Апелација со пресудата за „Трезор“ го спасува угледот на судот и обвинителството
Нарачаните обвиненија заедно со политичките и неосновани пресуди ја урнаа довербата во судството и постоењето на правда. Наместо во судница со докази, делењето на правда се пресели на помпезно најавуваните прес конференции каде однапред се прогласуваа виновниците и без да се слушнат аргументите на втората страна, на граѓаните им се сервираа невистини за да се изврши јавен притисок и врз обвинителството и врз судот за „сечење на глави“. Тој што имаше превласт во медиумите, имаше привилегија да бира кој да биде гонет и колкава казна да му биде изречена. Правдата се сфаќаше како алатка за политичка пресметка со неистомислениците, а слоганот „Нема правда“ си стана цел за себе која беше веднаш реализина, затоа што се смирија оние кои имаа моќ да нарачуваат обвиненија.
Довербата во судството падна на мизерни 8% и практично нема човек кој смета дека правдата е независна и неселективна, а судиите и обвинителите одлучуваат врз база на аргументи.
Сега Апелацискиот суд Скопје беше ставен пред сериозен тест да продолжи по воспоставената пракса и да ги потврди обвинението и првостепената пресуда за случајот „Трезор“, па потоа загрижено да се чуди како во следната анкета довербата во правосудниот систем паднала уште пониско или да пресече и да им укаже на обвинителите и првостепените судии дека не може да се гони и суди по нарачка и без докази.
На крајот на минатата недела, апелациските судии се охрабрија и со пресудата за „Трезор“ одлучија да го прекинат магепсаниот круг во кој што правосудните органи си ги покриваат пропустите, а страда системот.
Апелациониот суд Скопје го врати предметот и констатираше дека првостепениот суд при постапувањето по овој предмет сторил суштествени повреди на одредбите од Законот за кривичната постапка, со што се доведува во прашање фактичката состојба и правилната примена на Кривичниот законик.
Правдата не смее да стане ефтино кафеанско мени
Политиката во Македонија е синоним за алчност, а власта е афродизијак кој го зголемува апетитот. Кога апетитот ќе се измеша со малку алкохол, нема политичар кој нема да се почуствува дека е „господ“ и нема да си нарача на менито „нечија глава“. Дали станува збор за комплекси, одмазда, политичка елиминација на конкуренцијата или едноставно израз на моќ, стартува прогонот, а правосудните органи се тие што треба да го испорачаат тоа што било побарано на менито.
Советот во Апелација кој одлучуваше за „Трезор“ одби да биде замастен готвач во некоја валкана кафеана кој на моќниот гостин ќе му испорача непринципиелни нарачки. Со враќањето на пресудата, Апелација практично им порача и на колегите од Основниот суд и од Обвинителството дека ниту тие не смеат да прифатат таква недостоинствена улога. Судот не смее да биде ничиј инструмент.
Неколку медиуми и во тек на постапката пред основниот суд се обидоа да информираат дека подготовката на предметот не е како што треба. Истите информираа дека ЈО нема докази во поткрепа на приказната што сакаа да ја продадат пред јавноста и пред судот. На тоа алармираше и одбраната, а не молчеа и дел од експертите кои за жал беа игнорирани од повеќето медиуми.
– „Сите докази се на база на претпоставки. ЈО нема отидено подалеку во однос на првичните претпоставки. Викаат имало дистрибутер. Па нормално е да има дистрибутер. Вие сега и лекови набавувате преку дистрибутери. Која е гаранцијата дека би била поефтина цената ако се одело директно со проиводителот, кога и така не е наведена цената“ изјави тогаш професорот Гордан Калајџиев во неговото гостување на телевизија Телма.
Според него, нема логика да се тврди дека е предизвикана некаква материјална штета, а да не може да се наведе кој имал противправна имотна корист и колкава била таа. Апсурдно е за Калајџиев да се претпоставува дека Мијалков или кој било друг функционер би сакал да направи штета на инситуцијата која што ја води без да има некаква корист. Тоа би значело дека самиот си става крај на политичката кариера.
Затоа ваквиот начин на конструирање на предметите, Калајџиев го толкуваше како обид на обвинителството да протне некаква формулација, за да обезбеди полесен пристап до осудителна пресуда без утврдени дејствија на извршување.
