Велика Британија и Франција погодени од топлотен бран: Метеоролшките служби предупредуваат за „тропски ноќи“ и здравствени ризици
Велика Британија и Франција се соочуваат со интензивен топлотен бран што би можел да донесе рекордни температури, „тропски ноќи“ и здравствени ризици за населението на почетокот на следната недела, предупредија метеоролошките служби на двете земји.
Британската метеоролошка служба издаде жолто предупредување за екстремна топлина за понеделник и вторник за поголемиот дел од југоисточна Англија, вклучувајќи го и подрачјето до Норфолк, како и делови од Јужен Велс, објави Скај њуз.
Температурите во јужна Англија би можеле да достигнат околу 30 степени Целзиусови во недела, додека се предвидува понатамошна топлина за почетокот на следната недела, со максимални вредности до 34 степени. Метеоролозите велат дека постои 40 проценти веројатност да се сруши јунскиот температурен рекорд од 35,6 степени Целзиусови, забележан во 1957 и 1976 година.
Високи температури се очекуваат и во други делови од земјата, вклучувајќи ги Манчестер со 29 степени, Њукасл со 27, Глазгов со 25 и Белфаст со 24 степени Целзиусови.
Особено загрижувачка е високата влажност, која ќе биде повисока отколку за време на претходниот топлотен бран.
Во некои области се очекуваат таканаречени „тропски ноќи“, кога температурата во текот на ноќта не падне под 20 степени Целзиусови.
Агенцијата за безбедност на здравјето на Велика Британија повика на посебна претпазливост кога станува збор за постарите лица и граѓаните со хронични здравствени проблеми. Франција се соочува со уште поизразен топлотен бран, објави BFM.
Портокалово предупредување за топлотен бран е на сила денес во 60 департмани, или речиси две третини од земјата.
Се очекува максималните температури да бидат помеѓу 35 и 38 степени Целзиусови, додека ноќните температури ќе останат над 20 степени во многу области.
Француската метеоролошка агенција Метео-Франс предупреди дека сегашниот топлотен бран може да биде сличен по времетраење и интензитет како оние од јули 2019 година и август 2003 година. Експертите велат дека предупредувањето може дополнително да се заостри во наредните денови, при што некои региони ќе се движат кон највисокото, црвено ниво на тревога.
Францускиот министер за внатрешни работи Лоран Нуњез предупреди дека дневните температури може да достигнат 40 степени Целзиусови, додека во некои области ноќните температури може да останат околу 30 степени. Поради ситуацијата, францускиот премиер Себастијан Ле Корнеј свика меѓуресорски кризен состанок во Министерството за внатрешни работи, на кој присуствуваа 14 министри.
Целта на состанокот е да се координираат владините служби за да се одговори на последиците од екстремната топлина.
Метеоролозите во Франција, исто така, предупредуваат дека високите температури во северната половина од земјата може да доведат до локално силни грмотевици.
Британските служби за безбедност и спасување ги повторија предупредувањата до граѓаните да бидат внимателни при влегување во морето, езерата и реките.
Иако надворешните температури се многу високи, температурата на водата останува значително пониска, што може да предизвика студен шок, паника и отежнато дишење, велат експертите. Според британските власти, за време на претходниот топлотен бран во мај, кога беше забележан нов рекорд за месецот од 35,1 степени Целзиусови, животот го загубија најмалку 15 лица, меѓу кои и девет деца.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Велика Британија и Франција погодени од топлотен…
Велика Британија и Франција се соочуваат со…
Денеска топло, попладне со услови за дожд
Сончево и топло време со мала до…
Тинејџер нападнат во близина на училиште
На 18.06.2026 во 21:00 часот во Полициската…
Осомничениот за палење на дипломатските возила ќе…
Обвинителството за гонење на организиран криминал и…
НЕМА КРАЈ НА СОФИСКИТЕ УЦЕНИ КОН МАКЕДОНИЈА:…
Новиот бран бугарски барања кон Македонија би…