Објавено на:

(Видео) Една девојка е убиена, а петмина се повредена при пукањето на техно журката во Швајцарија

t

Една 22-годишна девојка е убиена, а уште пет лица на возраст од дваесетина години се ранети при вооружен инцидент за време на техно забава во градот Арау во северна Швајцарија, соопшти швајцарската полиција, потенцирајќи дека напаѓачот или напаѓачите се во бегство.

Според полицијата, 22-годишната жена била сериозно повредена при инцидентот, по што набрзо им подлегнала на здобиените повреди. При инцидентот се повредени уште четири мажи и една жена, на возраст меѓу 24 и 27 години. Сите жртви се жители на Швајвцарија.

Полицијата апелираше луѓето да ја избегнуваат областа околу местото на инцидентот, а отворен е и посебен телефонски број на кој очевидци можат да се јават и да пројават детали од настанот.

Онлајн изданието на швајцарскиот весник „Блик“ објави дека вооружениот инцидент се случил околу 3 часот рано изутринава за време на традиционалната годишна техно журка „Аруер Рејв“ на локалниот хиподром, на која присуствувале околу 3.500 лица.

Полицијата е сè уште присутна во голем број на терен, во потрага по можниот сторител или сторители, а од организаторите на настанот побарала да ѝ бидат доставени сите снимки од инцидентот. Според локалните медиуми, во потрагата е вклучен и воен хеликоптер „Супер Пума“.

Точните околности и мотивите за инцидентот засега не се познати.

Во време кога се се случил инцидентот на журката настапувал швајцарскиот техно диџеј Текибо. „Добро сум. Она што се случи е апсолутно срцепарателно. Техно забавите и рејвовите се за слобода и безбедност, објави Текибо на социјалните мрежи.

„Сè уште се обидувам да го протолкувам она што се случи, бидејќи изгубив важен пријател. Почивај во мир М“,  додаде диџејот.

Арау е град со околу 22.000 жители и административен центар на кантонот Аргау, кој се наоѓа во северна Швајцарија, околу четириесет километри западно од Цирих.

Масовните пукотници и вооружените напади на јавни собири се исклучително ретки во Швајцарија, и покрај фактот што земјата ја има една од највисоките стапки на поседување огнено оружје во Европа и во светот поради нејзиниот систем на задолжителна воена служба и традицијата на стрелаштво. Сепак, строгите закони за стекнување и складирање муниција го прават насилството со оружје на улиците вистински преседан.

Најлошиот вооружен напад во поновата швајцарска историја се случи во септември 2001 година во Цуг, кога вооружен човек упадна во локалниот кантонален парламент и уби 14 политичари и функционери пред да се самоубие.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Видео) Една девојка е убиена, а петмина…

Една 22-годишна девојка е убиена, а уште…

Нема повредени во запалениот автобус на Водно,…

Двокатен автобус на ЈСП „Скопје“ од линијата…

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ садеше марихуана – ние носиме…

ВМРО-ДПМНЕ реагира на критиките на СДСМ и…

(Видео) Канада му одговори на Трамп: Еве…

Премиерот на канадската покраина Онтарио, Даг Форд,…

Гори двокатен автобус кај видиковецот на Водно

На видиковецот на Водно гори двокатен автобус…