Во прегратката на Богородичната Градина – првото поклонение на г. Партениј на Света Гора како епископ

t

Со особена трогнатост, духовна радост и благодарност кон преблагиот и великодарежлив Бог, нашиот возљубен старец и игумен, Неговото преосвештенство, епископот Антаниски г. Партениј, придружуван од дел од Бигорското братство, деновиве престојува на поклонение во Светата Гора Атонска – благословената Градина на Пресвета Богородица и вековен извор и прибежиште на православното монаштво.

Во нашето поклонение ни се придружи и Неговото преосвештенство, епископот Мирински г. Атинагора, викарен епископ на Православната митрополија на Мексико, Централна Америка, Карипските Острови, Венецуела и Колумбија при Вселенската патријаршија, со кого нашиот Старец ќе сослужува на споменот на свети Пантелејмон.

Повод за оваа благословена и благодатна посета е срдечната покана од старешината на Кутлумушкиот скит на светиот славен великомаченик и исцелител Пантелејмон во Кареја, нашиот драг пријател, јероѓаконот г. Хризостом. Во текот на целото поклонение тој ни беше беспрекорен водич, водејќи нè со братска грижа и љубов низ светогорските светињи. Со благослов на Неговата Сесветост, Вселенскиот Патријарх г.г. Вартоломеј, на нашиот почитуван Високопреосвештен митрополит Дебарско-кичевски г. Георгиј, и на свештената Обител Кутлумуш, нашиот Старец ќе претстои на свеченото празнично бдение и ќе чиноначалствува на Божествената Евхаристија во чест на великиот Христов маченик и исцелител Пантелејмон.

Ова поклонение има длабоко и историско значење и за нашиот Старец и за целото негово монашко семејство. Ова е неговото прво доаѓање на Света Гора како епископ, но и прво богослужбено претстоење на Атон по цели триесет и шест години – од времето кога, како млад богослов и искушеник, извесен период живеел во свештената Обител Григоријат, под мудрото духовно раководство на блаженоупокоениот Старец Георгиј Капсанис.

Таму, во молитвената исихија на Григоријатската обител, среде долгите богослуженија, послушанијата и светоотечките поуки, младиот искушеник стекнал длабок и непосреден опит од светогорското предание. Оттаму го понел со себе благословот на Атон, кој подоцна станал еден од духовните темели врз кои се возобнови општежителниот монашки живот во Бигорскиот манастир, но и пошироко во нашата татковина. Затоа, ова поклонение е многу повеќе од обична посета: тоа е трогателно враќање кон духовните извори, кон местото каде што некогаш започнал да се обликува неговиот монашки етос.

По пристигнувањето во Кареја, административното и духовното средиште на Света Гора, на 26 јули по стар, односно 7 август по нов стил, ги посетивме Свештената заедница на Атонската монашка држава, каде што остваривме срдечна средба со Протоепистатот, Старецот Георгиј Ватопедски. Во древниот храм на Протатонот се поклонивме пред чудотворната икона на Пресвета Богородица „Достојно ест“, сесветиот симбол и заштитнички покров на целата Света Гора. Таа е омилената икона на нашиот Старец: токму таа прва го пречекала и го примила во Богородичната Градина кога, како млад богослов, дошол исполнет со копнеж по монашкиот живот. Сега, повторно пред нејзиниот свет лик, тој го испроси нејзиното мајчинско застапништво за нашата света Обител, за монашкото братство и сестринство и за целиот наш народ.

По поклонението во Протатонот, првата светиња што ја посетивме беше свештената ќелија на свети Николај Мирликиски – Буразери во Кареја. Нејзиниот прекрасен храм, озарен од небесно убавиот живопис, нè воведе во длабока молитвена тишина. Таму бевме примени со искрена братска љубов од Старецот на ќелијата, јеромонахот г. Арсениј, кој нè воведе во духовното богатство на ова благословено светогорско прибежиште.

