Браво! Злато за македонските информатичари на Европската јуниорска олимпијада по информатика во Кутаиси, Грузија

t

На 7-мата по ред Европска јуниорска олимпијада по информатика (ЕЈОИ 2023), која од 8-ми до 14-ти септември се одржува во Кутаиси, Грузија, младите македонски информатичари го постигнаа досега најголемиот успех: освоен е првиот златен медал за Македонија во историјата на ова натпреварување. Златниот медал на овој најпрестижен интернационален натпревар во програмирање за ученици на возраст до 15,5 години го освои Дамјан Давков од Штип, ученик од Математичко-информатичката гимназија во Скопје.

Забележително претставување имаа и останатите тројца членови на македонскиот тим: Владимир Грчев, сега осмоодделенец од Кочани, кој освои олимписка пофалба, како и Никола Стојковски и Андрија Младеновиќ од Скопје, кои беа многу блиску до освојување на олимписка пофалница – од ова значајно остварување ги делеа само 5 поени (од можните 600 поени на натпреварот).

Тимот беше раководен од лидерите д-р Миле Јованов и д-р Емил Станков, професори од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ). Овие ученици беа избрани преку целогодишен циклус на натпревари, којшто редовно се организира од Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), а оваа година се одржуваше по 34-ти пат. Натпреварите се одржуваат преку системот mendo.mk кој е достапен во текот на целата година за сите заинтересирани натпреварувачи.

Годинава, официјален домаќин на ЕЈОИ е Грузија, а главен организатор е Министерството за образование и наука на Грузија, во соработка со Интернационалниот универзитет во Кутаиси. Примарна цел на ЕЈОИ како значаен и елитен образовен настан е да се поттикне интересот за информатиката кај децата од помала возраст (до 15,5 години) во сите земји од Европа, како и да се овозможи на најдобрите европски млади таленти на оваа возраст да ги покажат знаењата и вештините кои што веќе ги стекнале во оваа област, а поконкретно во програмирањето. Секоја земја на ЕЈОИ учествува со тим кој се состои од 4 натпреварувачи, лидер и заменик лидер на тимот. Учениците се натпреваруваат во решавање на алгоритамски проблеми во два натпреварувачки дена.

Во својата изјавата, претседателот на ЗИМ, д-р Миле Јованов вели: „На овогодинешната олимпијада учествуваат вкупно 95 ученика од 24 европски земји. Пресреќен сум што во нашата богата колекција од медали од интернационалните натпреварувања од сега ќе го имаме и златниот медал. Огромниот успех се должи на континуираната работа и поддршка на учениците од наша страна, од страна на нивните ментори, нивните родители и се разбира, на нивниот талент и посветеност преку редовна работа да дојдат до посакуваниот успех. Ова е уште една потврда дека младите македонски ученици поседуваат и талент и знаење со кое што може да се рамнат, а некои од нив, како Дамјан, дури и да застанат пред своите врсници од цела Европа. Благодарам на ФИНКИ, и на општествено одговорните компании како Сорсикс, Нетцетера, Семос едукација и останатите кои редовно ги поддржуваат нашите активности.“

Следната, 8-ма по ред, Европска јуниорска олимпијада по информатика (ЕЈОИ 2024) ќе се одржи идната година во Молдавија. Следен настан пак, кој им претстои на македонските ученици – информатичари, е Балканската олимпијада по информатика (БОИ 2023), која ќе се одржи од 29-ти октомври до 4-ти ноември во Марибор, Словенија.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Солзавец и водени топови за растерување на…

Вработените во грузиското Министерство за внатрешни работи…

Македонките се мажат најмлади во регионот, на…

Жените во Македонија најмлади стапуваат во брак…

ЌЕ МОЖЕ ДА СЕ ГЛАСА И СО…

Пратениците денеска го изгласаа Изборниот законик, со…

Грузија ја обвини Украина дека се обидува…

Грузискиот премиер ја обвини Украина дека се…

Исчезна 14-годишната Ринеса: Ако имате било каква…

Новинарот Фуркан Салиу, објави дека е исчезнато…