Генерален штрајк на синдикалните сојузи ја парализира Португалија
Португалија денеска е блокирана поради генералниот штрајк во организација на двата најголеми синдикални сојузи ЦГТП и УГТ поради владиниот предлог за реформи на Законот за работни односи.
Штрајкот предизвика нарушување на сообраќајот, на работата на аеродромите, болниците, училиштата и другите јавни услуги.
Меѓу повеќе од 100-те предлози, најконтроверзни се оние што би им дозволиле на работодавците да ги продолжуваат привремените договори со години, да ја укинат забраната за отпуштање на работници и нивно непосредно повторно вработување преку надворешни соработници и да ја укинат обврската за враќање на неправедно отпуштените вработени.
Синдикатот ЦГТП го осуди пакетот како „напад врз правата на сите работници, особено на жените и младите“, додека УГТ го смета за „толку несоодветен, во контекст на економскиот раст, финансиската стабилност и силниот пазар на трудот, што … одразува јасна пристрасност во корист на работодавците“. Според УГТ формалните разговори со Владата и работодавците биле „неурамнотежени, рестриктивни и штетни за работниците“.
За разлика од многу претходни штрајкови, денешната акција не е ограничена само на јавниот сектор. Во најголемата фабрика во Португалија, „Автоевропа“ на „Фолксваген“, јужно од Лисабон, речиси 1.000 работници минатата недела едногласно го поддржаа штрајкот.
ЦГТП и УГТ последен пат беа обединети во 2013 година, за време на должничката криза во еврозоната, кога меѓународните институции бараа намалување на платите и пензиите како услов за пакет помошта за Португалија.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Во Португалија протести поради трошоците за живот…
Неколку движења за правата на станарите и…
Португалија стана првата земја од ЕУ што…
Португалија стана првата земја-членка на ЕУ што…
Португалскиот известувач во сенка: Унијата не смее…
Дебатата за европската иднина на Западен Балкан…
Шпанија и Португалија погодени од силна бура…
Бурата Леонардо го погоди Иберискиот Полуостров во…
Лазаров: Португалија е фаворит, а ние ќе…
Натпреварот со Данска е веќе минато, а…