Ај да видиме што вика катиљ ферманот – дали Арафат Муареми и Артан Ајро правеле „Рекет“ но надграден и проширен?

t

Следниот пат кога ќе се запрашате зошто довербата во правосудството е 8%, или да бидам поспецифичен – неверојатни 92% од граѓаните не веруваат дека судовите, обвинителствата, правобранителите и адвокатите се чесни луѓе, тогаш, дозволете ми да ви објаснам.

Не верувам дека во Македонија постои човек кој нема слушнато за слчајот „Рекет“. Оној случај во кој „иднината на Македонското правосудство“ беше дамлосана од група корумпирани неспособници, кои од правдата си направиле тезга па продаваа притвори, пасоши, времени мерки, обвиненија за тросед, фотелја, уметничка слика, а богами и за неколку милиони евра.

Трагедијата е во тоа што наместо да служи за пример како не треба, во Македонија оваа пракса служи за пример како од обвинител можеш да станеш магнат. Од адвокат газда, а од судија да станеш хедонист.

И, внимавајте – (не)довербата во правосудниот систем не доаѓа од лично искуство на граѓаните, туку од искуство на некој близок, од информации кои ги слушнале или прочитале во медиумите. Тоа е поразително.

Еве, кажете ми, што се случи со оној судија кој земаше 500 евра мито во кола. Снимен, со видео и аудио. Има нешто за него?

Или кажете ми што се случи со Кацарска, која осуди две дузини луѓе на два века сургун без докази, само врз исказ на сведок кој има поголемо полициско досие од „Војна и Мир“ на Толстој – стана Уставен судија, беше наградена.

Што доби Љубинка Башевска, судијката која мене два пати (и покрај укажувањата на Апелација дека треба да ја преиначи пресудата) ме прогласува за виновен во едно рочиште. Ни укажувањата на Стејт Департментот не се доволни за неа. Ама, Башевска претпоставувам има внуче кое треба да гази напред во правосудните скалила.

Како и да е, најновата тезга на која се продаваат притвори, затвори, обвиненија, заплени, времени мерки и одземање пасоши по високи цени, ја отвориле содружнички двајца обвинители и еден директор на полиција. Некој за пари, некој за викендица во Маврово.

Случај „Труст“

Бизнисменот Сеад Кочан, сопственик на фирмата „Трансмет“ е осуден на шест години затвор и забрана за вршење на дејност во траење од три години затоа што со лажни документи учествувал и добил тендери за ископ на јаглен и јаловина во РЕК „Битола“ на АД ЕЛЕМ со што се здобил со имотна корист од 17 милиони евра. За истото кривично дело на три години затвор и забрана за вршење на дејност во траење од три години е осуден и застапникот на фирмата „Силекс Неметали“, Василије Авировиќ. Со ова по девет месеци заврши првостепената постапка за случајот „Труст“ на Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

Оваа пресуда подоцна Апелација на намали на четири години и осум месеци.

Во 2017. година од страна на тогашното СЈО бил пдонесен предлог за издавање времена мерка над имотот на „Трансмет“, инаку сопственост на обвинетиот во случајот „Труст“ Сеад Кочан на 22.03.2017 година. Од страна на судот се барало уредување на предлогот по што предлогот е отфрлен со решение КПП бр.213/17 од 13.04.2017 година.

Судот барал во рок од 25 дена да го уредат предлогот за конфискација на имотот на „Трансмет“, нешто што надлежните обвинители Артан Ајро и Гаврил Бубевски не го сториле, овозможувајќи му на Сеад Кочан кој инаку е обвинет во случајот да го испумпа имотот кој државата требала да го конфискува за да се обештети штетата направена врз буџетот.

На 09.мај 2017. година СЈО повторно поднеле предлог за издавање на времена мерка врз имотот на „Трансмет“, кој бил прифатен од страна на судијата Лидија Зимбаковска.

