ГРЦИЈА ОБЈАВИ ДЕТАЛИ ЗА ПЛАНИРАНИОТ АТЕНТАТ – ИРАНСКА МРЕЖА ПОВРЗАНА СО ПОДГОТВУВАЊЕ УБИСТВО, УАПСЕНИ ПЕТ МАКЕДОНСКИ ДРЖАВЈАНИ

t

План за атентат врз лице во Грција, поврзан со мрежа која дејствувала по инструкции на ирански државјанин, откри Агенцијата за национална безбедност на Македонија, во соработка со грчката Национална разузнавачка служба и други безбедносни служби, објавија грчките медиуми.

Според соопштението на АНБ, објавено денеска, од почетокот на 2026 година се спроведувале активности за откривање на намерите и плановите на лица поврзани со странски, односно ирански разузнавачки структури, осомничени за подготвување терористички акти.

Во рамки на истрагата, АНБ идентификувала мрежа на лица во Македонија, поврзана со иранскиот државјанин Едрис Џахангири Маванех. Според Агенцијата, тој има врски со ирански безбедносни и разузнавачки служби, како и со Наџи Шарифи Зиндашти, кого го опишуваат како наркобос.

Членовите на мрежата, кои биле поврзани со криминални структури во Македонија, наводно, по директни инструкции од иранскиот државјанин преземале подготвителни и логистички активности за извршување терористички напад или убиство на лице во Грција.

Истрагата, спроведена во соработка со службите на други земји, открила дека мрежата одржувала тајни состаноци во трети земји, меѓу кои и во Иран. Од АНБ наведуваат дека биле потврдени врските на осомничените со иранскиот државјанин, кого го посочуваат како главно лице поврзано со планираниот напад.

Според Агенцијата, тој имал широка мрежа на соработници и контакти со лице од посебен интерес за безбедносните служби, кое соработувало со иранските безбедносни и разузнавачки структури.

На 12 ноември во Грција бил уапсен македонски државјанин, кој потоа бил екстрадиран во Македонија. Според информациите од истрагата, тој заедно со уште четворица македонски државјани, уапсени во земјава, наводно го подготвувал убиството на лице во Грција, по инструкции за кои се сомнева дека потекнуваат од Иран.

Директорот на АНБ, Бојан Христовски, претходно изјави дека операцијата е резултат на девет до десет месеци работа и дека засега нема информации за можни напади врз лица во Македонија.

„Сето ова дојде како активност после 9-10 месеци работа. Ние, во духот на транспарентноста, одлучивме да го презентираме ова и го соопштуваме тоа што може да се соопшти во јавноста. Информации поврзани со Иран, каде што таргет би биле лица од Македонија, нема, односно нема информација дека какви било напади би имало во Македонија. Повеќе не можам да споделам“, изјави Христовски.

Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, соопшти дека во акцијата биле одземени огнено оружје, муниција, скици со означени локации, мобилни телефони и други електронски уреди.

„Огнено оружје, муниција, скици со означени локации и телефони и останати уреди се одземени“, изјави Јанев.

Од АНБ посочуваат дека користењето криминални мрежи во трети земји е еден од начините на кои иранските разузнавачки служби се обидуваат да го прикријат своето учество во терористички активности.

Агенцијата најавува дека продолжува со откривање и спречување потенцијални терористички закани, како и со истрагата за други лица кои би можеле да бидат поврзани со мрежи поврзани со Иран.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ГРЦИЈА ОБЈАВИ ДЕТАЛИ ЗА ПЛАНИРАНИОТ АТЕНТАТ –…

План за атентат врз лице во Грција,…

Христовски: АНБ ја следи одлука на Египет…

АНБ ја следи одлука на Египет да…

(Видео) АНБ ОТКРИ ИРАНСКА ПРОКСИ МРЕЖА ВО…

АНБ во соработка со МВР откри и…

Почина 18-месечно бебе во Грција откако испило…

Машко бебе на 18-месечна возраст вчера почина…

Грција: Уапсени родители на четиримесечно бебе кое…

Полицијата во грчкиот град Патра, на југот…