Груевски со извадок од книгата на Михајло Апостолско го честиташе ослободувањето на Скопје
Нека е честит и нека вечно се слави денот на ослободувањето на Скопје од фашистичкиот окупатор – 13. ноември. Ослободувањето на главниот град на било која држава секогаш и секаде има посебна историска важност и симболика.
***
Во продолжение за оние кои ги интересира го пренесувам поглавјето “Ослободувањето на Скопје” од книгата “Сеќавања” на Михајло Апостолски – првиот македонски генерал, командант на Главниот штаб на НОВ и ПОМ, воин, револуционер и научник. Во текот на 1985 година, Коце Солунски, првоборец, револуционер и писател, во разговор со Михаило Апостолски, а со помош на тон-снимател од Радио Скопје (сегашното Македонско радио), ги снимил неговите сеќавања на магнетофонска лента.
ОСЛОБОДУВАЊЕТО НА СКОПЈЕ
Додека бевме во Охрид добив радиограм дека нашата 42 дивизија ја разбила надворешната одбрана на Германците пред Скопје, влегла во него и веќе води борба. Тогаш веднаш со Павле тргнавме кон Скопје. На патот кон Скопје, Павле остана во Прилеп, а јас и Борко Темелковски-Лилјакот и некои други другари продолживме за Скопје. Кога дојдовме во Велес, видовме дека мостовите на Вардар беа урнати. Меѓутоа, велешани беа направиле неколку мали сплавови од буриња и со еден таков сплав јас и Борко Темелковски, со уште двајца курира, преминавме на другата страна на Вардар. Таму најдовме дел од бугарската комора од која зедовме еден товарен камион и со него тргнавме кон Скопје. Сакавме што побргу да стигнеме за да спречиме евентуални недоразбирања со бугарските војски. Кога стигнавме на Црн Врв (на стариот пат), сретнавме единици од Петтата бугарска дивизија. На нашето прашање каде одат, ни рекоа – за Скопје. Ги запрев и наредив веднаш да се вратат назад. Им реков дека не ни се потребни. Имав информации дека таа дивизија никогаш и никаде не водела борби со Германците. За тоа постојат и радиограми, а јас во моите книги го имам пишано сето ова. Си спомнувам дека кога требаше заедно да напаѓаме кај Теранци, нивната армија ги биеше нашите едини и, а не германските. Затоа, многу не размислував и наредив да вратат назад. Кога дојдовме до Пчиња, нè пресретна еден бугарски полквник. Се претстави дека е командант на Петтата дивизија. Го прашавме зошто седат тука, а тој ни одговори дека не можат да ја поминат реката, па чекаат да им донесат материјал за да направат мост, а Пчиња тогаш беше длабока само до колена. Тогаш енергично му реков да ја врати Дивизијата, зашто нам не ни е потребна. Му реков и тоа дека Скопје е веќе ослободено, иако знаев дека таму уште се водат борби. Бев многу лут поради нивните саботажи. Патем слушав како Радио Софија јавува дека нивните војски го ослободиле Велес, а тие не ни видоа како изгледаше Велес кога се водеа борби за негово ослободување. Потоа, дека го ослободиле и Штип, што беше невистина зашто бугарската војска беше 30 километри далеку од Штип кога се водеа борби за негово ослободување. На полковникот му го истурив сиот гнев што го имав собрано слушајќи ги вестите на Радио Софија и го вратив назад. Со Борко Темелковски го продолживме патот кон Скопје, минувајќи ја лесно реката Пчиња со камионот. Кога стигнавме во Скопје (на 13 ноември попладне), градот веќе беше ослободен. Во Скопје беше дојден и Штабот на корпусот, кој ме запозна со целата ситуација. До крајот на денот градот беше исчистен (од Германците и нивните соработници н.з.), а ноќта пристигна и Пандора Чесноска. Беше многу возбудена, со распуштена руса коса. Застана пред мене и ми рече: „Другар команданте, готово е!”. Мене нозете ми се пресекоа. Ја прашав, што е готово, плашејќи се Германците да не извршиле некој противнапад и повторно да не се пробиле во градот. Ми рече дека сите соработници на окупаторот успеале да ги притворат. Ми олесна, зашто сфатив дека возбудата била од задоволство поради успешно извршените задачи. Во врска со ова треба да објаснам дека пред да тргнеме во завршните операции, направивме списоци на соработниците на окупаторот во сите градови и определивме по едно лице, со по неколку борци од ОЗНА, да ги фатат и да ги затворат, за потоа да им судиме.
