(Видео) Министерката за образование во БиХ ги намалува активностите поради ретроградниот Меркур
Министерката за образование во Федерацијата Босна и Херцеговина, Јасна Дураковиќ, предизвика бројни реакции на социјалните мрежи откако објави видео на ТикТок во кое најави дека ќе ги намали своите активности до средината на ноември поради ретроградниот Меркур.
Во видеото таа објасни дека овој астролошки период трае од 30 октомври до 14 ноември и дека во изминатите денови имала низа непријатни искуства во комуникацијата со луѓето.
„Во изминатите денови имав навистина безброј многу лоши искуства во комуникацијата, па почнувам сериозно да верувам дека положбата на планетите и тоа како влијае врз нашето расположение, однесување, а особено врз нашата комуникација“, порача Дураковиќ.
Објавата предизвика стотици коментари, од иронични реакции и критики до прашања дали видеото е генерирано со вештачка интелигенција. Дел од корисниците дури предложија да се одложат испитните рокови до 14 ноември.
По бурните реакции, министерката се огласи и на Фејсбук, појаснувајќи дека станувало збор за шега и хумористична објава, со која сакала да ја забавува публиката.
Таа изрази разочараност од бројот на навредливи и вулгарни коментари, оценувајќи дека хуморот и смеата треба да бидат начин за поврзување меѓу луѓето, а не повод за навреди и исмевање.
„Свесно влегов во сето ова за да тестирам една од основните функции на комуникацијата, а тоа е забавата“, порача Дураковиќ.
Така, видеото за ретроградниот Меркур, кое предизвика големо внимание во регионот, доби и продолжение – министерката тврди дека целта била шега, а не сериозна најава за намалување на работните активности.