Бугарија од „најпослушен сојузник“ до слуги на Кремљ
Во последните неколку години, Бугарија важеше за една од земјите што ретко се спротивставуваа на доминантните политики што се креираат во Брисел, Берлин и во Париз. Но со политичкиот курс што го наметнува Румен Радев, Софија испраќа сосема поинаква порака, дека националниот интерес ќе има предност пред европската политичка дисциплина, дури и по цена на судир со најмоќните членки на Европската Унија
Одбивањето да ѝ се приклучи на коалицијата за понатамошна воена поддршка на Украина, резервираноста кон новите европски безбедносни иницијативи, барањето преиспитување на санкциите против Русија и блокирањето на нови имиња на европската санкциска листа претставуваат делови од една поширока политичка стратегија на новите бугарски власти. Не станува збор за изолирани одлуки, туку за обид Бугарија да се позиционира како држава што нема безрезервно да го следи европскиот мејнстрим.
Отворен судир со новото европско лидерство
Во момент кога Франција и Германија настојуваат да изградат нов европски безбедносен архитектонски модел, заснован врз силна воена поддршка за Украина и засилување на одбранбените капацитети на Европа, Софија се дистанцира од ваквата визија. Политичкиот тандем што денес го симболизираат Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц се обидува, по некоја нивна неолиберална логика, да ја претвори ЕУ во покохезивен геополитички актер. Според оваа логика, „помошта за Украина не е само солидарност со нападната држава туку инвестиција во европската безбедност и средство за одвраќање идни руски закани“. Затоа тие нудат динамична милитаризација.
Радев, пак, нуди дијаметрално спротивна логика. Според неговите јавни настапи, продолжувањето на испораките на оружје не го приближува мирот, туку ја продолжува војната. Наместо дополнително вооружување, тој инсистира на дипломатска офанзива како единствен реален пат кон прекин на конфликтот. Со тоа Бугарија практично доведува во прашање една од најважните политички оски околу кои денес се гради европското единство.
Санкциите како политичко, но и економско прашање
Особено е впечатлив настапот на Радев во однос на санкциите против Русија. Наместо автоматски да ги поддржи новите рестриктивни мерки, тој го отвора прашањето што сè почесто се слуша и во европските деловни кругови, односно прашањето што тој отворено го поставил: Дали дваесет пакети санкции ги постигнале посакуваните резултати? Имено, прашањето што го поставува не е само политичко туку и економско. Ако санкциите не ја менуваат политиката на Москва, а истовремено произведуваат штета врз европските економии, тогаш, според ова размислување, потребна е нивна темелна ревизија. Тоа не значи дека Софија ја напушта европската позиција кон Русија, туку дека бара попрагматичен пристап во кој ќе се земаат предвид и националните економски интереси.
Националниот интерес пред бриселското дисциплинирање за членките на Унијата
Највидлива потврда за таквата политика на Софија се ветото за санкционирање на рускиот патријарх Кирил и противењето на ставањето на Вагит Алекперов на санкциската листа. Во првиот случај, аргументот е дека санкционирањето поглавар на православна црква отвора чувствителни прашања поврзани со верските слободи и културните врски во православниот свет. Во вториот случај, мотивите се уште попрактични. Бугарија проценува дека евентуалното санкционирање на Алекперов би можело дополнително да ја усложни правната и финансиската позиција на државата во спорот околу рафинеријата „Лукоил Нефтохим Бургас“, со потенцијални последици во милијарди. Овие две одлуки покажуваат дека Софија е подготвена да користи право на вето кога проценува дека европските политики директно ги засегаат бугарските интереси.
Популизам или нов европски реализам?
Критичарите ќе тврдат дека ваквата политика ја приближува Бугарија до позициите што традиционално ги застапуваа Унгарија и Словачка, држави што често беа обвинувани дека го поткопуваат европското единство во односите со Русија. Но поддржувачите на Радев возвраќаат дека токму Европската Унија станува сè помалку толерантна кон различните национални позиции и дека концептот на „единство“ премногу често се претвора во барање/притисок за политичка едногласност. Од таа перспектива, Софија се обидува да ја врати дебатата кон принципот дека Унијата е сојуз на суверени држави, а не централизирана политичка структура во која сите мора да имаат идентични ставови.
Нова поделба во Европа
Според соговорници на „Нова Македонија“, дипломати од кариера, позицијата на Бугарија открива и една поширока тенденција.
– Во Европската Унија сè повеќе се оформуваат два пристапа кон украинската криза. Првиот, предводен од Франција, Германија и дел од северните држави, смета дека Русија може да биде запрена само преку долгорочна воена, финансиска и политичка поддршка за Киев. Вториот пристап, кој добива сè повеќе симпатизери во делови од Централна и Југоисточна Европа, предупредува дека бесконечното продолжување на конфликтот ја исцрпува Европа економски, политички и безбедносно, без јасна перспектива за негово завршување – велат дипломатите.
Дали ваквата политика ќе ја изолира Софија?
– Дали ваквата политика ќе ја изолира Софија или ќе ја претвори во предводник на една поинаква европска струја, останува да се види. Но едно е извесно. Со Радев, Бугарија повеќе не е тивок следбеник на политиките што доаѓаат од Брисел. Со Радев, Софија демонстрира подготвеност да ги оспорува одлуките на европскиот центар на моќ кога смета дека тие се косат со националните интереси. Во време кога Европската Унија настојува да покаже единство околу Украина и односите со Русија, токму ваквите несогласувања стануваат најјасен показател дека европскиот консензус повеќе не е толку цврст како што изгледаше пред само неколку години, коментираат нашите соговорници. Но наедно, тие додаваат дека доколку со ваквите политики на Радев се разниша позицијата на Бугарија кај Макрон, Мерц или воопшто во Брисел, тогаш тоа неминовно негативно би се одразило на нивната безрезервна (европска) поддршка кон Бугарија, особено во делот од блокирањето на Софија на Македонија, што од билатерален спор, со помош на Макрон, прерасна во европски спор и критериум за Македонија за евроинтегрирање. И тука е дипломатската шанса за Македонија – анализираат дипломатите за „Нова Македонија“.
Извор: Нова Македонија
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Бугарија од „најпослушен сојузник“ до слуги на…
Во последните неколку години, Бугарија важеше за…
Мерц: И натаму стојам зад предлогот за…
Германскиот канцелар Фридрих Мерц, денеска изјави дека…
ДЗР: ЈП ПОЦ со 86 милиони денари…
Државниот завод за ревизија (ДЗР) утврдил сериозни…
Покана од Рубио: Муцунски во Вашингтон на…
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија…
Повеќе од 250 доброволни пожарникари на постројувањето…
На пистата во касарната „Гоце Делчев“ во…