и САД и македонското прифаќање на тие санкции, а и најавениот одговор на овие санкции од Русија повеќе од сигурно е дека ќе имаат сериозно влијание и на македонската економија.

Економистите веќе предвидуваат дека македонското земјоделство, прехранбената индустрија, винарската, фармацијата, металната и компаниите кои се поврзани со набавка на енергенси ќе трпат големи штети по руската инвазија на Украина и од економските санкции кои почнаа да се спроведуваат. За кратко време ќе мора да се бараат нови пазари за пласман, но и за увоз на производи и суровини.

Една третина од македонските земјоделски производи завршуваат на рускиот пазар. Таму се извезуваат и 2,4 милиони шишиња вино. Во Русија се извезува македонски ајвар, јаболка, праски, нектарини, рана зелка, лекови… Веќе се стопирани набавките за металната индустрија. Се враќаат и македонските камиони полни со стока за рускиот пазар.

И светските и домашните аналитичари се децидни дека глобалната економија ќе доживее голема криза, ќе расте инфлацијата, а можна е и рецесија. Се разбира, на крајот најголемиот цех од ова нова криза ќе го почувствуваат граѓаните – ќе растат трошоците за живот и инфлацијата, а ќе паѓа нивниот стандард.

Бројките за надворешно-трговската размена на Македонија со Русија и Украина се мали. Во 2021 година Русија учествува со 0,7 отсто во вкупниот извоз на Македонија. Тој процент за Украина е уште помал – со 0,2%.

На другата страна, Русија учествува со 1,7 отсто, а Украина со 1,5% во македонскиот увоз.

Сепак, и покрај ваквите мали бројки неопходна е сериозна стратегија и проценка за неколку сценарија, за тоа колку руско-украинската криза ќе трае, дали се очекува нормализирање на состојбата до крајот на годинава или конфликтот ќе трае подолго. Треба да се направи проценка дали тоа ќе значи дека актуелното поскапување на цените на храната, на гасот и на струјата ќе расте или не на повисоко ниво во еден подолг временски период.

Електричната енергија ионака треба да поскапи ако власта остане на планираното да се врати ДДВ-то од 5 на 10%. И актуелните зголемени цени на електричната енергија веќе директно го погодија домашното стопанството.

Актуелната државна интервенција на обезбедување пари од буџетот за покривање на разликата од пазарна до регулирана цена на ЕСМ, само ја зголемува дупката во државната каса. Парите за справување со енергетската криза од 5,3 милијарди денари за 2022 година веќе се потрошени. Нов ребаланс ќе биде неопходен веќе од мај за да може се обезбедат средства за понатамошно справување со енергетската криза и заради акумулирање на стоковите резеви. Од последната седница на Советот за безбедност дознаваме дека имаме резерви на пченица, пченка, нафта… Сепак вчера српскиот претседател Александар Вучиќ откри дека Македонија од Србија набавува 50.000 тони пченица и 25.000 тони пченка. Власта убедува дека се работи само за редовни годишни набавки за стоковите резерви.

Веќе нема сомневање, велат експертите, дека еден од посериозните ефекти на оваа криза врз македонската економија е намалување на извозот и на инвестициите, кон и од ЕУ. Македонија извезува 77 отсто од вкупниот извоз во земјите членки на ЕУ, а бројката на увоз од тие земји е 46 отсто.

Растот на цените на енергенсите и храната еднакво негативно делува и на куповната моќ на населението во ЕУ и нивната потрошувачка. Тоа автоматски значи и помала побарувачка за нашите извозни производи, но и услуги (туризам на пример).

Неофицијално веќе се направени и проценките за намалување на девизните дознаки на нашите иселеници кон Македонија. Знаејќи го значењето на овие дознаки за македонските домаќинства, тоа ќе значи и намалување на расположливиот доход во Македонија и личната потрошувачка, која веќе е поткопана заради високата инфлација.

Странските инвестиции последниве четири години не ни беа баш некоја силна страна, а очигледно тоа така и ќе остане најмалку и за годинава.

И кај домашните компании, во услови на раст на трошоците на производството, профитите ќе бидат сосема поинакви. Ако ги има.

За очекување е и повисока каматна стапка на планираниот нов пазарен долг преку најавената еврообврзница.

Грубата пресметка за преносот на повисоките цени на нафтените деривати на инфлацијата (кои имаат пондер од 5,8% заедно) е дека ако цената на суровата нафта од 100 долари за барел се искачи на 120 долари, ефектот на инфлацијата во Македонија ќе биде околу 1 процентен поен плус на сегашната инфлација. Вчера цената на барелот нафта на лондонскиот пазар порасна за 4,43 отсто, на 109,62 долари.

Дополнителниот пораст или задржување на висока цена на електрична енергија е неповолно за бизнис секторот кој е на слободниот пазар, и има потенцијал да ги качи цените на финалните производи и услуги, односно да се рефлектира дополнително врз инфлацијата. Така, секундарните ефекти од растот на цените на енергенсите веќе се отсликаа во базичната инфлација. Инфлацијата од август 2021 година до јануари 2022 година се зголеми за 2,4%. Ова значи дека повисоките цени на трошоците за производство (пред сѐ електрична енергија и течните горива) се отсликаа и во другите цени на производите и услугите, а тоа го плаќаат граѓаните преку поскапувањето.

Збирно, сите ефекти од потенцијален раст на цените на храната, тутунот, нафтата, секундарните ефекти од растот на цената на струјата и останатите суровини, би можело да не чини дополнителен раст на општото ценовно ниво од околу 4% од јануари до мај. Тоа е сериозно висока инфлација на краток рок, но за подолг рок зависи од прилагодувањето на цените на светските берзи. Инфлацијата пред се ќе значи повторно намалување на куповната моќ на населението, во услови кога нема усогласување на плати со инфлацијата, а со тоа и пониска приватна потрошувачка.

За 2022 година, во отсуство на градежната активност на државата (подолг временски период нема капитални инвестиции), во отсуство на домашни инвестиции кои се поткопани заради ударот од растот на трошоците за производство, во отсуство на странски директни инвестиции кои веќе неколку години се сведуваат на реинвестирана добивка на веќе постојните капацитети (која ќе биде намалена оваа година), во отсуство на приватна потрошувачка и раст на извозот, економијата значително ќе стагнира.

Ова ќе има рефлексија на приходната страна на буџетот и со тоа на структурата на трошење на буџетските пари. Тоа што Владата не ги реализира капиталните инвестиции веројатно ќе го правда со зголемени трошоци за справување со енергетската криза, која требаше да се предвиди со сериозни анализи и буџетски проекции уште на крајот од 2021 година со носење на посоодветен буџетот за оваа година.
Извор: МКД мк

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Зеленски удри по Шолц: Не ни дава…

Украинскиот претседател Володимир Зеленски остро го критикуваше…

Бајден: Пристапот на Нетанјаху во Газа е…

Пристапот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху кон…

Борел: Американскиот „одбранбен штит“ над Европа наскоро…

Американскиот „одбранбен штит“ над Европа наскоро би…

Франција повеќе не е заинтересирана да разговара…

Франција повеќе не е заинтересирана за „разговор…

Лавров во Кина: Ја продолжуваме борбата против…

Русија и Кина ќе ја продолжат соработката…