Објавено на:

Борбени авиони на НАТО се кренаа на небото — соборија дрон што влезе во Латвија

t

Борбени авиони, ангажирани во мисијата на НАТО за заштита на воздушниот простор над Балтикот, денеска собориле „странско беспилотно летало“ во воздушниот простор на Латвија, соопшти војската на земјата.

Во соопштението, латвиските вооружени сили наведоа дека дронот навлегол во Латвија „како последица на руското електронско војување“ и дека бил пресретнат над регионот Балви, во источниот дел на земјата.

Војската распореди дополнителни единици за противвоздушна одбрана долж источната граница на Латвија и ќе продолжи да го надгледува воздушниот простор.

„Сè додека трае руската агресија врз Украина, можно е да се повторуваат случаите во кои странски беспилотни летала навлегуваат или се приближуваат до воздушниот простор на Латвија“, се додава во соопштението.

Дополнителни закани во воздушниот простор биле регистрирани и во општините Аугшдаугава, Прејљи, Резекне, Балви и Алуксне, но опасноста во меѓувреме престанала.

Дронови сѐ почесто навлегуваат во воздушниот простор на НАТО
Најновото пресретнување следува по сè почестите навлегувања на беспилотни летала во воздушниот простор на НАТО долж источното крило на Алијансата, кое останува особено изложено на безбедносните предизвици предизвикани од руската војна во Украина. Војната започна со руската инвазија од големи размери во февруари 2022 година.

Во јули, романски борбени авиони собориле три дрона во период од само три дена, во услови на зголемен број инциденти со беспилотни летала во земјата. Романското Јавно обвинителство утврдило дека најмалку еден од пресретнатите дронови бил од типот „Шахед“, каков што руските сили користат во војната против Украина.

Романски воени нуркачи во вторникот уништиле и два дрона од типот „Гербера“ во Црното Море, во близина на гасниот проект „Нептун дип“.

— За да се обезбедат безбедноста на пловниот пат и работите што се изведуваат околу платформата, беше донесена одлука беспилотните летала контролирано да се уништат со детонација — изјави тогаш романскиот министер за одбрана Раду Мируца.

Во јуни, украински поморски дрон експлодира во романското пристаниште Констанца, откако украинската војска соопшти дека леталото скршнало од курсот поради руско попречување со средства за електронско војување.

Друг дрон минатата недела експлодира во близина на компресорска станица од Трансбалканскиот гасовод во Бугарија.

„Целосна солидарност со погодените сојузници“
Сојузниците во НАТО во средата се состанаа за да разговараат за неодамнешните навлегувања и инциденти со беспилотни летала, изразувајќи „целосна солидарност и поддршка за погодените сојузници“.

„Сојузниците повторија дека Русија ја сноси целосната одговорност за нарушувањата на воздушниот простор, кои се опасни и неприфатливи и покажуваат дека Русија е сè поспремна да презема ризици“, соопшти НАТО, додавајќи дека Алијансата „е подготвена да одврати и да се одбрани од секоја агресија“.

Романски борбен авион Ф-16 лета за време на вежба за воздушно патролирање во 86. воздухопловна база Борча, во услови на зголемена загриженост поради прекуграничните навлегувања на дронови поврзани со Русија.

Во рамките на мисијата на НАТО за воздушно патролирање над Балтикот, сојузничките земји распоредуваат сили во четиримесечни ротации во воздухопловните бази Шјауљај во Литванија и Емари во Естонија. Тие може да бидат ангажирани по наредба на Комбинираниот центар за воздушни операции на НАТО во Идем, Германија.

Латвија, Литванија и Естонија, како земји домаќини, за мисијата обезбедуваат инфраструктура за воздушна команда и контрола, како и персонал. Мисијата првично беше воспоставена во 2004 година, а беше проширена во 2014 година, по руската незаконска анексија на полуостровот Крим.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Борбени авиони на НАТО се кренаа на…

Борбени авиони, ангажирани во мисијата на НАТО…

(Видео) Со огромен трактор влезе во огнот:…

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување…

(Видео) Директорка на основно училиште во Прилеп…

Директорката на ООУ „Кочо Рацин“ во Прилеп…

Роботакси доаѓа во Европа: Американскиот Uber и…

Американската компанија Uber и кинескиот Pony.ai денес…

Влен: Артан Груби е „црната кутија“ и…

Обвнинението за Артан Груби ги зовре страстите…