(Видео) ФИЛМСКА АКЦИЈА на МВР: Уапсен Македонец кој организирал продажба на дрога во Австралија

t

Во текот на вчерашниот ден под раководство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, во Струга беше спроведена акција во која едно лице е лишено од слобода. Акцијата е резултат на меѓународна соработка со Австралиската федерална полиција и полициските сили од Западна Австралија, информираат од Јавното обвинителство на Македонија.

-Денеска предметниот јавен обвинител постапувајќи по кривичната пријава поднесена од страна на Министерството за внатрешни работи донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против лицето поради постоење на основано сомнение дека сторило кривично дело Злосторничко здружување од чл.394 ст.1 и кривично дело Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори по чл.215 ст.1 од Кривичниот законик.

Осомничениот во временскиот период од почетокот на месец август 2021 година до почетокот на месец септември 2021 година со цел неовластено купување, пуштање во промет и посредување во продажба на наркотична дрога – метиламфетамин и кокаин, создал меѓународна криминална група на која припадници станале петмина австралиски државјани кои дејствувале на територијата на Западна Австралија. Секој член на групата имал своја улога на купување, продажба, посредување во купопродажба, нудење на продажба и пренесување на наркотичната дрога, со цел понатамошна продажба.

Македонскиот државјанин користејќи различни платформи преку енкриптирачки мобилни уреди пристапувал и комуницирал под псевдоними и притоа, во критичниот период, договорил неовластено купување на 10 kg метиламфетамин по цена од 2.400.000 австралиски долари, неовластено посредување на 37 kg метиламфетамин во вкупна вредност од 8.880.000 австралиски долари и 7 kg кокаин по цена од 2.240.000 австралиски долари за вкупната количина кокаин. Купопродажбата и примопредавањето на дрогата се одвивала преку австралиските членови со кои се договарал за местото, времето и начинот на преземање и плаќање на истата.

Австралиските државјани во акција спроведена на 31.08. и 1.09.2021 година на територијата на Австралија од тамошните органи на прогонот, се лишени од слобода и против истите се води кривична постапка пред австралиските надлежни органи. Во изминатиот период доказите обезбедени од австралиските власти преку меѓународна правна помош беа доставени до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Вчерашната акција е резултат на претходно спроведена постапка.

На предлог на обвинителството судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје на осомничениот со Решение му е определи мерка притвор во траење од 30 дена.​

За овој случај се огласија и од МВР.

-Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал – Сектор за криминалистички истраги, Единица за недозволена трговија со дрога заедно со Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, во директна соработка и размена на докази со Австралиската федерална полиција и полициските сили од Западна Австралија, а во координација и со американската ДЕА, по едногодишна истрага, во Струга го лиши од слобода И.Р.(27) од Струга, со македонско – австралиско државјанство, за кого постојат основи на сомнение дека е координатор на меѓународна организирана криминална група која дејствувала главно на територијата на Австралија, користејќи софистициран начин на комуникација, преку енкриптирани телефонски уреди и договарање на зделките со дрога.

Во текот на оваа меѓународна операција во Австралија лишени се од слобода 13 лица кои биле припадници на криминални групи поврзани со групата која ја координирал И.Р., при што била запленета голема количина наркотична дрога метиламфетамин и кокаин во вредност од над 10.000.000 австралиски долари, како и голем износ на парични средства.

Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, Секторот за криминалистички истраги, Единицата за недозволена трговија со дрога оваа операција ја спроведе заедно со Секторите за прикриени операции и меѓународна полициска соработка и Специјалната антитерористичка единица Тигар. За време на претресите кај И.Р. во Струга беа пронајдени повеќе предмети за кои постои сомнение дека се користени при извршување на кривичните дела „Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ по чл. 215 став 1 и „Злосторничко здружување“ по чл.394 ст.1 од Кривичниот законик.

Лицето е приведено и против него е поднесена кривична пријава до ОЈО за ГОКК за наведените кривични дела, а од страна на Судија на претходна постапка во Основниот кривичен суд во Скопје одредена му е мерка притвор во времетраење од 30 дена.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Најмалку 147 лица се уапсени во немирите…

Најмалку 147 лица се уапсени откако демонстрациите…

Полициски хеликоптер фрли над 43 тони вода…

Денеска (04.08.2024) хеликоптерот Бел 412 од Одделот…

Криминалец баран со потерница е приведен на…

Денеска (03.08.2024) околу 13.00 часот, на Граничниот…

Четворица Срби уапсени во Косово: Остра реакција…

Канцеларијата за Косово и Метохија потврди дека…

Ни трага ни глас од скандалот на…

Ни трага ни глас од скандалот на…