Објавено на:

АфД пред историска победа

t

Екстремнодесничарската партија Алтернатива за Германија (АфД) е голем фаворит на неделните избори во сојузната покраина Саксонија-Анхалт, но тоа сепак не значи дека таму ќе успее да формира влада.

Саксонија-Анхалт, со своите 2,2 милиони жители, 1,7 милиони гласачи и удел од само 1,8 отсто во вкупниот БДП на Германија, има речиси никакво влијание врз севкупната слика во земјата. Но по изборите оваа недела, оваа сојузна покраина сепак би можела да влезе во историските книги.

Иако освојувањето апсолутно мнозинство во моментов е малку веројатно, Алтернатива за Германија речиси сигурно, со повеќе од 40 отсто од гласовите, ќе стане најсилната партија во покраинскиот парламент во Магдебург.

Според последното истражување на јавното мислење спроведено за јавниот сервис ЗДФ, АфД може да смета на 40 отсто од гласовите. Моментално владејачката Христијанско-демократска унија (ЦДУ), предводена од актуелниот премиер на покраината Свен Шулце, би освоила 23 отсто.

Следуваат Левица со 13 отсто, Социјалдемократската партија на Германија (СПД) со девет и Зелените со шест отсто.

Продолжување на актуелната влада само со помош на Левица

Со оглед на тоа што таквите резултати не би биле доволни за сегашната коалиција на ЦДУ, СПД и Зелените да продолжи да владее, останувањето на власт би било можно само со поддршка од Левица, партија што ЦДУ ја смета за само нешто помало зло од АфД.

Кон двете партии од крајната десница и крајната левица, ЦДУ, предводена од актуелниот канцелар Фридрих Мерц, симболично го подигна таканаречениот „противпожарен ѕид“, со кој се исклучува соработката.

Но тој ѕид веќе попушти во сојузните покраини Тирингија и Саксонија, каде што ЦДУ владее со поддршка од Левица, наследничка на владејачката Социјалистичка партија на единството (СЕД) во поранешна Источна Германија. Левица веќе најави подготвеност за соработка бидејќи, како што соопшти, е подготвена да направи сè за да спречи АфД да дојде на власт.

Во ЦДУ веќе се создава отпор кон таков вид соработка.

„Ние во 1989 година не излегувавме на улиците за сега повторно да им овозможиме на истите да учествуваат во власта“, изјави поранешниот покраински претседател на ЦДУ и борец за човекови права во Источна Германија Карл-Хајнц Дере.

На мопед низ изборната кампања

Во меѓувреме, главниот кандидат на АфД во Саксонија-Анхалт, Улрих Зигмунд, ја обиколува покраината со познатиот мотоцикл „симсон“, некогашна гордост на индустријата на Источна Германија.

Симсон, всушност, се произведувал во соседна Тирингија, но Зигмунд во текот на кампањата го користеше овој производ како дел од „осталгијата“ – носталгијата по Истокот – и тврдењата дека „во Источна Германија не било сè толку лошо како што ни сугерираат на Запад“, што е еден од најчестите наративи на АфД, која е исклучително силна на истокот на Германија, на територијата на поранешна Источна Германија.

Во АфД не се оптоваруваат со фактот што во кампањата користат некогашен државен проект на планската социјалистичка економија, сè додека тоа им носи гласови. Ниту, пак, со тоа што потомците на еврејското семејство Симсон се побунија против злоупотребата на семејното име од страна на партија што нема проблем со ревидирање на минатото и кокетирање со неонацистички групи.

Зигмунд е „лицето од плакатите“ на источногерманската АфД: млад, исончан, полн со енергија и уверен во сопствениот успех. Тој е свесен дека шансите по 6 септември да стане првиот премиер од АфД на некоја германска сојузна покраина се мали, но е уверен дека порано или подоцна ќе успее во тоа.

„Владата на Свен Шулце, која успева да опстане само благодарение на поддршката од Левица, многу брзо ќе биде осудена на пропаст. А на новите избори тогаш ни следуваат најмалку 50 отсто“, уверен е Зигмунд.

АфД сè уште има шанси да освои апсолутно мнозинство доколку Зелените или СПД не го поминат изборниот праг, што според сегашните резултати од истражувањата на јавното мислење е малку веројатно.

