Власт која не научи барем навреме да купи учебници и свидетелства треба да падне!

t

Власт која не научи барем навреме да купи учебници и свидетелства треба да падне, вели во објава на Фејсбук поанешниот премиер Никола Груевски.

– Неверојатно е како седма година по ред владата повторно доцни со учебници за учениците, па еве и оваа година во октомври се уште нема дел од учебниците, а во претходните години некои учебници ги набавуваа при крајот на учебната година наместо на почетокот. Секоја година учениците и нивните родители се под стрес дали навреме ќе добијат свидетелства за да можат да се запишат во повисок степен на образование.

Колосална и колективна неспособност, за која нема друг лек освен промена.

Откако во 2009 година кога за прв пат во историјата на Македонија воведовме бесплатни учебници за сите ученици, владата која ја предводев вложи преку 45 милиони евра во набавка на учебници во следните години до нејзината смена, се разбира по тогашните цени.

Оттогаш наваму не треба секоја година да се купуваат нови учебници, туку периодично а во меѓувреме се менуваат само оние кои се дотраени.

Паралелно воведовме и бесплатен превоз за ученици кои живеат повеќе од 2,5 км далечина од училиштето.

Овие две активности ни дадоа основа истовремено да воведеме задолжително средно образование во земја во која претходно задолжително беше само основното.

Тогаш го воведовме и деветгодишното основно образование, бесплатен интернет во сите училишта, компјутер пред секој ученик во секое училиште што исто така беше огромна инвестиција, изучувањето на англискиот јазик со по два часа неделно од прво и по три часа неделно од трето одделение стана задолжително, а веќе од шесто одделение и уште еден светски јазик, најчесто германски или француски.

Во шесто одделение како изборен предмет го воведовме “Етика на религиите”, “Запознавање на религии” како и “Класична култура на европска цивилизација”.

Се воведе и задолжителен предмет од трето одделение по информатика со посебен фокус на програмирањето.

Воведовме наставни програми Кембриџ, нови преведени и адаптирани наставни програми на Кембриџ по математика и природни науки до девето одделение, со план и подготвена наставна програма потоа постепено да се воведат и во средните училишта, но актуелната власт го запре тој процес и почна спротивно да делува враќајки ги наставните програми и учебници од локални автори, кои не се присутни во конкуренција на светско ниво, ниту пак на Европско или регионално ниво.

Еден од најсовремените и најквалитетно образовни системи во светски рамки се замени со локални.

Воведовме и екстерно тестирање за учениците заради проверка на нивното знаење но и стимул оценките да ги заработат со знаење а не со колективно добивање највисока оценка на сите ученици во класот. Се појавија мали практични проблеми во неговото спроведување, па новата власт наместо да го унапреди и надгради системот, го укина екстерното тестирање со ветување дека ќе воведе подобар систем, кој никогаш не се ни обиде да го воведе, па така повторно имаме цели класови и училишта со сите петки, што е дерогирање на образовниот систем и упропастување на цели генерации кои добиваат високи отценки без потребното знаење кое ќе им се одрази низ животот и работата.

Во завршната година на основното образование го воведовме предметот иновации, а во средните училишта како задолжителен се воведе предмет кој од година во година варира на темите иновации, претприемништво и бизнис, во соработка со светската банка и експерти – професори од универзитетот “Сент Дејвис” од Велс, за што како и за сите претходно нови предмети се изврши обука на сите наставници и професори, а подоцна се вклучија и најдобрите практичари во земјата кои на учениците низ практичен пример им држеа предавања на оваа тема.

