Гоце Делчев

t

Незаборавник: За Македонцките работи(5.)

Гоце Делчев – идеолог и стратег на револуционерна Македонија

Гоце Делчев во македонското национално-ослободително и револуционерно дело е целосно вклучен, со сето свое срце, со својот неуморен елан, со неисцрпната енергија и со ослободителната иницијатива и борба. Неговата појава на македонската историска сцена, во современата историја на македонскиот народ и на Македонија, воопшто не беше случајна. Појавата на Делчев и реализирањето на неговото револуционерно дело се поврзани со развојот на македонското национално-ослободително движење од крајот на 19-от и почетокот на 20-от век. Тој и неговите соработници и соборци, дадоа својствен и прогресивен печат на ова македонско револуционерно дело и движење. Истото го раздвижи, го разви и му влеа современ револуционерен дух на времето, и го насочи кон конечната победа и посакуваната слобода. Уште за време на живот, преку своето грандиозно дело, како смел борец за национални и социјални права, стана револуционерна совест на Македонија. Неговиот животопис беше најтесно поврзан со животот на македонскиот народ, кој национално и социјално потиснат, ги бараше патиштата и насоките за ослободување од вековното османлиско ропство и за оттргнување од духовното ропство, најпрвин од Цариградската патријаршија и грчките фанариоти, а подоцна и од канџите на Егзархијата, бугарскиот врховизам и српската антимакедонска пропаганда.

Во македонската црвена револуционерна нишка на преден план беше Гоцевата револуционерна филозофија и неговото патриотско дело. Затоа тој беше рожба на својата епоха, и како идеолог и како борец беше творец на концепцијата на македонската револуција. Преку своите револуционерни идеи, преку неуморната организациона работа на теренот, Гоце стекна голема доверба кај народот и неспорен авторитет кај соработниците. Неговото име стана знаме и симбол во борбата за слобода и посакуваната победа на револуционерната борба. Израсна во вистински народен трибун, предводник во борбата за македонска самостојност и самобитност. Неговото дело и саможртвата што ја даде го направија знаменосец и челник во борбата за национално и социјално ослободување на македонскиот народ, и нај знаменита личност на македонската историја.

Со што го заслужи овој статус Гоце Делчев, и како израсна во таков авторитет?
Како прво, тој беше идеологот и стратегот на ВМРО. Понатаму, се покажа како вистински визионер кој го виде светот како најшироко поле за културен натпревар на народите. За него, за неговиот животен пат и за неговото револуционерно дело најдобро зборуваат мислите што тој ги изрече во комуникацијата со македонскиот народ, неговите заложби за ослободување на Македонија, како и неговата организациона работа на теренот низ цела Македонија.

И секако, тој беше голем борец за македонската кауза кој во својата револуционерна дејност јасно ја определуваше суштината на македонското национално-ослободително дело. Во тој контекст Гоце Делчев изјавуваше: “Македонското дело, тоа е опширно дело на најголеми потреби“. Во оваа смисла тој е сигурен, категоричен и енергичен во својот став, поставувајќи круцијални прашања: “Дали може да има друго место за еден Македонец освен Македонија? Дали има народ понесреќен од македонскиот? И дали има некаде пошироко поле за работа, отколку во Македонија?“ (Гоце на Даме Груев, 1894г.).

Нему не му беше тешко да го насочи делото за национално и социјално ослободување на македонскиот народ. За таа цел тој ја поттикнуваше системската агитација за револуција, трпеливо подготвувајќи ги народните маси за таа висока цел. На тој план се покажа како ненадминат агитатор и неуморен народен организатор. Вистински факелоносец на Делото, Симбол на Организацијата и Икона на Револуцијата. Инаку, неговата концепција за македонската револуција беше кристално јасна: ‘’Ослободувањето на Македонија лежи во внатрешното востание. Кој мисли поинаку да се ослободи Македонија, тој се лажи себеси и другите’’ (Гоце до Каранов. 1895г.). Со оваа мисла тој на преден план го става фактот дека успехот на ослободителното дело зависи пред се од неговото основно јадро – народната маса која е движечка сила на историјата и на револуцијата. Затоа и инсистира “Треба тој народ да се разбуди од тој петвековен сон, кој го направи Македонецот доста дебел во свеста на човечки правдини“.

