Груевски за „балансерот“: Како и зошто се донесе и што би значело укинувањето

t

БАЛАНСЕР

Деновиве актуелно е прашањето за укинување на т.н. балансер при вработувањата во јавниот сектор и најавено е негово укинување по изборите. Во ред.

Но, добро е да се знае како дошло до балансерот, од што произлегува и кои други претпоставки се потребни да се исполнат за да се добие посакуваниот и очекуваниот ефект.

Само укинувањето на балансерот може да отвори други проблеми, ако не се превземам поширок број на други мерки и реформи.

Причината зошто постои балансерот е одредбата во уставот од измените во 2001 година после потпишувањето на рамковниот договор кој предвидуваше правична застапеност на преставниците на помалите етнички заедници во дражавната администрација и јавниот сектор. Стана второстепен квалитетот пред колективното право. Тоа создаде девијации во системот.

Дали таа одредба требало или не требало да се прифати не можам да коментирам бидејќи се прифати во преговорите за рамковниот договор меѓу големите македонски и албански партии во време на вооружен конфликт во земјата, како еден од условите истиот да прекине со потпишување на тој договор. Тие што преговарале и потпишале можеби најдобро можат да говорат за околностите под кои тоа се прифатило.

Но, да бев на местото на Албанците во тоа време, повеќе ќе се насочев на револуција во правец на многу повисок квалитет на образованието на Албанците над Македонците. Ако таа револуција се спроведеше и успееше без војна или оружје ќе постигнеа многу повисок ефект.

Дали е полесно да се земе оружје во рака или да се учи многу повеќе, односно да се создаде свест, услови и општа атмосфера дека од тоа нема поголемо оружје? Не е дека ова прашање е само за Албанците, туку за сите во Македонија во делот на квалитетот на образование и степенот на знаење.

Тоа прашање ќе го оставам секој сам да си го одговори.

Но, кога веќе се прифати тоа во уставот, а се друго остана исто, природно и очекувано беше партиите подржани од албанскиот електорат но и партиите подржани од другите помали етнички заедници да бидат под притисок на нивниот електорат во правец да го зголемат и донесат на ниво на соодветната според процентот на население застапеност на вработени во јавниот сектор на нивната етничка заедница.

Тој притисок тие партии која и да е на власт го пренесуваат во владата и јавниот сектор.

Што се случуваше пред да постои балансерот?

Се случуваше најголем дел од преставниците на помалите етнички заедници од македонската да се вработуваат во министерство или управа каде првиот човек е од таа етничка заедница.

На пример. Еден период околу пет години Министерството за здравство имаше министри етнички Албанци.

Немајќи доволно моќ и начин, подеднакво да ги распределат Албанците во администрацијата, во Министерството за здравство процентот на застапеност на Албанците стигна до 40%.

Кој негодуваше?

-Македонците и останатите етнички заедници.

Затоа пак во некои други министерства каде немало или подолго време немало министер Албанец, процентот на застапеност беше 4%, 7% или 10% вработени Албанци.

Кој негодуваше таму?

-Албанците.

Така беше пред воведување на балансерот.

Кон тоа веројатно ќе одат работите и по неговото укинување ако не се превземат поширок обем на коренити мерки.

Се додека постои таквата одредба во уставот, укинувањето на балансерот сам по себе нема ништо да реши.

Кому му помогна балансерот?

Зависи каде.

Во министерствата кои беа како некогаш Министерството за здравство, или некои општини со доминантно албанско население им помогна на Македонците.

Во други министерства, каде Албанците беа под државниот или општинскиот просек на застапеност како жители, им помогна на Албанците.

Тесно поврзано со овој проблем е проблемот на вработувања по заслуга. Не партиска, туку заслуга според личен квалитет, знаење и квалитет на образованието.

Корените на проблемот не лежат дури ни во одредбите на уставот. Таму се последиците, исто како и во балансерот.

Пред тие одредби во уставот, покрај свеста има најмалку два други фактори кои може да се каже дека се корен на проблемот и по долги разговори со коалициониот партнер, но и внатре во партијата во 2014 година, се зафатив со темелна работа и во последните две години дојдоа првите резултати.

Првиот коренит проблем е во ниското ниво на квалитет на образование земено како просек на Македонците. Веројатно најниско во Европа. И уште пониското ниво на квалитет на образованието на албански јазик, секако како просек.

Значително пониско и од она и онака ниско на Македонците.

Последиците од тоа во голема мерка доведоа до потребата за уставните промени, но и во несоодветна застапеност во делот на унапредувањата.

Замислете во последните 25 години Албанците во Македонија да создадена двојно поквалитетни образовни институции од Македонците и само закон за јавна администрација со високи критериуми кои не можат да се заобиколат. Сега токму Македонците ќе бараа правична застапеност во јавниот сектор преку промени и гаранции во уставот.

Вториот коренит проблем се Законите под кои се вршат вработувањата и кои даваат простор за манипулација од страна на политичарите.

Во вториот дел од мандатот кога ја водев владата, направивме големи измени на тие закони и стана невозможно вработување по партиски клуч.

Звучи неверојатно но сите што беа околу мене во тие две години, добро знаат дека беше така, се до смената на власта во мај 2017 година.

Само што дојде новата влада на чело со Заев ги смени овие одредби и се се врати по старо.

Оваа тема поврзана со овие две точки е долга и опсежна, со многу детали. Ќе ја опишам во друга прилика.

*Фејсбук статус на поранешниот премиер Никола Груевски

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Груевски ја нарече власта на СДСМ дрва…

КОГА ДРВЦА САДАТ ДРВЦА Каква траги-комедија се…

Османи вели дека во ВМРО-ДПМНЕ има страв…

За тврдењата на албанската опозиција дека во…

Груевски открива дека Заев има бизниси во…

Иако во минатото во повеќе наврати кажав…

Каков “шамар”: Тајвански “Јагео” не доаѓа во…

Премиерот Димитар Ковачевски се испофали со доаѓањето…

(Видео) Груевски: Честитки за прогласувањето на Бошковски…

Поранешниот премиер Никола Груевски на Фејсбук ја…