Поклоничкиот пат продолжи во свештената обител Филотеј. Во отсуство на игуменот, нè прими манастирскиот секретар, отец Марко, со монашка простосрдечност и внимание. Во католиконот се поклонивме пред чудотворната икона на Пресвета Богородица „Гликофилуса“ – „Слаткољубива“, една од највозљубените атонски икони. Тука, со особено умиление, нашиот сакан Старец се потсети и на своето прво светогорско бдение, за празникот Цветници пред речиси четири децении – спомен што сè уште живее во него како неизбришлив печат на благодатта и на неговиот прв монашки копнеж.

Во свештената обител Каракал бевме пречекани од тамошното христоподобно братство. Со молитвено умиление се поклонивме пред чудотворната икона на светите првоврховни апостоли Петар и Павле, пред чесната глава на светиот апостол Вартоломеј и пред другите големи светињи што се чуваат во Обителта. И со оваа света обител Старецот го врзуваат далечни свети спомени, од времето кога за прв пат во својот живот ја поминал Страсната седмица на Света Гора.

Особено трогателно беше поклонението и во славната Иверска обител. Со љубов и длабоко умиление се поклонивме пред чудотворниот образ на Мајката Божја – Пресвета Богородица Портаитиса, чуварка на Иверон и на целиот Атон. Во католиконот се поклонивме и пред многубројните мошти на светите Божји угодници, како и пред светињите поврзани со Крсното страдание на Спасителот.

Во живописната и тивка свештена обител Ставроникита, нашиот Старец се сретна со нејзиниот игумен, Старецот архимандрит г. Тихон, со кого разговараше за неизречивата длабочина на монашкиот живот. Во благодатниот простор на манастирскиот храм, украсен со прекрасните фрески на Теофан Критски, се поклонивме пред чудотворната мозаична икона на свети Николај Стридски – една од најдревните и најпочитувани светињи на Света Гора.

Првиот ден од поклонението заврши во свештената, царска, патријаршиска и ставропигијална велика обител Ватопед. Таму нашиот Старец и неговата синодија беа примени на ноќевање со особена љубов и чест од игуменот на манастирот, почитуваниот Старец архимандрит г. Ефрем, и од неговото христољубиво братство. Со длабоко умиление се поклонивме пред Чесниот Појас на Пресвета Богородица, пред чудотворната икона на Богородица Парамитија – Утешителка, пред другите чудотворни икони на Царицата Мајка и пред безбројните светињи на славната Обител.

На трпезата по вечерната богослужба двајцата Старци разменија трогателни слова, проникнати со благодарност кон Бога и со длабока црковна радост. Со особено чувство беше нагласено дека најпосле се исполни времето архиереј од нашата Црква да пристапи на Света Гора како канонски епископ и да богослужи во нејзините свештени манастири. Старецот Ефрем срдечно Му заблагодари на Бога за овој благословен настан и со пофални зборови го истакна монашкото дело на нашиот Старец во татковината – дело израснато со благословот на Пресвета Богородица и на Света Гора Атонска.

Нашиот Старец, длабоко трогнат, низ солзи говореше за чувствата што го обземаат: по толку години откако живеел и се подвизувал на Атон, покрај блаженоупокоениот Старец Георгиј Капсанис, сега повторно доаѓа во Богородичната Градина како епископ. Со искрена благодарност ја истакна љубовта и честа што Старецот Ефрем ни ги укажа, неговото големо евангелско дело, како и тивкиот, но силен и истраен подвиг на неговото христоподобно братство. На крајот, смирено ги испроси молитвите на Ватопедскиот Старец за нашето монашко братство и за сето духовно дело во татковината.

Братското заедничарење со Старецот Ефрем продолжи и следното утро, по завршувањето на светото богослужение. Ја имавме благословената можност да слушнеме негови татковски поуки и благодатни раскажувања за неговите духовни претходници – старците Јосиф Исихаст и Јосиф Ватопедски – како и за други свети светогорски подвижници, чиишто животи и подвизи остануваат живо сведоштво за непрестајното дејство на Божјата благодат.

