Голготата на коските на Гоце Делчев или патила глава и уште ќе пати

t

Ја пишувам оваа колумна по повод пренесувањето на моштите на Гоце Делчев на 6 октомври 1946 година пд Софија во Скопје, столицата на слободна Македонија.

Исто така имам намера да му оддадам неизмерна почит кон неговото дело за Македонскиот народ и Македонија. Притоа сакам да спомнам дека денес на 6 октомври во Охрид се отвора “културен клуб” Цар Борис Трети, познат соработник на Адолф Хитлер. Сметам датумот на отворањето на “културниот клуб” не е случаен затоа што се поклопува со смртта на Цар Самоил и пренесувањето на моштите на великанот Гоце Делчев од Софија во Македонија. Јас повеќе ќе се задржам за моштите затоа што е од извонредно значење Македонците да знаат дека моштите на Гоце биле криени и чувани кај Македонците од неговото убиство на 4 мај 1903 год до 6 октомври 1946 год. Уште да додадам дека за овај период бугарските власти воопшто не биле заинтересирани за Гоце Делчев затоа што на нив не им значел ништо.

Имено, последните 2-3 години великанот Гоце Делчев е предмет за распродажба заедно со неговото големо дело кое го направил за време на неговиот краток живот.

Ова ме потсети на една приказна која дедо ми Богоја ја раскажуваше кога бев мал и ми објануваше како еден човек може да пати за време на животот а и после него. Имено, во селото имале еден македонец кој секогаш бил малтретиран од властите тогашни и од предавниците. Човекот многу бил мачен и со маки го напуштил светот. Откако бил погребан некои дечиња после неколку години без да знаат му ја откопале главата и почнале со стаповите да ја удираат главата и да си играат со истата. Ја тркалале главата се додека не ги забележал некој човек и да им ја одземе и повортно да ја закопа некаде.

Оваа приказна ме потсеќа на судбината на Гоце Делчев за време на неговиот живот и после неговата смрт. Познато е што требал да прави Делчев за да спасува глава од властите, но и од кодошите. За наша среќа, Гоце бил многу паметен за неговата возраст и вешто ги избегнувал сите несакани настани. Но, за жал, на 4ти мај 1903 година бил предаден на турскиот аскер и во селото Баница бил убиен. Димо Хаџи Димов, кој бил со Гоце, вели дека 15 саати го бранеле мртвото тело на Гоце и 15 саати аскерот не можел никако да се приближи.

Мртвото тело на Гоце Делчев било препознато од мајорот Хусеин Тефиков, негов школски другар од военото училиште во Софија. Мајорот Тефиков наредил телото на Гоце Делчев и на Димитар Густанов да се однесат во Сер, но стигнала нова наредба од Солун телото на Гоце Делчев да се погреба во Баница. Делчев бил погребан под брестовите на ливадата покрај селските гробишта. После три години во 1906 година, на Ѓуровден, Михаил Чаков и Атанас Даскалов – Таската кои биле до Гоце кога бил убиен, решаваат да ги откопаат коските на Гоце Делчев и да ги сокријат од непријателите, особено од грчките чети. Но при барањето на коските тие забележале дека градниот кош на Делчев не бил распаднат. И тие одлучиле да ја земат само главата и рацете. Некој од четниците тивко рекол: „срцето на Делчев не сака да ја напушти Македонија.“ Михаил Чаков ги однесол коските на Гоце кај дедо му Никола Мутавчиев, клисар во црквата. Коските на Делчев три дена биле чувани во спирит (ракија) и потоа ставени во ковчег. Со овај чин започнува голготата на коските на Гоце Делчев.

Во 1908 година дедото на Чаков повторно го откопува гробот на Делчев и ги зема градните коски и нозете на Делчев и со главата и рацете ги става под алтарот во црквата во село Баница каде што сметале дека е најсигурно место да се чуваат. Таму коските тајно ги чувале десет години.

Во текот на Првата светска војна Михаил Чаков учествувал со неговата чета до 1917 година. Заради болест се враќа дома и одма пратил абер преку своите пријатели до дедо му Никола Мутавчиев за да ги земи коските и да ги однеси кај него. Никола ги собрал коските во торба и тргнал со воз од Сер. Во возот му ја одзеле торбата на Никола мислејќи дека има злато. Но кога виделе дека се коски од човек торбата ја фрлиле од возот. Никола барал по секоја цена да слези и молел за помош. Клисарот слегол од возот и тргнал во спротивен правец на железницата да ги бара коските. После долго барање ја нашол торбата со коските на Делчев фрлена во некоја ливада. Голготата продолжува понатаму, и од Баница коските стигнале кај Михаил Чаков дури во 1919 година, после завршувањето на Првата светска војна. Чаков живеел тогаш во гратчето Ксанти кое се наоѓа во подножјето на Родопите. Со повторната поделба на Македонија ова гратче е доделено на Грција и заради тоа Чаков заминал во Пловдив. Голготата со коските на Делчев продолжува. Чаков и неговата сопруга го пренесува реликвеното сандуче во новиот дом во Пловдив. На 2 август 1923 година, по повод 20 годишнината од Илинденското востание, изнесени се коските на Гоце Делчев за оддавање почит во црквата „Св Недела“. Таму стојат десет дена. Потоа коските се ставени на таванот од црквата и таму се чуваат додека се пренесат во домот на македонската организација „Илинден“ која се наоѓала во Софија. После краток период коските се пренесени во Македонскиот дом и биле прифатени од Илинденците кои направиле специјален саркофаг . На саркофагот се заколнале и напишале „ги заколнуваме поколенијата, овие свети мошти, да бидат погребани во главниот град на независна Македонија“.

На 6 октомври 1946 година голготата на коските на Гоце Делчев продолжува. Ковчегот со коските на Делчев да се однесат во главниот град на независна Македонија. Коските од Софија патуваат преку Пиринска Македонија преку градовите, Сандански, Благоевград, Неврокоп и Петрич. Илјадници македонци излегувале да му се поклонат на великанот Делчев. Од Петрич коските биле префрлени во Струмица а потоа во Скопје, главниот град на Македонија. На десетти октомври 1946 година конечно голготата на коските на Гоце Делчев завршува. Саркофагот со коските положен е во дворот на црковниот храм „Св Спас“.

Вечна слава!
Д-р Ицо Најдовски Перин, историчар

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Документи+Видео) Ова се доказите за соработката помеѓу…

Maкедонската јавнос е во шок по деталите…

Добри вести од соседството, пронајдена e Сара!…

Пронајдена е Сара П.(17) од Борча која…

Koнечно искрен политичар: Не верувајте на сѐ…

Не верувајте во сѐ што ви кажуваме.…

Не за џабе ја нарекуваат Белата Палата:…

Истакнат член на партијата и близок човек…

(Видео) ПЕРО АНТИЌ „МУ ГО ЧУВА ГРБОТ“…

Поранешниот прославен македонски кошаркар и актуелен претседател…