Во Салцбург се украдени 210 позлатени статуетки на Моцарт
Изложбата на германскиот уметник Отмар Херл со 320 позлатени статуетки на Моцарт во Салцбург е предвреме затворена, откако од паркот Мирабел биле украдени 210 фигурини, објави агенцијата AП.
Статуетките високи 50 сантиметри биле поставени во градот по повод 270-годишнината од раѓањето на големиот австриски композитор Моцарт.
Уметникот Херл смета дека не станува збор за кражба од туристи, туку за организирана кражба.
„Најлошото нешто што може да му се случи на уметник е кога неговите дела ќе исчезнат“, изјавил тој за агенцијата ДПА.

Штетата се проценува на околу 20.000 евра, бидејќи уметникот планирал по изложбата статуетките да ги продава за 90 евра по парче.
Мини-Моцартите не ја исполниле само градината на поранешната куќа на композиторот, туку и неговите станбени простории, како и неколку павилјони.
Иако организаторите оставиле настрана неколку резервни статуетки во случај на кражба, тие биле премалку за да ги надоместат вистинските загуби. Дополнително, немале среќа бидејќи производителот на статуетките бил на одмор, па немало можност за брза замена.
Изложбата на преостанатите статуетки, кои сега се поставени на поголемо растојание една од друга, треба да остане отворена до 30 август.
Волфганг Амадеус Моцарт е роден на 27 јануари 1756 година во Салцбург, каде што Фондацијата „Моцартеум“ организира концерти, ги одржува музеите посветени на Моцарт и го поддржува истражувањето на неговиот живот и дело.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Во Салцбург се украдени 210 позлатени статуетки…
Изложбата на германскиот уметник Отмар Херл со…