„Ремиграцијата“ како заштитен знак

Доколку тоа сепак се случи, АфД најави брза примена на својата програма, која главно се темели на заострување на имиграциската политика и таканаречената „ремиграција“.

Под овој поим, кој во актуелната јавна дебата го воведе австрискиот екстремен десничар Мартин Зелнер, се подразбира депортација на граѓани од странско потекло кои живеат во Германија, па дури и на оние со германски пасош што, според мислењето на АфД, не се соодветно интегрирани во германското општество.

АфД во текот на предизборната кампања не објасни како има намера да ја спроведе оваа најава, со оглед на тоа што за имиграциската политика е надлежна сојузната влада. Во прилог им одат статистиките и многубројните медиумски написи за криминалот меѓу имигрантите, кои се натпросечно застапени кај кривични дела како силување или напади со нож.

Во Саксонија-Анхалт, всушност, живеат само околу седум отсто странци, што е двојно помалку отколку на сојузно ниво, но АфД успеа прашањето за странците да го наметне како централна политичка тема во сојузната покраина што, особено во здравствениот сектор, зависи од приливот на странска работна сила.

Опасност од проруска партија

Една од последиците од можната изборна победа на АфД во Саксонија-Анхалт се однесува на безбедносниот и одбранбениот сектор.

Стравувањата се движат од потенцијално поткопување на работата на разузнавачките служби до овозможување пристап до чувствителни информации на партија наклонета кон Русија. И во минатото АфД беше сомничена дека со честите прашања до германската влада поврзани со Бундесверот и помошта за Украина, всушност, работи за Москва.

На домашен план АфД би можела да работи на слабеење на Службата за заштита на уставниот поредок, односно германската внатрешна разузнавачка служба. Тоа е истата служба што многу покраински разграноци на АфД ги прогласи за противуставни, што овозможува нивно систематско следење, па дури и инфилтрирање агенти во самата партија.

АфД тврди дека Службата за заштита на уставниот поредок е алатка што се користи за слабеење на противниците на етаблираните партии, а дури се закани и со нејзино целосно укинување доколку освои апсолутно мнозинство и ја преземе власта во покраината.

Иако веројатно нема да може да оди толку далеку, АфД би имала простор да влијае врз работата на агенцијата, на пример со смена на водечките функционери. На разузнавачките служби, исто така, би можело да им биде наредено наместо на десниот екстремизам повеќе да се насочат кон левичарскиот радикализам, кој АфД го смета за „една од најголемите закани за внатрешната безбедност“.

Десни екстремисти што сакаат диктатори

Пратеникот во Бундестагот и експерт за безбедност Константин фон Ноц, заменик-претседател на парламентарната комисија за надзор на разузнавачките служби, очекува „драстични последици за безбедносната политика“ доколку АфД ја преземе власта.

„Десни екстремисти со силни врски со диктаторските режими во светот, пред сè со Русија, би можеле да дојдат на одговорни позиции со пристап до многу чувствителни безбедносни информации и бази на податоци“, изјави пратеникот на Зелените за Франс прес.

Разузнавачките служби во земјата разменуваат информации преку интерни системи за чувствителни теми, од осомничени екстремисти до планирани напади и таканаречени „хибридни закани“, вклучително и оние од Русија.

„Москва сака АфД да победи, јасно и недвосмислено“, изјави во интервју за ДПА Владислав Белов, руски експерт за Германија.

Победата на партијата на неделните избори воедно би претставувала и пораз за канцеларот Фридрих Мерц, силен поборник за поддршката на Украина против Русија, додаде Белов.

За Киев победата на АфД би била многу загрижувачка. Партијата водеше кампања против германската помош за Украина и се залага за обновување на купувањето руски гас.

Успехот на АфД во Саксонија-Анхалт многу би ѝ значел на партијата и за уште два важни покраински избори во септември, во сојузните покраини Берлин и Мекленбург-Западна Померанија.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

АфД пред историска победа

Екстремнодесничарската партија Алтернатива за Германија (АфД) е…

Сивата економија ја чини Македонија стотици милиони…

Сивата економија продолжува да биде еден од…

Муцунски од Киев: Македонија останува на страната…

Стоиме со Украина, која е суверена држава…

Нов хаос во Персискиот залив: Ирански танкер…

Ирански танкер беше погоден од американските сили…

Уапсени пет лица во Галичник, при претрес…

На 04.09.2026 во периодот од 19:20 до…