Профункционира и спортската гимназија позната како академија за фудбал, кошарка, ракомет и тенис за која претходно се изготви наставна програма и во соработка со спортските федерации се изградија или обезбедија терени за практична работа, а подоцна фудбалската академија во поголемите градови се направи да почнува уште во последните две години од основното образование. Веќе десетина години подоцна Македонија прв пат во својата историја доби учество на европско првенство во фудбал, каде што костурот на тимот, односно 2/3 од играчите беа од првата и втората генерација ученици на академијата за фудбал, и мислам дека голема улога одигра чекорот што за селекција на ученици во смисла кој да биде примен а кој не, за да се избегнат локални притисоци поканивме тим од УЕФА кои непристрасно ги избраа најдобрите таленти. Таа пракса по доаѓањето на новата власт се прекина.

Фондот на часови по физичко образование се зголеми од два на три неделено за што беа изградени и над 110 училишни спортски сали. Со спроведување на проекти се овозможи рано откривање на спортски таленти, формирање на училишни спортски клубови, државни училишни спортски игри. Планот беше по завршувањето на спортските сали кои училиштата во тоа време ги немаа, сите ученици секиј ден да имаат спорт и часови по физичко образовсние. Да нема ден без физичка активност на учениците. Тој план веројатно не и се допадна на актуелната власт и иако салите се изградија нема зголемување на фондот на часови по физичко образование.

Во тоа време скоро да немаше учебници за учениците од стручното образование, никогаш немало претходно, па и тоа се заврши со осовременување на наставните програми, заедно со почната набавка на современа наставна опрема за училиштата.

Отворивме и еден до два класа ученици годишно во специјализирана математичка гимназија, со приемен испит каде се примаат само најдобрите ученици по математика и на која професорите се универзитетски професори.

Во сите други училишта го зајакнавме изучувањето на математика, не преку оптоварување на програмите, туку со нив пристап во изучувањето, преку обуки на наставниците и повеќе проекти во тој дел.

Се воведе и програма за воспитно-образовна работа во подготвителна година (5-6 годишна возраст) базирана на стандардите на рано учење и развој во предучилишното образование како и програма за рано учење и развој.

Се воведоа и програмата за “Интеграција на еколошката едукација” во македонскиот образовен систем, дополнителна и додатна настава во основното и во средното образование како дополнителна помош за некои ученици да совладаат одредени предмети и да се одбегне плаќање на приватни часови, советување на родителите-родителска школа, се зајакна стручната служба преку вработување на 130 психолози и голем број педагози во училиштата.

Се набавија дигитални содржини за основното и средното образование, Веб апликација наречена “Е-дневник”, информациски систем за менаџмент во образованието со човечки ресурси – ЕМИС, веб Портал “Агрегатот на видео содржини”, со преку 1000 видео содржини во него, започна набавка на интерактивни табли за нов современ пристап во изведување на наставата, се одбираше најдобра училишна веб страница со цел да се зголеми иновативноста како и практичната страна на користењето на информатиката во наставата, се воведе проектот “Заедничка грижа за правилно насочување на учениците, а државната матура матура започна од учебната 2007/2008 и потоа се надградуваше и прошируваше.

Созадовме законска рамка за формирање на “Меѓународно јавно училиште” со изготвени наставни програми на англиски јазик во соработка со британскиот совет во Македонија, и се објави јавен повик за пријавување наставници кои одлично го познаваат англискиот јазик.

Се воведе меѓународна “ИБ програма” во неколку државни училишта. Се воведоа наставни програми за изучување на на македонскиот јазик за децата на иселениците во уште две земји, Австралија и Турција, а се спроведе и пилот проект за “Позитивни влијанија на воспитно образовната работа во детските градинки врз успехот на учениците” во совладување на наставните програми на прво оддделение.

Бевме фокусирани и на проектот “Безбедни училишта”, како и на следење на индикаторите на ОЕЦД заради добивање компаративни податоци за излезените резултати на македонските средношколци по предметите математика и природни науки како и мајчин јазик (читање и критичко размислување), се вклучивме и во меѓународниот “ПИСА” тестирање.

Се воведе и проектот за професионална ориентација на учениците во соработка со Агенцијата за вработување, со цел да им се помогне на учениците преку решавање на тестови за тоа каде да го продолжат своето образование, при што се отворија и “Кариерни центри”.