Го напуштивме Ватопед со срца преполни со благодарност кон Мајката Божја, кон Старецот Ефрем и кон неговото големо и прекрасно братство, за духовните порои со кои се напоивме во ова благословено прибежиште. Оттаму се упативме кон Кареја, каде што со огромна љубов нè пречекаа и нè угостија игуменот на свештената обител Есфигмен, архимандритот г. Вартоломеј, и неговите во Христа браќа. Во топол духовен разговор се говореше за љубовта и убавината на нашиот Бог и за Црквата како единствена заедница на сите во Него.

Поклонението го продолживме во свештената Ќелија „Света Ана“ на возљубениот Старец Антипа, каде што, како и секогаш, бевме пречекани со голема љубов во Христа. Старецот Антипа и неговите богољубиви браќа нè угостија со искрено братољубие – најнапред духовно, а потоа и телесно – дарувајќи ни уште еден благодатен миг на вистинско монашко заедничарење.

Средбите со почитуваните светогорски старци и монаси беа многу повеќе од вообичаени протоколарни посети: тие беа вистински собитија на монашко и црковно заедничарење во преслаткиот Христос. Во топла братска атмосфера се разменија зборови на љубов, духовни искуства и добри желби за продолжување и продлабочување на врските меѓу светогорските обители и Бигорското монашко семејство.

Света Гора отсекогаш имала непроценливо и животворно значење за духовниот и просветителскиот живот на нашиот народ. Нејзините обители, скитови и тивки испосници низ вековите биле како запалени кандила пред престолот Божји, од кои кон нашите краишта непрестајно се излевале светлината на верата, дарот на писменоста, чистотата на монашкото предание и евангелската утеха. Во денови на искушенија, Атон бил духовно прибежиште и мајчинска прегратка; во времиња на духовна жед – непресушен извор на молитва, мудрост и надеж. Од ова осветено тло, натопено со солзите и подвизите на безброј монаси, нашиот народ примал сила да ја сочува верата, да го обновува својот црковен живот и одново да се издигнува кон Христа. Затоа, секое доаѓање во Богородичната Градина не е само поклонение пред древните светињи, туку и враќање кон длабокото духовно сродство – кон живото паметење дека и ние сме чеда под покровот на Пресвета Богородица и наследници на истото светоотечко предание.

За нашиот Старец, ова доаѓање претставува исполнување на долгогодишен копнеж и чудесно заокружување на еден духовен пат: некогаш млад искушеник, кој со страв Божји ги примал првите светогорски поуки, денес повторно чекори по истата осветена земја на светогорските подвижници како монах, свештенослужител и епископ, придружуван од своите духовни чеда. Во секоја посетена светиња се преплетуваат споменот, благодарноста и обновеното предавање на волјата Божја.

Поклонението ќе го достигне својот богослужбен врв на сеноќното бдение во Кутлумушкиот скит на свети Пантелејмон во Кареја, каде што нашиот Старец ќе претстои на празничното бдение и ќе чиноначалствува на Божествената Евхаристија. Овој настан ќе остане запишан како особено благодатен и историски миг во летописот на Бигорската обител – миг на благодарност, црковно единство и целив кон светогорското духовно наследство.

Извор: Бигорски манастир

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Во прегратката на Богородичната Градина – првото…

Со особена трогнатост, духовна радост и благодарност…

Денес се празнува Преподобната маченичка Параскева

Родена е во Рим од родители христијани.…

Денес се празнува Света Ана

Мајката на Пресвета Богородица. Денес се празнува…

Денес се празнува Светата маченичка Христина

Родум од градот Тир, ќерка на царскиот…

Житие: Светите маченици Трофим и Теофил и…

Пострадаа во Ликија во времето на царот…