Вучиќ: Нема да воведеме вонредна состојба, но ќе има „изненадувачки одлуки“
Србија не размислува да воведе вонредна состојба како одговор на антивладините протести проследени со нереди, рече српскиот претседател Александар Вучиќ на денешната вонредна прес-конференција, пренесува српската редакција на „Радио Слободна Европа“.
„Не размислуваме за тоа, зашто процедурата е комплицирана. Тоа е крајна мерка, но не сме ја разгледувале и не би сакал да ја разгледуваме“, рече Вучиќ.
Тој најави дека во следните три или четири дена државата ќе спроведе „изненадувачки одлуки“ како одговор на антивладините протести.
„Ќе ви се чини дека сме се повлекле, дека сме се уплашиле, но реакцијата нема да биде вообичаена“, рече српскиот претседател, без да прецизира за каква одлука станува збор.
Со денови низ градовите во Србија се организираат антивладини протести, кои прераснуваат во нереди и во судири меѓу демонстрантите и полицијата.
Повод за сегашните собири се настаните што се случија во војводинските градови Врбас и Бачка Паланка на 12 август, кога поддржувачи на власта ги нападнаа демонстрантите со пиротехнички средства.
Револт предизвикало и постапувањето на полицијата тој ден, која демонстрантите ја обвинија дека не направила ништо за да ги спречи нападите. Полицијата ги отфрли тие обвинувања и рече дека спречила поголеми нереди.
И на тој протест и на оние што следеа во наредните денови, паралелно со демонстрантите на антивладините протести, излегуваа и поддржувачи на владејачката Српска напредна странка.
Вучиќ во обраќањето рече дека сега се подготвува „формално-правна реакција на државата“ и дека таа „ќе искористи се за да го врати мирот и општествениот поредок“.
„Кого вечерва ќе убиваат, кого вечерва ќе палат? Но, тоа нема да трае долго“, рече Вучиќ, додавајќи дека на претходните протести полесно или потешко биле повредени 137 полицајци.
Тој додаде дека се одлучил да преземе чекори по „морничавите случувања во Ваљево и малку помалку морничавите во Белград“ на 16 август.
Во Ваљево демонстрантите ги демолираа просториите на Српската напредна странка, а ги скршија стаклата и на градската управа и на обвинителството во тој град.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Филипче: ЕУ го потврди идентитетот
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на прес-конференција…
Владата на Јемен започна целосна војна против…
Јеменските владини сили, поддржани од Саудиска Арабија,…
Судење за Онкологија: Обвинителството ги оспори заклучоците…
Обвинителството ги оспори заклучоците на вештакот на…
Мицкоски: Оваа Влада ги завршува проектите што…
Владата има добиено доверба од граѓаните за…
Зеленски најави нова кампања против руските рафинерии…
Војната меѓу Русија и Украина може да…