Гардијан: Румен Радев се позиционира за нов Орбан во ЕУ
Бугарскиот премиер Румен Радев со своите први потези по преземањето на власта се наметнува како еден од најнепредвидливите лидери во Европската Унија, а неговата политика кон Русија и Украина веќе го отвора прашањето дали тој се обидува да го заземе просторот што зад себе го остави Виктор Орбан, пишува британски „Гардијан“ во анализа објавена во средата.
Радев, кој претходно беше претседател на Бугарија, стана премиер откако неговата „Прогресивна Бугарија“ убедливо победи на парламентарните избори во април со 44,6 проценти од гласовите и обезбеди мнозинство во парламентот. Неговото доаѓање на власт се совпадна со крајот на долгогодишното владеење на Орбан во Унгарија.
„Гардијан“ оценува дека првите месеци од неговото премиерство покажуваат значително потрансакциски пристап кон Европската Унија и САД, но и низа одлуки кои можат да одат во прилог на Москва. Бугарија во мај ја прекина воената помош за Украина, а Радев претходно оцени дека воениот пристап кон Русија нема да донесе победа. Софија не се приклучи ниту кон групата држави кои го поддржаа специјалниот трибунал за руската агресија врз Украина.
Во јули Радев ја повлече Бугарија и од таканаречената „коалиција на подготвените“, со образложение дека земјата нема капацитет за дополнителна воена помош за Киев и дека продолжувањето на вооружувањето само ја продолжува војната. Само неколку дена подоцна, сепак, Софија одобри американски авиони-танкери да ја користат воздухопловната база Безмер за операции на САД на Блискиот Исток.
Токму ваквата комбинација на потези, според аналитичарите цитирани од „Гардијан“, покажува дека Радев се обидува истовремено да го задржи членството на Бугарија во европските и евроатлантските структури, но и да води политика која во одредени прашања отстапува од доминантната линија на Брисел.
Дополнително затегнување на односите со ЕУ предизвика неговата закана дека Бугарија ќе стави вето на новиот пакет европски санкции против Русија. Радев се спротивстави на дел од мерките поради можните последици за бугарската економија, но и поради санкциите насочени кон претставници на Руската православна црква.
Од друга страна, неговата политика не е целосно насочена против западните сојузници. Радев во мај потврди дека Бугарија ќе ги почитува обврските кон НАТО и ќе работи на постепено зголемување на расходите за одбрана до пет проценти од БДП. Тој истовремено нагласи дека земјата ќе продолжи по европскиот пат.
Марија Симеонова од Европскиот совет за надворешни односи оценува дека Радев веќе станува „неудобен лидер“ за Европа поради непредвидливоста на неговите потези. Сепак, таа не очекува тој да стане копија на Орбан и систематски да ги блокира клучните одлуки на ЕУ.
Слична оценка дава и Димитар Керанов од Германскиот Маршалов фонд, според кого Радев засега ја тестира границата до која може да оди во односите со Брисел и со сопствените гласачи. Според него, бугарскиот премиер во моментов нема политичка инфраструктура каква што Орбан изгради во текот на долгогодишното владеење во Унгарија.
„Гардијан“ затоа не тврди дека Радев веќе станал „новиот Орбан“, туку ја отвора дилемата дали неговата комбинација од евроскептични, проруски и истовремено прагматични прозападни позиции може да го претвори во следниот лидер кој редовно ќе ја тестира политичката кохезија на Европската Унија.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Гардијан: Румен Радев се позиционира за нов…
Бугарскиот премиер Румен Радев со своите први…
Израел: „Ердоган ја намамува Турција во опасни…
Израел испрати ново остро предупредување до Турција,…
Покрената петиција за промена на името на…
На социјалната мрежа „Икс“ се појави иницијатива…
Незаконски продавале отпадно железо, го оштетиле „…
СВР Битола поднесе кривични пријави против три…
Пожарот во прилепско Чаништа се движи во…
Како што инфомираше синоќа директорот на ДЗС,…