Волстрит во зелено: S&P 500 урна рекорд, технолошките компании го предводеа растот
Американскиот берзански индекс S&P 500 го заврши тргувањето во четврток на ново рекордно ниво, поттикнат од силниот раст на технолошките компании и податоците за производствените цени во САД.
S&P 500 порасна за 0,65 отсто, на 7.798,99 поени, надминувајќи го претходниот рекорд забележан минатиот петок. Nasdaq се зголеми за 0,81 отсто, на 26.803,03 поени, додека Dow Jones Industrial Average забележа раст од 0,13 отсто, на 53.839,99 поени.
Технолошките компании беа меѓу главните двигатели на растот. Акциите на производителот на мемориски чипови Sandisk скокнаа за 13,7 отсто, Micron Technology за 4,2 отсто, Meta Platforms за 2,8 отсто, а Microsoft за речиси еден отсто.
Инвеститорите во последните недели позитивно реагираат на силните деловни прогнози на големите технолошки компании, меѓу кои Microsoft и Amazon. Тоа придонесе за намалување на загриженоста околу високите инвестиции во инфраструктура поврзана со вештачката интелигенција.
„Технолошкиот бум поттикнат од резултатите на компаниите поврзани со вештачката интелигенција продолжува. Ова е бум на заработката, а не балон“, оцени Џеј Хетфилд, извршен директор на Infrastructure Capital Advisors.
Од почетокот на годината S&P 500 има раст од околу 14 отсто, додека Nasdaq е зголемен за приближно 15 отсто.
Дополнителна поддршка за пазарот дадоа податоците според кои производствените цени во САД во јули останале непроменети. Цените на стоките се намалиле, додека трошоците за услугите забележале само благ раст.
Истовремено, бројот на Американци кои поднеле барање за надомест за невработеност умерено се зголемил, што укажува на релативно стабилен пазар на труд.
Пазарните учесници проценуваат дека веројатноста Федералните резерви да ги задржат каматните стапки непроменети на состанокот во септември изнесува околу 63 отсто.
На пазарот на енергенси, цената на нафтата Брент падна за околу два отсто, на 87,07 долари за барел.
Меѓу поединечните компании, акциите на Netflix пораснаа за 5,4 отсто откако милијардерот и инвеститор Бил Акман објави дека преку Pershing Square стекнал удел во стриминг-компанијата.
Dell Technologies забележа раст од 2,1 отсто, а HP од 6,9 отсто, откако кварталните резултати на кинески Lenovo ги надминаа очекувањата.
Од друга страна, акциите на Cisco Systems паднаа за 8,4 отсто, бидејќи прогнозата за приходите, иако позитивна, не ги исполни високите очекувања на инвеститорите. Акциите на модната групација Tapestry, сопственик на брендот Coach, се намалија за повеќе од 16 отсто по прогнозата за скромен годишен раст на приходите.
На S&P 500 бројот на акции што поскапеа беше околу 1,7 пати поголем од бројот на оние што загубија вредност. Обемот на тргување на американските берзи изнесуваше околу 16,1 милијарда акции, под просекот од 17,5 милијарди во претходните 20 трговски дена, пренесува Reuters.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Москва се разбуди на 9,7 Целзиусови степени
Температурата во Москва во ноќта меѓу четвртокот…
Волстрит во зелено: S&P 500 урна рекорд,…
Американскиот берзански индекс S&P 500 го заврши…
Пет македонски семејства побарале помош за евакуација…
До сега вкупно пет македонски семејства побарале…
Етапно реконструктивно лекување на повредените во пожарот…
На Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна…
Хоџа: Повеќе пастрмка за Охридското Езеро, годинава…
Заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Албрим…