Бројот на активни ковид случаи втор ден под 5000 во Македонија

t

Втор ден бројот на активни случаи на КОВИД-19 во земјава е под 5 000. Според вчерашната ковид-статистика, од направени 3.929 тестирања, регистрирани се 280 нови лабораториски позитивни случаи на SARS CoV-2, а оздравени се 156 пациенти, информира Министерството за здравство согласно податоците од Институтот за јавно здравје за последните 24 часа.

Регистрирани се и 10 починати лица. Во текот на изминатите 24 часа регистрирани се пет починати лица: по едно починато лице од Скопје (61г), Струмица (75г), Куманово (79г), Охрид (71г) и Крушево (45г), сите се починати во болнички услови. Согласно Регистарот на умрени лица со дијагноза КОВИД-19 од Мој Термин, пријавени се дополнително пет лица, починати во период од 17.11-22.12.2021 година. Починатите лица се од Гостивар (2), Тетово (2) и Кавадарци (1) и се на возраст од 62г до 69г. Од нив две лица се починати во болнички, а три лица починале во домашни услови.

Од новорегистрираните случаи, најмногу има во Скопје 137, а со двоцифрени бројки следат Прилеп со 24, Охрид 18, Битола и Штип по 15, Кавадарци 13 и Гевгелија 10.

Досега во земјата се направени вкупно 1.574.100 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица од почетокот на епидемијата изнесува 223.211, бројот на оздравени пациенти е 210.475, на починати е 7.904. Бројот на активни случаи изнесува 4.832 и според дистрибуцијата најмногу има во Скопје 2440, Прилеп 348, Битола 341, Охрид 250, Кавадарци 180, Струмица 137, Велес 131 и Куманово 114 случаи.

Првиот случај на сојот омикрон на вирусот SarsCoV2 во земјава е детектиран во четвртокот кај маж кој допатувал од Велика Британија. Надлежните здравствени власти најавија дека за време на празниците не се предвидуваат нови дополнителни мерки во земјава, а вакцинацијата останува единствен излез од пандемијата.

Прелиминарните податоци од Светската здравствена организација (СЗО), покажуваат дека сојот омикрон на коронавирус може да ја намали ефикасноста на вакцините против Ковид-19, но овој вид е помалку опасен од делта сојот.

Повеќе земји во Европа најавија зајакнување на мерките за заштита против Ковид-19. Научните советници на британската Влада предвидуваат дека сите нови антиковид мерки, вклучително и забраната за собирање во затворено, кои што почнуваат од вторник, 28 декември, треба да траат до 28 март следната година, со цел да се намали бројот на смртни случаи во Англија за 39 отсто.

Правилата ќе вклучуваат забрана за дружење меѓу членови на две домаќинства во затворени простории, враќање на собири до шест лица на отворено, додека пабовите и рестораните би можеле да ги одржуваат отворените делови.

Во Франција завчера се регистрирани најголем број новозаразени со Ковид-19 во еден ден – 104.611. Стапката на ширење во изминатите седум денови е нешто помалку од 647 случаи на 100.000 жители. Со оглед на наглото зголемување на бројот на случаи, Владата најави планови за воведување построги правила за пристап до некои локации, вклучително и ресторани и културни институции.

Според сегашните правила, посетителите мора да покажат документ дека се вакцинирани, прележале или неодамна имале негативен тест. Се очекува наскоро да се укине можноста за прикажување негативен тест.

Италија ги заостри мерките за спречување на порастот на инфекциите со Ковид, вклучително и забрана за сите новогодишни прослави бидејќи дневните инфекции достигнуваат рекордно ниво, соопшти италијанската влада. Министерот за здравство Роберто Сперанза рече дека носењето маски повторно ќе биде задолжително надвор и им нареди на граѓаните да користат маски Ffp2 во јавниот превоз и на јавни места, како што се театри, кина и спортски настани, бидејќи тие обезбедуваат поголема заштита.

Покрај тоа, концертите и настаните на отворено ќе бидат забранети до 31 јануари, а дискотеките и клубовите ќе мора да ги затворат вратите до тој датум за да спречат масовни собири за време на празничната сезона.

Слободно, без посебни рестриктивни мерки, без карантин и полициски час за разлика од лани, но со селф тестови, задолжителна маска, без јавни празнични манифестации и со значително поскапи цени, Грците ќе ги поминат божиќните и новогодишните празници, јави дописничката на МИА од Атина.

Во последен момент пред Божик, грчката Влада воведе мерки, но се однесуваат на задолжителната маска и на отворено и на затворено, а не само во затворените простори како што беше случај досега, како и на откажувањето на сите јавни божиќни и новогодишни манифестации.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Видео) Американски топ дипломат го уништи Христијан…

Заменикот на државниот секретар на САД, О'Брајан…

Студија: Карантините за време на Ковид-19 предизвикаа…

Дури и по завршувањето на карантините, забрзаното…

Ковачевски: ДПМНЕ го кочи европскиот пат на…

Одговорноста има име и презиме, тоа е…

Големи загуби за Фајзер откако “Ковид-лековите” ја…

Фајзер во вторникот објави поголема од очекуваната…

855 заразени и пет починати од Ковид-19…

Во Р. Македонија во текот на месец…