Ангелов: Воспоставена изгубената контрола врз големиот пожар кај штипско Селце, огнот загрози повеќе викендици

t

Повторно е воспоставена контролата врз големиот пожар кај штипското село Селце, кој во текот на денот повторно се разгорел и се приближил до повеќе викендички, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.

Според Ангелов, пожарот претходно бил ставен под целосна контрола, но поради високите температури и силниот ветер, карактеристичен за ова подрачје, дошло до негово повторно разгорување и губење на контролата.

Поради опасноста од понатамошно ширење на огнот биле ангажирани засилени противпожарни сили. На терен се професионални противпожарни единици од Источна Македонија, тимови на Дирекцијата за заштита и спасување и доброволни пожарникари.

Во интервенцијата се вклучени повеќе противпожарни возила од различни видови, како и БТР на Дирекцијата за заштита и спасување, кој, како што посочи Ангелов, се користи за заштита на блиските викендички.

Ангелов изрази благодарност до пожарникарите кои, како што рече, со натчовечки напори и голема пожртвуваност успеале да ја запрат линијата на огнот која предизвикувала најголема загриженост поради опасноста за викендичките.

Според него, во подрачјето покрај пресушената река Лакавица има голем број викендички, поради што приоритет на екипите било да го спречат огнот пред да стигне до објектите.

Тој посочи дека во моментов на тој дел од пожарот е воспоставена контрола, а на повеќе места се распоредени доволен број пожарникари.

Ангелов очекува до вечерва под контрола да остане најмалку делот од пожарот кој ги загрозува викендичките.

Проблем останува горниот дел од пожарот, кој се движи во насока на планината Серта. Според Ангелов, екипите ќе се обидат да го спречат неговото ширење кон планината, подрачје кое и во претходните летни сезони беше зафатено од шумски пожари.

Во гаснењето од воздух се вклучени и „ер тракторите“ на Дирекцијата за заштита и спасување, како и два хеликоптери – еден полициски и еден армиски.

Екипите остануваат на терен, а активностите продолжуваат со цел пожарот целосно да биде ставен под контрола и да се спречи неговото ширење кон Серта.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Ангелов: Воспоставена изгубената контрола врз големиот пожар…

Повторно е воспоставена контролата врз големиот пожар…

400.000 евра за станови, 350.000 во ѕид:…

Нови докази и прислушувани разговори беа презентирани…

Тошковски за „Мазут“: Информациите ќе ја фрапираат…

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски очекува…

Превозниците се заканија со блокади, ЕУ одговори:…

Професионалните возачи од земјите кои не се…

Калас: На Украина итно ѝ се потребни…

Високата претставничка на Европската Унија (ЕУ) за…