Андонов: Не можам да ја поддржам Силјановска, му беше министер на Црвенковски

t

Професорот Оливер Андонов е дециден во тврдењето дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во неколку члена го прекршил Статутот на партијата при изборот на кандидат за претседателските избори на државата и нема намера да ја повлече тужбата поднесена до Управниот суд на Република Македонија.

При неговото гостување во утринската програма на Слободен печат, Андонов посочи дека конвенцијата на партијата, на која треба да биде избран претседателскиот кандидат не била јавно објавена, а не биле испочитувани ни другите одредби од Статутот, со тоа што во условите за учество на конвенцијата било наведено дека секој од кандидатите е потребно да има поддршка од барем 30 делегати.

– Во Статутот на партијата е јасно наведено дека кандидат за претседател на државата може да биде секој што ги исполнува законските одредби. Никаде не е наведено дека кандидатот треба да биде член на ВМРО-ДПМНЕ, ниту, пак, дека треба да има поддршка од 30 делегати. Тие делегати никој не ги знае, не ги знам ниту јас иако сум формално член на партијата – вели Андонов.

Тој ја повика кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, самата да ја испита процедурата по која е селектирана да ја претставува партијата на претседателските избори, прво како професорка од Правниот факултет, а потоа и како идна можна претседателка на Македонија, која најавува дека ќе биде коректив на власта.

Андонов вели и дека и натаму, заедно со другите поддржувачи на партиската фракција, која се залага за демократизација и враќање на идеолошките позиции на партијата, тој е член на ВМРО-ДПМНЕ, но во вакви услови не може да ја поддржи Гордана Силјановска-Давкова во трката за претседател.

– Како може да поддржам некој, кој во партијата како поранешен министер на Црвенковски доаѓа на мала врата, пежоративно да се изразам, доаѓа за кандидат за претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Јас како десничар, како член на ВМРО-ДПМНЕ, како поранешен функционер по разни органи на партијата, не можам да си дозволам таков луксуз да одам спротивно на мојата идеолошка определба – вели Андонов.

Тој порача и дека нема никаква амбиција да биде претседателски кандидат или да биде предложен за било која друга државна функција.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