Сакам да објаснам уште една работа, која се случи веднаш по одржувањето на АСНОМ. Тогаш решивме да испратиме неколку борци во Врховниот штаб и во Президиумот на АВНОЈ, за да се вклучат во нивната работа. За тоа ги определивме Цвета, мојата сопруга, Киро Глигоров, Благоја Аџипанзов, Лазар Соколов, Илија Џувалековски, Ленче, сопругата на Љупчо Арсов и др. Тие кон Бојник се упатија преку Србија. Селото било разорено и целосно уништено. Бугарските војници стрелале и мали деца, а доенчињата ги фрлале во воздух и ги пречекувале на бајонети. Таму беше направен аеродром. Нашата делегација, придружувана од една десеттина борци, преку врските во Србија, стигнала во Бојник. Оттаму (со авион з.н.) заминале за Вис. Таму сите се вклучиле во разни активности, главно во Президиумот на АВНОЈ.
На 14 ноември 1944 година Скопје беше сосема слободно, па нашите единици: 42-та и 50-тата дивизија, како и 16-тата бригада од Кумановската дивизија, ги упативме во натамош но дејствување. 42-та дивизија и 16-тата бригада заминаа за Качаник, а 50-тата дивизија, кон која ја приклучивме и Третата македонска бригада, ја упативме кон Тетово. Сакавме да го блокираме Тетово од двете страни – од Скопје и од насоката Маврово-Кичево, преку Гостивар. Тие единици водеа мошне жестоки борби на влезот на Качаничката Клисура, пред Јанковиќ, кај Групчин и кај селото Шишково, кај Треска. По овие борби, 50-тата дивизија релативно лесно, потиснувајќи ги не пријателските сили, на 19 ноември влезе во Тетово. Интересно е да се спомне дека за одбраната на Тетово од нашите единици: од 15-тиот корпус што тргна од Охрид кон Скопје и од 50-тата дивизија што тргна од Скопје кон Тетово, како и од други наши единици, Германците во Тетово ги оставиле само контрареволуционерните сили балистичките формации и – дивизијата СС-Скендербег, формирана на Косово од фашистички настроените Албанци. Во борбите на просторот од Кичево до Тетово, беа уништени речиси сите балистички единици. Од закрвавените балисти, во планините остана само еден дел, кои подоцна ги расчистивме. Една група самонаречени доброволци сакаа да водат преговори со нас за тоа кој да ја преземе власта. Се разбира, не прифативме никакви разговори. Подоцна разбравме дека и тие биле балисти, формирани уште од страна на Италијанците, а подоцна прифатени и од Германците. Тие сакаа да се претстават како некој вид бранители на Тетово.
На 14 ноември утрото, кај мене дојде еден бугарски потполковник и ми соопшти дека командантот на Првата бугарска армија, генерал Стојчев, порачал да му се јавам. Веднаш остро реагирав дека не сум му потчинет на неговиот командант, туку дека тој ми е потчинет мене, па според тоа тој треба веднаш да ми се јави. Подоцна од едно писмо на Стојчев дознав дека тој не му рекол баш така на бугарскиот потполковник, на што јас му верувам, бидејќи знаев дека Стојчев беше чесен офицер. Стојчев, всушност, му рекол на потполковникот да дојде кај нас, да се поврзе со штабот и да утврди време кога ќе можам да го примам на разговор. Стојчев не дојде веднаш, бидејќи како командант на Првата бугарска армија во Македонија се наоѓал во Куманово.
Политички комесар на оваа армија тогаш беше Штерио Атанасовски. Кога го дознав тоа, им закажав да дојдат нешто подоцна, но во истиот ден. Ги дочекавме во зградата на Мацура, близу до Офицерскиот дом. За таа пригода преуредивме една просторија, за да заличи на канцеларија. Ставивме биро, килими, фотелји и др. и тука јас и Борко Темелковски ги примивме. Јас им се заблагодарив за дејствувањето на нивната армија, бидејќи таа учествуваше во некои борби. Меѓутоа, веднаш им кажав дека, доколку дејствувањата ни беа координирани, тие немаше да имаат толку големи загуби. Таа армија даде многу жртви при заземањето на страцинските позиции. Им реков дека вината за тоа треба да ја бараат во своите команданти, кои не беа подготвени за борба. Потоа им реков дека натамошното присуство на Првата бугарска армија на наша територија не е потребно и затоа треба веднаш да си заминат. Им дозволив, доколку сакаат да се одморат, да се задржат уште ден-два, но само надвор од Скопје. Им определивме и место за тоа. Задржувањето во Скопје им го забранивме. Тие чесно ги прифатија нашите сугестии, зашто и двајцата беа подобни личности. Штерио Атанасовски беше стар револуционер, подоцна издаде свои мемоари, а Стојчев беше офицер од старата бугарска војска, демобилизиран во 1934 година, кога е извршен фашистички удар, бидејќи бил лево-ориентиран.
