(Видео) ПОЛИЦИЈАТА СО СОЛЗАВЕЦ И ВОДЕНИ ТОПОВИ ГИ НАПАДНА ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ: Хаос на бриселските улици!
Земјоделците кои денеска протестираа во Брисел попладнево се судија со полицијата во близина на плоштадот „Шуман“ во Брисел, каде што се наоѓаат зградите неколку институции на Унијата, меѓу кои и на Европската комисија и Советот на ЕУ.
За да ги одбие насилните земјоделци полицијата употреби водени топови и солзавец. Засега нема информации за евентуално уапсени демонстранти за време на денешните протести организирани од неколку земјоделски организации по повод денешното заседание на Советот за земјоделство и рибарство на ЕУ.
За време на судирите дел од земјоделците гаѓаа со јајца и петарди и кон новинарите што го следеа протестот, при што според весникот „Соар“ во лице бил погоден и еден медиумски работник, но нема информации дали се здобил со посериозни повреди.
Некои од учесниците на протестите изразија незадоволство од „големото присуство на новинари, фотографи и сниматели“ и имаше обиди за покривање на камерите, а беа упатени и обвинувања дека меѓу новинарските екипи има и полицајци во цвилна облека, кои наводно ги снимаат демонстрантите со цел подоцна да ги идентификуваат и да ги гонат кривично.
Ваквите стравување се зголемија откако вчера бриселското Јавно обвинителство соопшти дека тројца земјоделци се осомничени дека извршиле „акти на насилство врз полицијата“ за време на претходните протести во Брисел на 26 февруари, кои биле идентификувани преку видео снимки. Едниот од нив веќе бил повикан на распит во полиција, по што е ослободен, а наскоро се очекува да бидат сослушани останатите двајца осомничени.
Претходно дојде и до инцидент кога неколку трактори се обидоа да ги пробијат полициските барикади и да се упатат кон плоштадот „Шуман“, но во тоа беа спречени од страна на полициските сили кои употребија солзавец.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, група земјоделците потпалија и бали со сено во близина на зграда што се реновира, при што се запалија градежните скелиња на објектот, па полицајците интервенираа со водени топови за гасење на пожарот и за потиснување на демонстрантите.
Друга група учесници на земјоделските протести подметнаа пожар на скалите кои водат кон железничката и кон метро станицата на плоштадот „Шуман“, при што полицајците употребија солзавец против насобраните земјоделци.
Земјоделците одржаа и митинг под големиот мурал „Иднината е Европа“ во близина на плоштадот „Шуман“, кои пред тоа дел од нив го испрскаа со животински измет.
На митингот претставници на земјоделските здруженија организатори на протестот ги повторија барањата на земјоделците.
– Наше главно барање е поправедно одредување на цените на земјоделските производи. Тоа треба да се направи на глобално ниво, а Европската Унија може да изврши притисок за тоа, изјави портпаролот на Обединета федерација на групите на полјоделци и фармери (ФУГЕА), Иго Фали.
Тој нагласи дека земјоделците чекаат Европа да ја промени својата „ултра-либерална политика“.
– Неодамнешните одлуки за еколошките регулативи апсолутно не се одговорите што ги очекуваме додаде Фали.
Портпаролот на ФУГЕА нагласи дека европските земјоделски здруженија бараат регулирање на пазарот со цел да се обезбедат поправедни цени за земјоделците.
– Прашањето навистина е во цените, кои се целосно либерализирани и кои не ставаат во конкуренција со земји кои воопшто немаат исти стандарди, исти трошоци и услови за производство, потенцира Фали.
Тој изрази надеж дека сепак ќе се најде решение за проблемите за време на преговорите меѓу земјоделските претставници и властите.
– Тие сфатија дека има проблем. Уверени сме дека ќе се најдат решенија, заклучи Фали.
Според холандскиот фармер Леонардо ван ден Берг, неприфатливо е трошоците за производство да бидат повисоки од цените на земјоделските производи.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Скандал во САД: ФБИ ја претресува куќата…
ФБИ изврши рација во домот на поранешниот…
Британската метеоролошка служба предупредува: 2027 година ќе…
Британската метеоролошка служба предупреди дека Ел Нињо,…
Уништени над 45 од 112 новопоставени столбови…
Здружение за Одржлив Развој САТ – Скопје…
Џорџа Мелони мислела дека ќе ѝ оди…
Италијанската премиерка Џорџа Мелони денеска призна дека…
Натепана 80 годишна жена во сопствениот дом…
На 20.08.2026 во 12:45 часот во Полициското…