Вучиќ: Покер околу одењето во Тирана

t

Српскиот претседател Александар Вучиќ се заканува дека нема да оди на самитот ЕУ-Западен Балкан во Тирана. Млаката реакција на ЕУ е причина за незадоволство во Белград.

Одлуката на косовскиот премиер Албин Курти како министер за заедници во својата влада да го постави Ненад Рашиќ, како и Рада Трајковиќ за негов заменик, предизвика досега незабележана реакција на српскиот претседател.

Во невообичаено остар тон Александар Вучиќ го нарече косовскиот премиер „терористички олош“, и изјави дека „го избрале најлошиот српски изрод од дното на бурето, кои немаат никаква доверба во Србија, но имаат доверба во Курти и западните агентури“. Кон тоа се закани дека нема да отпатува на најавениот самит на 6 декември. Рада Трајковиќ реагираше дека „го разбира Вучиќ како пациент, но не и како српски претседател.“

По средбата со еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, Вучиќ изјави дека останува на своите оценки за Рашиќ и Трајковиќ, но ќе размисли околу присуството на самитот ЕУ- Западен Балкан во Тирана.

Белград е незадоволен и од реакцијата на ЕУ, која ја смета за млака. Според белградските медиуми, бившиот претседател на Уставниот суд на Косово, Енвер Хасани, „Курти со именувањето на Ненад Рашиќ за министер го прекршил уставот.“

Негативна атмосфера во регионот

Игор Новаковиќ, директор на Истражувачкиот центар ИСАК фонд оценува дека „користењето на регионалниот самит како платформа за упатување некои пораки до ЕУ и Курти е лошо. Регионалната соработка е интерс на сите заинтересирани, а овде работата се сведува на меѓусебниот однос на Белград и Приштина. Затоа не гледам големи последици ако Србија евентуално не присуствува на тој самит, но можно е да остави негативна атмосфера меѓу учесниците во процесот на регионална соработка“, вели Новаковиќ.

Реакцијата на Вучиќ би била многу поефикасна ако ситуацијата на Србија е нешто подобра, вели за ДВ Александар Попов, директор на Центарот за регионализам:

„Позицијата на Србија е далеку од тоа, плус настапот е со непримерен речник, па доведе до избрзана одлука да не се оди во Тирана. Целата приказна е лошо одиграна, тоа не придонесува кон позицијата на Србија во ЕУ“.

Попов сепак додава дека сепак „ќе дојде до ретерирање и на крајот одење во Тирана. Но, емоциите не се добар сојузник овој пат, би требало добро да се размисли колкав простор имаме за правење чекор назад и загрозување на процесот на европски итеграции. Сојузници не се стекнуваат на ваков начин“, вели Попов.

Српскиот претседател Александар Вучиќ и еврокомесарот за проширување, Оливер ВархејиСрпскиот претседател Александар Вучиќ и еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји
Српскиот претседател Александар Вучиќ и еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји.

Своето поставување на новата функција во косовската влада Рада Трајковиќ го оцени за добра вест, зашто тоа значи „дека Милан Радоичиќ веќе нема да има влијание на она што се работи, така ќе биде разбиен монополот на Српската листа над ментално промовирање Срби.“

Игор Новаковиќ смета дека тоа не е до крај сигурно, зашто „Ненад Рашиќ и Рада Трајковиќ се политички субјекти кои на изборите добиваа мал број гласови, немаат таков политички легитимитет. Но, во моментов е можен некој вид поделба во рамките на самата српска заедница на Косово, односно Србите кои живеат на југ да прифатат одредени модалитети на соработка со владата на Курти, додека Србите на север ќе бидат наклонети кон ставот на официјален Белград.“

Моето искуство од терен вели дека Србите од југ би сакале повеќе плурализам и можност за избор, истакнува Алексадар Попов.

„Тие често наведуваат дека некои потези на Белград им се чукаат од глава,зашто треба да се води сметка и за Србите во енклавите. Од легитимна страна, Курти можеше во владата да земе било кого, но проблем е што тој самиот направи доста контрапродуктивни потези во последно време, кои практично го запреа преговарачкиот процес“, вели Попов.

(Не) можен компромис

Во врска со продолжувањето на дијалогот Белград-Приштина, оваа епизода дополнително го загрозува процесот. Во исто време претставници на ЕУ испраќаат оптимистички пораки за некој вид договор уште напролет идната година, иако Новаковиќ оценува „дека и покрај тоа што Брисел шири оптимизам, се чини дека ситуацијата меѓу двете страни е толку усвитена, што е тешко да дојде до компромис.“

Дел од вината сноси и Запад, додава Александар Попов: „зашто немаше доволна синхронизација меѓу Вашингтон и Брисел. Во текот на кризата околу регистарските таблички, сѐ беше решено со некој повик од Вашингтон, што на некој начин е понижување за ЕУ. Тоа отвори простор за низа калкулации, сето тоа немаше да отиде толку далеку ако немаше фаворизирање на една страна“, заклучува Попов.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Прегазен струмичанец во Скопје, со тешки повреди…

Четириесет и седумгодишен струмичанец е тешко повреден…

Трендафилов: Ќе бараме зголемување на минималната плата…

ССМ ќе побара враќање на трошоците за…

Македонските државјани во Србија гласаат на Претседателските…

Македонските државјани во Србија денеска гласаaт на…

Филипче: Земјоделците најмногу добиваат од членството во…

Интегрален текст од соопштение за јавност на…