Со овој концепт тој ја изразуваше идејата за револуционерно организирање на онеправданите народни маси. На тој фундамент ја даваше надградбата изразена како ‘’Македонија има свои интереси и своја политика. Таа им припаѓа на сите Македонци. Кој копнее, кој работи да ја присоедини кон Бугарија или Грција, тој може да се мисли за добар Бугарин или Грк, но не и добар Македонец’’. Ваквата своја категоричност тој ја вгради и во Уставот на ТМОРО, што го изработија во 1896г заедно со Ѓорче Петров.

На преден план секогаш му беа Македонија и напатениот народ во неа, па се трудеше на секој начин да ги заштити од нечесни политики и злонамерни пропаганди. Во таа насока најчесто, во разговорите и преписките со Даме Груев, изјавуваше ‘’Ние не можеме да правиме политика, ниту да им дозволиме на други да правата политика со Македонија… Кога да се прави востание, ќе реши народот… Крвта на народот е скапа и не сакаме да ослободуваме трупови, туку жив народ’’. Беше врвен организатор на револуционерната организација и извонреден мобилизатор на широките народни маси. Членовите на организацијата ги поучуваше дека ‘’Моралната револуција – револуцијата во умот, срцето и душата на еден ропски народ, е најголемата задача’’(Гоце пред членовите на организацијата, 1901г.).

На соработниците им порачуваше ‘’Со молчење и бездејност од никаде ништо не излегува’’(Гоце до И.М. Белешков, 1902г.), а македонското население го мотивираше прашувајќи го “До кога ќе го трпиме ова срамно ропство?“ (Гоце пред штипјани, 1896г.), или повикувајќи го во борба за слобода ‘’За да се здобиеме со слобода – треба да се бориме! Штом вие ќе го чуете гласот за востание, нема друго што да правите, освен да ги грабнете пушките и да се соединете со четите’’(од агитација пред населението во Македонија, 1903г.).

Инаку, Делчев воодушевуваше и кога зборуваше за својата идеолошка определба, велејќи дека по душа е анархист, по убедување социјалдемократ, а по дела револуционер. Сам си го исцрта идеолошкиот и револуционерен лик. Но, величината на неговата идеолошка платформа излегуваше од тесните рамки на обично национално и револуционерно дело. Тој беше голем слободољубив патриот, светски космополит и интернационалист. Тоа го покажа со неговата епохална изјава за неговото разбирање на светот како поле на културно натпреварување на народите. Во овој став содржана е и неговата визија за светот на слободни народи, проткаена со блескотен длабок хуманизам и возвишеност.

Сето ова го потврди и кога даваше изјава за дописниците на странските весници изјавувајќи ‘’Јас сакам револуција, со граѓани кадарни да ги поднесат сите искушенија на една долготрајна борба, каква што поради жестоките политички услови ќе биде нашата’’, и ‘’Не слушајте ни ги зборовите, туку гледајте ни ги делата’’(Гоце на дописникот на ‘’Тајмс’’).

Моќни, поттикнувачки и мобилизаторски се и следните негови мисли: ‘’Јас сакам револуција, со граѓани кадарни да ги поднесат сите искушенија на една долготрајна борба, каква што поради жестоките политички услови ќе биде нашата’’; ‘’Семожни изроди те јадат и ти создаваат пречки’’(Гоце до Н. Зографов, 1897г.); ‘’Кој знае дали има народ, што трпел толку многу од своите синови изроди, како македонскиот…’’, ‘’Кураж и силна вера во себеси – тоа е силата што ги дава сите успеси’’, ‘’Ако за луѓето времето е злато, за нас е бесценето’’(Писма до Н. Малешевски од 1897г. до 1900г.).

Пишува: Сотир Костов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Уапсен Арачиновец, извршил шест кражби во Кавадарци

Полициски службеници од ОВР Кавадарци уапсиле 42-…

Oд Охрид до „Черното море“: Охрид ќе…

Бугарскиот приморски град Варна добил барање од…

Макрон: Не се сомневам дека Русија ќе…

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска изјави дека…

Пендаровски очекува победа во вториот круг

Актуелниот претседател на државата и кандидат на…