Г.г. Стефан: МПЦ-ОА се простува од г. Тимотеј, еден од најзаслужните личности на нашето време
Дебарско-кичевскиот митрополит г. Тимотеј денеска е погребан во Плаошкиот манастир во Охрид, во присуство на членовите на Синодот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), бројно свештенство, претставници на другите православни цркви и на верници.
Со церемонијата на погребението чиноначалствуваше архиепископот г.г. Стефан, поглаварот на МПЦ-ОА, кој имаше и свое обраќање до присутните, во кое сподели лична и емотивна приказна од долгогодишното пријателство и соработка со г. Тимотеј, посочувајќи дека црквата се простува со еден од своите најзаслужни личности за нашето време.
„Свештенството, монаштвото и верниот народ во Охрид, дебарско-кичевската и австралиско-сиднејската епархија се збогуваат од својот духовен отец и архијереј, пастир, учител на словото на вистината, верата и доброто, а Синодот се разделува од својот работлив, сеоддан член и гласноговорник“, рече г.г. Стефан.
Посочи дека не му е лесно да зборува на погребението на човекот со кого долго време се познавал и со кого повеќе од половина век работел за иста цел и за исти идеали.
„Можевме заедно, зашто носевме иста рана, зашто чувствуваме иста болка и го баравме истиот лек. Му благодарам на Бога што повторно заедно го најдовме. Како што заедно со децении тагувавме, така и заедно се израдувавме и во Цариград и во Белград и оттогаш пред секого и секаде“, вели архиепископот.
Во говорот, г.г. Стефан ги споменува и сите зафати што се направени во епархијата од страна на г. Тимотеј.
„Плаошник и Свети Наум, Света Софија и Перивлепта, Бигорски, Пречиста, Канео и Заум и уште многу светињи сега ни одблизу не се какви што беа и какви што ги наследивте. Дојдовте во вистинско време за паднатите светињи да ги подигнете и урнатините да ги обновите. Градевте и обновувавте храмови и манастири, обновивте монаштвото, но најмногу од сè помогнавте да се обнови и да се гради црквата во душите на верниот народ“,
кажа поглаварот на МПЦ-ОА.
Во заупокоената литургија одржана во црквата „Света Софија“ во Охрид учествуваа и двајца владици од Српската и еден од Бугарската православна црква.
„Присуството на браќата архијереи од соседните цркви, како и пристигнатите писма и пораки со изрази за сочувство го потврдуваат и новото време во кое вие, владико, во изминатите четири децении неуморно придонесувавте“, вели г.г. Стефан.
Дебарско-кичевскиот митрополит, воедно и портпарол на Синодот на МПЦ-ОА, г. Тимотеј, почина на 25 ноември, на 73-годишна возраст во болница, каде што ги помина последните денови поради проблеми со срцето.
Со дебарско-кичевската епархија раководеше од 1981 година, како нејзин администратор со седиште во Охрид.
Изминатите четири децении, г. Тимотеј извршуваше и многу други функции – како секретар на Синодот, администратор на повардарската и австралиската епархија, а беше и портпарол на Синодот на МПЦ-ОА.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Хаос во авиосообраќајот: Прекини на радарите и…
Американската Федерална управа за воздухопловство (ФАА) во…
Прекини во комуникациите ги погодија полицијата, аеродромите…
Голем глобален дефект во системите на „Мајкрософт“…
Прекин на метеоролошкиот радарски портал низ САД,…
Американската Национална метеоролошка служба (NWS) соопшти дека…
Сите авиони приземјени: ФАА ги запре полетувањата…
Американската Федерална управа за авијација (ФАА) во…
Големо признание за Тамара Котевска – гран…
Македонската режисерка Тамара Котевска освои уште едно…