Го олеснивме процесот за отворање на приватни средни училишта, изготвивме стандарди за исхрана и оброци во училиштата, и воведовме доделување на неколку нови типови ученички стипендии, како што беа стипендиите за талентирани ученици, талентирани ученици-спортисти, стипендии за ученици-социјална подршка, стипендии за деца без родители и родителска грижа, стипендии за ученици со посебно потреби, стипендии и тутурство за децата Роми и тие стипендии како и блок дотациите од буџетот за училиштата постојано ги зголемувавме.

Воведовме ред во организирањето на училишните натпревари на сите нивоа со закон, награди за најдобрите ученици во областа на математиката и природните науки, награди за најдобрите ученици од средните стручни училишта, а се формираше и установа “Центар за образование на возрасни”.

Се воведе и академија за менаџери со стипендии, интерактивен “Портал за тутори”, опсерваторија за вештини со кои располагаат учениците од средното (стручно) образование, се популаризираше театарот преку повеќе проекти, а со посебен проект се предвиде отворање на училишни компании во средните училишта, сродни на застапените струки, наменето првенствено за практична настава на учениците но и комерцијализација, со грантови за почетно работење, како и многу други проекти.

Наставниците преку спогодба со министерствата добија масовна трансформација на работниот однос од времени во вработени на неопределено време но и закон со кој во иднина секој што е повеќе од две години ангажиран времено добива вработување на неопределено време доколку работодавачот утврди дека има трајна потреба од наставникот, па така над 10 илјади наставници го решија својот статус.

Платите на наставниците во услови на ниска инфлација во тоа време пораснаа за околу 120% оние со најниска, до 67% за оние со највисока плата.

Се донесе и закон за Академија на наставниците со кој се предвидува и постапка за лиценцирање на наставниците и со кој се регулира нивниот професионален развој и идно зголемување плата, и посебен закон за наставници.

Се донесе и закон за педагошките факултети и наставните насоки на другите факултети со цел издигање на професијата наставник во општеството и селектирање на најдобрите студенти за педагошките факултети, со кој се предвидува посебен приемен испит на овие факултети како и целосно стипендирање на студентите за време на студирањето, во износ од половина од висината на просечната нето плата во Македонија.

Се направија и редица активности во правец на овозможување зголемена мобилност на наставниот кадар со доделување грантови, студиски престои во странство во ЕУ, обуки итн.

Се спроведоа и многу други проекти.

Зошто?

За Македонија да спадне на влада која седум години незнае учебниците да ги набави на време, неможе на време да спроведe тендер за свидетелства па децата незнаат дали ќе може да се запишат на време во повисокиот стадиум на образование, матурскиот испит е масовно пробиен и го има на вибер групи и секој знае дека може да препишува, па наскоро може да почнат да не го признаваат во странство, а и на домашните универзитети.

Влада која само знае да склучи договори со разни НВО да продрат во училиштата за да ги индоктринираат децата дека мажот може да е и жена, а жената маж, дека калсичниот брак е исто што и едно половни бракови и слични содржини за кои воопшто нема консензус во општеството и кои се спроведуваат тивко и на мала врата за да се спроведуваат туѓи идеологии и да се одржуваат во живот и да се финасираат НВО кои во многу ситуации периодично имаат партиска агенда.

ЛИНК од објавата на Фејсбук

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Македонките се мажат најмлади во регионот, на…

Жените во Македонија најмлади стапуваат во брак…

ЌЕ МОЖЕ ДА СЕ ГЛАСА И СО…

Пратениците денеска го изгласаа Изборниот законик, со…

Исчезна 14-годишната Ринеса: Ако имате било каква…

Новинарот Фуркан Салиу, објави дека е исчезнато…

Европскиот план за развој на Западен Балкан…

САД ја поддржуваат ЕУ во намерата да…

Пендаровски-Османи: Заеднички напори за стабилност во регионот

Претседателот Стево Пендаровски денеска во Приштина, во…