Набргу по нивното заминување, кај мене дојде еден командант на полк и ми рече дека сакале да одржат парада во Скопје. Во меѓувреме, влегле и некои единици во индустрискиот дел на градот. Ваквото барање и доаѓањето на некои нивни единици во градот кај мене предизвикаа голем револт и лутина. Веднаш им реков дека нема да можат да одржат никаква парада во Скопје, зашто парада одржува само оној што се борел за Скопје, а тие пушка не пукнале за неговото ослободување. Им наредив веднаш да го напуштат градот. Бидејќи не бев сосема сигурен дали ќе ме послушаат, наредив баталјонот на ОЗНА со пушкомитралези веднаш да се распореди на мостовите на Вардар и да ги спречи обидите на Бугарите за влегување во центарот на градот. Кога го видоа тоа Бугарите, се повлекоа. Ако дозволевме да одржат парада, денес никој не можеше да докаже дека тие, буквално, ни куршум не испукале за ослободувањето на Скопје. Нивната прва патрола, испратена во Скопје од единиците што влегле во Куманово, на влезот на Скопје пристигна дури на 14 ноември утрото, кога Скопје беше целосно ослободено. Но, само што ја отстранивме таа нивна махинација, добив писмо во кое тие бараа да испратам делегати што ќе присуствуваат на поменот на бугарските војници, паднати во борбите при ослободувањето на Скопје. Тоа, исто така, многу ме налути. Веднаш испратив чета на КНОЈ3 со цел да го спречи одржувањето на поменот. За каков помен станува збор, на кои паднати бугарски војници, ве молам? Ете така успеавме да ја спречиме нечесната игра на Бугарите, со која тие сакаа да ги потврдат лажните информации што ги емитуваше Радио Софија. За таквите нивни постапки и лажни информации јас испратив неколку телеграми до Врховниот командант.
Морам да подвлечам дека во сите тие акции учествуваше и Борко Темелковски, кој беше политички комесар на Главниот штаб. Со него одлично соработував, бргу се разбиравме, заеднички се снаоѓавме и дејствувавме. Одлуките што ги носевме не ги носевме само во мое име, туку во името на Главниот штаб. Такво разбирање имав и со Цветко Узуновски, додека ова не можам да го речам за Бане Андреев. Со него имав многу не доразбирања, па и обиди за кочење на развојот на акциите што ги преземавме во периодот додека тој ја вршеше функцијата во Главниот штаб. Тој е покоен и според старото римско правило – за покојните сè најдобро, па сепак некои работи не можам да ги прескокнам, зашто тие негативно се одразуваа врз развојот на операциите во Македонија.
Причините зошто Бане беше таков ми беа јасни. Тој уште како студент падна во затвор и одлежа цели 12 години. Во затворот учествувал во сите фракционерски борби и од него излезе со многу конфузни знаења. Ниедно прашање од областа на марксизмот кај него не беше јасно расчистено. Цели 12 години Бане немаше никаква врска со македонскиот народ, ниту пак беше човек што можеше да воспостави контакт со народот за да ја согледа состојбата. Се гледаше само себе си, беше вљубен во себе и мислеше само на тоа каква позиција ќе заземе по завршувањето на војната.
Се сеќавам, еден ден одејќи со него кон Трговиште, го прашав што пишува во телеграмата што Централниот комитет на КПМ ја доби во врска со организацијата на власта. Тој ми се сврте и ми рече:
– Што те интересира? Кога ќе заврши војната, ти ќе бидеш командант, а јас ќе бидам министер.
Му одговорив вака: Не те прашав што ти ќе бидеш, а што – јас, туку што пишува во телеграмата.
Ете, таков беше Бане Андреев, вљубен самиот во себе. Уште тогаш посакуваше и веруваше дека ќе биде министер и кој знае што сè уште се случуваше во неговата, инаку, конфузна глава.
Тој беше чуден и кога ние вршевме подготовки за разни акции. Постојано исфрлаше некакви теории, наводно марксистички, кои фактички немаа никаква врска со марксизмот, ниту, пак, со конкретната ситуација. Тоа особено се однесува на моментите кога говоревме за подготовките на востанието. И на Заседанието на АСНОМ, како и за подготовките на сите документи што во тој период ги донесувавме.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
НОВ УДАР ВРЗ УКРАИНСКАТА ЕНЕРГЕТИКА: Над 600.000…
Повеќе од 600.000 луѓе останале без електрична…
САЈБЕРНАПАДИТЕ СТИГНАА ДО Г7: Тајани бара заеднички…
Министрите за надворешни работи на Г7 ќе…
Македонската атлетичарка Митевска осма во финалето на…
Младата македонска атлетичарка Ева Митевска го освои…
Кој е Јово Бакиќ, претендентот за нов…
ово Бакиќ, професор по социологија и долгогодишен…
Син-монструм: Ги нападнал своите родители и им…
На 07.11.2026 околу 11:00 часот во СВР…