Меѓутоа, истиот ден кога е поднесен вториот, поправен, предлог за издавање на времена мерка од страна на СЈО, „Трансмет“ преку договор за купопродажба на недвижен имот од 03.05.2017 година го продал имотот на „ТВ Нова“, комапнија која исто така е во сопственост на Сеад Кочан. Точно на 09.05.2017 година, кога СЈО, поточно обвинителите Артан Ајро и Гаврил Бубевски поднеле поправен предлог за конфискација на „Трансмет“, Кочан успеал да го префрли целиот имот на „ТВ Нова“ и на истиот датум да го запише во Агенцијата за катастар.

Ако досега ви е премногу стручен ракописот, да појаснам.

Гаврил Бубевски и Артан Ајро, како надлежни обвинители му овозможиле на Сеад Кочан кој бил обвинет во случајот „Труст“ да го префрли целиот имот на „Трансмет“ на компании кои не биле дел од постапката, на тој начин задржувајќи го имотот за себе, а државата не успеала да ја наплати штетата која била направена врз буџетот.

Да биде ситуацијата уште потрагична, Кочан преку неговиот адвокат Никола Додевски поднел и гаранција со цел укинување на мерката притвор, за ставање на хипотека на имотот на „ТВ Нова“ – истиот тој имот врз кој била веќе ставена времена мерка – забрана за оттуѓување и оптоварување.

Инаку, како куриозитет, дел од имотот на „Трансмет“ го купил и актуелен пратеник на ДУИ, бизнисменот Исмаил Јаоски – Пуцко, кој од „Трансмет“ во компензација добил два атрактивни плаца на Водно.

Арафат Муареми, Гаврил Бубевски и Артан Ајро отвориле „тезга“

Обвинителите Гаврил Бубевски, Артан Ајро и Арафат Муареми кој во 2017 работел како истражител на СЈО, а сега како Директор на Финансовата полиција, ниту еднаш не извршиле проверка на имотот, иако знаеле дека имотот на „Трансмет“ е продаден на друго лице, со што се оневозможува државата да изврши конфискација и да ја наплати штетата врз државниот буџет.

Истите обвинители кои постапувале по предметот „Труст“, се согласиле имотот кој веќе бил опфатен со времена мерка – замрзнат – да биде дел од гаранцијата со цел укинување на мерката притвор на Кочан.

Колку за илустрација, што правиме ако овој имот кој бил прифатен за гаранција со цел укинување на притворот врз Кочан, треба да се извршува – во таа ситуација кој би имал предност, судот или владата?

Да биде ситуацијата уште поинтересна, Ајро и Бубевски воопшто не се жалеле на барањето за укинување на мерката притвор, иако истата била поднесена со неважечка гаранција.

Артан Ајро, како надлежен обвинител кој според логиката на нештата би требало да извојува најголема корист за државата, го отпишал од барањето за конфискација и комплексот „Емпорио мол“ – објект од 15.000м2 во сопственост на „Трансмет“ со цел исполнување на целта на пресудата – конфискација на имот и обештетување на државниот буџет.

Кажете ми, верувате сега дека Артан Ајро, Бубевски и Арафат Муареми немале договор со Кочан да не превземаат дејстивија и да се прават слепи додека се изигрува правдата? – И јас не верувам.

Еве, кажете ми зошто во случајот „Труст“ не било повикано и Државното правобранителство на Р.Македонија да се произнесе дали има штета врз државата или не?

На кратко, обвинителите Артан Ајро и Гаврил Бубевски биле должни да ги превземат сите дејствија во постапката, да го запленат имотот на „Трансмет“ пред истиот да биде префрлен врз компанијата „ТВ Нова“ – комапнија која е во стечај и има стечајни побараувања кон доверителите.

Практично, државата била оневозможена слободно да располага со имотот од 17 милиони евра, кој сега треба да го враќа на стечајните доверители.

Арафат Муареми

Арафат Муареми, актуелен директор на финансовата полиција во 2017 година како истражител во СЈО, дали поради непрофесионалност или намерно непревземање на мерки успеал да го заштити имотот на Сеад Кочан, кој потоа го префрлил на други компании, од каде пак државата немала можност да конфискува со цел да го обештети државниот буџет.

