АРМ ќе ги задоволува потребите за струја од сопствено производство

t

Водени од програмата на Владата во однос на заштитата на животната средина, како и агендата НАТО 2030, која климатските промени ги постави како безбедносно прашање од највисок приоритет, Министерството за одбрана го изработи Планот за повисоки еколошки стандарди во одбраната и се позиционираше како лидер помеѓу институциите во заштитата на животната средина.

Министерката Славјанка Петровска денеска во касарната „Илинден“ го претстави овој План кој се спроведува преку четири столбови – пренамената на затоплувањето од користење на загадувачки во незагадувачки енергенси, изградбата на фотоволтаични електрани на објекти во касарните, зголемување на енергетската ефикасност на армиските објекти, како и континуираното следење на влијанието на армиските активности врз животната средина. Петровска порача дека еко – одбраната не е само план на хартија, туку еден од клучните приоритети на сојузничката безбедносна политика кои Министерството ќе ги реализира.

„Со пренамената на затоплувањето од користење на загадувачки во незагадувачки енергенс, количината на јаглерод диоксид од армиските касарни ќе се скрати за половина. Касарната „Илинден“ е гасифицирана, а во Касарните „Страшо Пинџур“ во Петровец и „Боро Менков“ во Куманово целосно е завршена потребната инсталација и наскоро и двете касарни ќе бидат поврзани со гасовод. Касарната „Гоце Делчев“ во Скопје е веќе приклучна на скопската дистрибутивна мрежа, а во моментов се работи на приклучување на последниот објект во оваа касарна. Пренамена на енергенсот се планира и за останатите касарни низ државата“, рече министерката Петровска.

Во однос на изградбата на фотоволтаични електрани до 2024 година, министерката истакна дека заштедите на средства наменети за електрична енергија по инсталацијата на фотоволтаичните електрани се проценети на ниво од над еден милион евра годишно. На овој начин Армијата своите потреби за струја ќе ги покрива исклучиво од ова сопствено производство.

Министерката информираше дека зголемувањето на енергетската ефикасност со што се заштедуваат и струја и топлинска енергија за армиските објекти веќе е во фаза на реализација – целосно се реновирани 5 големи објекти, во фаза на целосна реконструкција се 7 исто така големи објекти, а за 2023 планирана е реконструкција на најмалку 5 објекти, низ сите касарни и за сите единици на Армијата.

Мерењето на влијанието на армиските активности врз животната средина, исто така, веќе е практика. Универзитетската лабораторија АМБИКОН на штипскиот Универзитет, со мониторираше две големи последователни вежби во 2019 и 2021 година, а резултатите покажаа дека армиските активности немаат никакво штетно влијание врз природната средина. Мерењето се спроведува и за време на вежбата „Swift response 22“ а резултатите ги очекуваме по завршувањето на вежбата.

Министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини порача дека
она што во моментот се работи и е од особена важност е мапирање на сите јавни институции на државно и локално ниво, начинот на нивно затоплување, состојбите со енергетската ефикасност на објектите и можностите и плановите за интервенција, а собраните податоци се јавно објавени на веб страницата на ова Министерство преку ново креираниот дигитален регистар.

„Сметам дека извонредниот пример што го дава Министерството за одбрана преку Еко-одбраната е одличен практичен пример што треба да направат сите останати министерства, државни институции, а особено локалните самоуправи, бидејќи само со точен увид во состојбите може правилно да се проектираат и мерките и средствата потребни за нивна реализација“, рече Нуредини.

На прес-конференцијата, професорот Драган Миновски од штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“, изработувач на Анализата врз која е изработен Планот на Министерството истакна дека му претставува чест што е дел од овој значаен проект за Армијата и за државата, проект што ќе придонесе за поголема енергетска ефикасност, заштеди на енергија и еколошки бенефити за Армијата и за државата.

„Согласно анализата можноста за инсталирање на фотоволтаични електрани е на ниво од 10,3 мегавати инсталирана моќност што е на рангот на сега пуштената нова фото-волтаична електрана од страна на АД ЕСМ во термоелектраната Осломеј во Кичево. Оваа инсталирана моќност би придонела за годишно производство на електрична енергија на ниво од 12.000 мегават часови, а вкупната инвестиција се проценува на некаде околу 6 милиони евра и многу брз поврат во рамки од пет ипол до шест години со сегашните цени и пазарни услови во делот на електричната енергија“, појасни професорот Миновски.

Извор: Локално

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Отворен ден на Армијата во Кичево

Министерството за одбрана и Армијата на Република…

Отворен ден на Армијата по повод четири…

Министерството за одбрана и Армијата на Република…

Аирлија: Стејт департментот одобри продажба на тактички…

Американскиот Стејт департмент одобри можна продажба на…

Петровска: Продолжува санацијата на сидриштето пред Центарот…

Санирањето на сидриштето за пловила пред Центарот…