Бебе почина на Детската клиника во Скопје – семејството се сомнева на лекарска грешка
14-месечно бебе почина утрово на Клиниката за детски болести. Близок роднина на бебето низ солзи раскажува дека родителите неколку пати го носеле на Детска клиника, но таму одбивале да го примат во болница. Го враќале назад дома со објаснување дека неговата здравствена состојба е стабилна и ќе се излекува во домашни услови со помош на сирупи. Откако здравјето на бебето се влошило побарале помош од Клиниката за респираторни заболување Козле, а потоа оттаму било препратено во одделението за интензивна нега на Детската клиника, но таму набрзо починало. Роднината на починатото бебе вели дека на клиниката никој не им посветил внимание и не им објаснил што точно е проблемот.
„Околу 4 часот наутро се јави брат ми и ми вели дојди во болница затоа што ќерка ми е во лоша здравствена состојба. Јас отидов таму, но никој не даваше информации каква е состојбата. Само еден доктор дојде и кажа дека е во лоша здравствена состојба, но дека ќе направат сè што можат. Тропнав на вратата, но никој не ми отвори, па сам влегов и видов дека внука ми е почината“, вели Бесник Сулиси, роднина на бебето.
Роднините на бебето обвинуваат дека тоа починало бидејќи било препраќано од една на друга клиника и не било навремено примено во болница. Велат дека по обдукцијата на телото, ќе бараат одговорност од сите инволвирани во случајот.
Директорот на Детската клиника не открива дали детето претходно било на клиниката туку за евентуални пропусти упатува на надлежните институции кои ќе го истражуваат случајот. Тој вели дека сите кои биле на смена кога бебето починало се стручни лица и преземале сè што можеле да го спасат, но додава дека ова не е прв случај да почине некој на интензивна нега.
„Примено е во 3 часот на одделот за интензивна нега. На прием било во многу тешка состојба со ниска сатурација од 40%“, изјави Реџеп Мемеди, директор на Детска клиника.
Министерството за здравство вели дека за случајот ќе истражува комисија за стручен надзор во двете здравствени установи. Надзорот ќе се врши во присуство на одговорните лица на здравствените установи, како и на лекарите кои учествувале во лекувањето.
„ДСЗИ, согласно надлежностите ќе изврши вонреден инспекциски надзор во здравствените установи каде починатото бебе било лекувано: на Универзитетската клиника за респираторни заболувања кај децата во Козле, каде претходно се лекувало и на Клиниката за детски болести, каде денес во утринските часови било примено во болница и починало“, соопштија од Министерство за здравство.
Таткото не бебето во гнев искршил еден од компјутерите на клиниката, случај кој е пријавен и во МВР.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Арсовска го фати жив Ѓорѓиевски: На УСЈЕ…
Добро утро Орце Ѓорѓиевски. Незгодно ми е…
Брутален руски напад на Киев – најмалку…
Најмалку 15 лица се убиени, а 114…
(Фото) Закани кон родителите од Кочани: Не…
Продолжува голготата за родителите на починатите деца…
(Видео) Необична светлина над Шар Планина: Жител…
Жител на Брезовица вчера вечерта забележал и…
Македонија претпоследна во Европа по минимална плата
Според најновите податоци на Евростат, Македонија е…