Проблемот на Арафат Муареми е во тоа што тој бил единствено одговорен да го следи текот на имотот на Кочан во случајот „Труст“, и за тоа да ги информира обвинителите кои потоа морале да поднесат барања и да ги спречат ваквите дејствија со цел државата да не биде оштетена.

Ниту Арафат, ниту Ајро и Бубевски не го направиле тоа.

Напротив, Арафат Муареми бил и „слеп“ во моментите кога 204 возила регистрирани на „Трансмет“ биле издавани на битолска компанија да работат на ископ на јаглен во РЕК Битола. Иако, сите овие возила биле претходно конфискувани со пресуда бр.1459/17. Тогашниот истражител, а сегашен директор на Финансовата полиција морал да го пријави ова и да превземе соодветни дејствија.

Трагедијата е во тоа што, ниту директорот на Агенцијата за управување со конфискуван имот не го пријавувал ова, па и покрај тоа што МВР, поточно СВР Битла во стотина наврати пишувале прекшоци за овие возила, ниту еднаш не биле одземени и вратени во Агенцијата за управување со конфискуван имот.

Државниот правобранител дури и барал од Љупчо Николовски да формира работна група во која ќе бидат вклучени сите релевантни институции со цел да разреши оваа ситуација и да не се оштети државата.

Иако Правобранителот барал во таа Комисија да бидат вклучени претседателот на кривичниот и апелациониот суд, судиите во кривичниот совет кои одлучувале по овој предмет и во прв и втор степен, Јавниот обвинител на Р.Македонија, обвинител од ОЈОГОКК, МВР – Николовски одлучил да го игнорира неколкупати, за на крајот да ја формира оваа Комисија во состав на Претседателот на Врховниот суд, Љубомир Јовевски, Вилма Русковска и директорот на Агенцијата за упраување со конфискуван имот Фатон Асани.

Комисијата има еден работен состанок на кој не е одлучено ништо, или со народен речник, Љупчо Николовски „замачкал очи“ и го ослободил од одговорност Арафат Муареми. Или, барем така мислел тогаш.

Но ваквото однесување на Муареми не е само во случајот „Труст“.

Кажете ми, се сеќавате ли дека Арафат Муареми иако споменат во исказите на оштетените во случајот „Рекет“ беше споменуван како пријател на Бојан Јовановски-Боки 13, не беше повикан во ниту еден случај како сведок?

Се сеќавате дека оштетените во своите искази споменуваа дека Боки 13 се заканувал дека ако не исплатат одредена сума на пари, Арафат Муареми ќе им отвори истрага?

Сигурно не се сеќавате, затоа што името на Арафат Муареми до сега беше паметно затскривано и премолчувано.

Шема „Рекет“, проширена и надградена

Нема да тврдам ништо во овој сегмент, но ќе поставам неколку прашања.

Дали е точно дека Директорот на финансовата полиција Арафат Муареми, преку негов пријател, инаку бизнисмен кој се занимава со продажба на електроника, светло и расвета врши рекет врз фирми?

Дали е точно дека една од компаниите е компанијата „Универзал бои и лакови“, од кој што биле побарани 500.000 евра рекет, за да се прекине истрага против него?

Дали е точно дека Артан Ајро и Арафат Муареми ветувале на бизнисмени дека ќе ургираат кај Вилма Русковска да не покрене обвинение против нив, а како противуслуга барале извесни суми на пари или недвижнини?

Дали е точно дека сега притворениот сопственик на компанијата „Бауер АГ“ исто така бил жртва на ваква „шема“ па од него било барано да изгради викендичка за Директорот на финансовата полиција на Маврово?

На прашањата може да одговорат и посочените, а ако не, ќе почекаме од истрагата и судот да ги одговорат овие прашања.

А.Митовски

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Каде е Директорот на финансова полиција?

Директорот на финaнсова полиција Арафат Муареми најверојатно…

Обвинител од СЈО доби унапредување

Обвинителот Гаврил Бубевски денеска е избран за…

Директорот на Финансова пред нова година купил…

Управата за финансиска полиција пред Нова Година…

Едно од опожapeните возила пред ЈП „Улици…

Eдно од оппожарните возила пред ЈП „Улици…