Затоа сега од суштинско значење е фактот да се разбере пораката испратена од советот во Апелација. Суштински е судиите да се охрабрат и да делат правда по закон, а не по нарачка. Суштински е да не се научи лекцијата и да не се вршат притисоци или доколку ги има, истите да бидат пресретнати и игнорирани од судиите.
Апелација со „Трезор“ го одбра патот на враќање на довербата
Предметот „Трезор“ долго време се наоѓаше во рацете на второстепените судии. Дали судиите имале притисоци да ја потврдат првостепената пресуда и какви биле тие притисоци, веројатно знаат само тие. Дали заради тие притисоци им требаа на судиите неколку месеци за да пресечат и донесат одлука, јавноста засега нема информации, но одредени медиуми изминатиов период се обидуваа да го инволвираат и судскиот совет прозивајќи ги судиите побргу да се произнесат, иако за тоа нема законски рокови.
Факт е дека во овие седум месеци, по одржување на јавната седница во Апелација, советот требаше правосилно да одлучи дали е точно тоа што Основниот суд сметал дека поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков бил во Англија да ја набавува опремата, иако за тоа нема ниту еден доказ ?
Дали Апелација требаше да замижи дека во март 2017 година, обвинителката Ленче Ристовска се обратила до британските власти, а во април 2018 година добила одговор од британскиот Хоум офис во кој Британските власти уредно одговориле на сите 14 прашања на нашето Обвинителство и посочиле дека нема записи, ниту физички и електронски докази, дека било кој од обвинетите или другите лица биле во посета во Обединетото Кралство во врска со договорот, или дека комуницирале со компанијата ГАММА?
Дали Апелација требаше да игнорира дека на прашањето на нашето Обвинителство „дали од ГАММА е дадено овластување за Македонија, со кое се овластува правно лице да продава, сервисира, поддржува и одржува производи на ГАММА ЛТД“, добиен е јасен и прецизен одговор: „Производителот има издадено сертификат со кој се идентификува Финзи како префериран партнер, официјален препродавач и давател на услуги за поддршка на ГАММА Интернационал ЛТД“ ?
Дали апелација требаше правосилно да потврди дека фирмата која ја набавила опремата остварила противправна имотна корист, иако нема никакво економско вештачење во прилог на таа теза ?
Дали Апелација не требаше да се зачуди зошто Јавниот обвинител во завршните зборови врши корекција на „штетата“ што е наведена на почетокот на процесот и ја менува од 440.000 евра на 432.000 евра, а за тоа не е понудено економско вештачење, ниту при допрецизирањето во завршните зборови не е објаснето врз основа на што настапила измената?
Дали Апелација требаше да молчи во однос на тоа дека ЈО не изразило никакви забелешки на вештачењето што го подготвила одбраната на обвинетите кое покажало дека од оваа зделка „Финзи“ остварила добивка од неполни 100.000 евра за 4 години или по 25.000 евра годишно, односно околу 2.000 евра секој месец што според пресметките на економските експерти, е само 3,86 отсто од приходите на „Финзи“ остварени во тој период.
Дали Апелација требаше правосилно да потврди дека Мијалков влијаел врз комисијата за набавки, иако нема ниту еден материјален доказ, а членовите велат дека тој воопшто не ургирал ? Дали Апелација не требаше да го земе предвид сведочењето на Ѓоко Поповски, кој во ниту еден момент не потврди дека имало било што незаконски во оваа постапка, или дека набавката била различна од која било друга?
Зошто Апелација не би ја гледала изјавата на Поповски кој под заклетва кажа дека не го познавал ниту сопственикот, ниту фирмата „Финзи“ и дека за набавката постапувале комисии, како и во секој друг предмет.
Одговорот на сите овие прашања е еден. Апелација не смееше и не можеше да молчи на суштинските поврди направени во предметот „Трезор“.
Сега останува само јавноста да види дали ЈО и првостепениот суд ја научија лекцијата одржана од нивните колеги.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Петрова најавува сопки и за Србија во…
Бугарија не дава безусловна поддршка на ниту…
Кривични пријави за двајца педофили од Скопје:…
Двајца мажи на возраст од 47 и…
(Видео) ЦИРКУС ВО СРПСКОТО СОБРАНИЕ: Пратеник му…
Лидерот на опозицијата, Александар Вучиќ, му се…
Иран негира вмешаност во планираниот терористички напад…
Ги отфрламе како целосно неосновани тврдењата на…
Предложен притвор за вработен во ДЗС осомничен…
Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за…