Давидовиќ за рамковните: Ова што се прави со процентуалната застапеност е далеку од умот

t

Поради многу фактори, особено заради градење општество на национална основа, партии според национална припадност, етнонационалистичките и шовинистички политики на одделни политичари и политички партии во определен период, неградење граѓанско општество со еднакви услови за сите, невладеење на правото и правна држава, гетоизација и дури налудничави идеи за размена на територии, поделбата на западна и источна Македонија и онаа и оваа страна на Вардар, како и млакиот и несоодветен одговор на државата и државните институции на настаните во 2001 година, доведоа до создавање позитивна дискриминација и нејзино воведување во сите сегменти на општественото живеење, пишува адвокатот Ѕвонко Давидовиќ во неговата колумна за Фокус.

Онака како што се дефинира, применува и спроведува позитивната дискриминација е нееднакво постапување кон еднаквите, а што е апсолутно забрането и спротивно на Уставот. Тоа можеби и не би било така, некогаш воведената позитивна дискриминација, која во суштина значеше еднаква процентуална застапеност на националностите, но пред сè се однесуваше на Албанците, имаше своја цел и времетраење.

Но, вака како што се спроведува е политикантска, шверцерска и дискриминаторска во својата суштина, апсурдна, злоупотребена и штетна по квалитетот и напредокот на општеството и државата.

Истата, како и сè друго кај нас, не е ниту до крај дефинирана и определена, туку е оставена да се спроведува според наоѓање, желба, волја и пазарџиски на политикантите, кои во последните децении управуваат со државата и најчесто им служи за политичко пазарење и поткусурување.

Уставот како највисок правен акт во државата прокламира граѓанско општество на еднакви граѓани со еднакви права, слободи и можности, на кој сите работни места и функции им се под еднакви услови достапни.

ПАРТИСКИ ШЕПИ

Но, во пракса, Уставот максимално се крши, а одговорност за тоа нема, кога при еднакви услови полошиот и понеквалитетниот се прима само затоа што е припадник на националност што не е македонска.

Вакво нешто се случува при секој упис на нови кандидати за судии и обвинители, каде што националностите, особено оние од албанската национална припадност, се примаат со многу послаб успех и знаење од подобро рангираните кандидати, кои имале „несреќа“ да се Македонци.

На ист или сличен начин се постапува и при уписи и приеми на факултети, училишта, истото се случува при вработувањата, но и при делењето на функциите за кој е јавна тајна дека се поделени според национално партиските бои.

Дури ни ова не би било проблем кога од кандидатите по клуч би се барало барем минимум знаење, стручност и квалитет, но тие се кандидати по калауз, па, освен националната, се бара и етнонационална политичка припадност.

Квалитетот, кадарноста, стручноста и другите човечки квалитети се небитни што е една од причините за ваквата состојба и севкупна исполитизираност и заробеност на државата и нејзините институции во партиските шепи.

Принципот на процентуална застапеност на различните етнички заедници во Македонија е идеја која во својата суштина требаше да ја има идејата за градење заедничко мултиетничко општество, во кое ќе учествуваат сите, секаде и која ќе доведе до градење заедништво, живот едни со други, не едни покрај други, и уривање на бариерите и ѕидовите меѓу националностите, а на крај ќе доведе до градење граѓанско општество.

Идејата која беше наметната поради политиканството на определена група на политичари и немање слух и знаење да создадат услови за граѓанско општество, можеше да има некакви позитивни резултати ако се определеше времетраењето и обемот на позитивната дискриминација.

ФЕУДАЛИЗИРАЊЕ НА ИНСТИТУЦИИТЕ

По отворањето купишта факултети и универзитети, и тоа повторно по национален клуч и калауз и штанцањето дипломи на кого ќе се стигне, од една страна, и длабоката поделеност на општеството според националната припадност, од друга страна, и корумпираноста на политичарите, желбата за гола власт за сопствени инетереси и добросостојба, со феудализирање на државните институции, со комплетно маргинализирање на државните, општествените, па и национални интереси, од трета страна, доведоа до оваа квази демократија, која преминува и ги има сите елементи на анархија во која страдаат сите граѓани.

Граѓаните страдаат поради вработување нестручни, некомпетентни, неспособни и некадарни национално-партиски кадри вработени по клуч и калауз, кои немаат одговорност пред законот и институциите во кои работат, туку одговараат пред својот лидер од националната партија, која и ги наместила таму каде што се.

Токму тоа им овозможува да се однесуваат неодговорно, непрофесионално и недопирливо затоа што знаат и кој ги поставил таму, што се бара од нив за возврат и кој може да ги смени од тоа место.

Процентуалната застапеност на различните етнички заедници во Македонија, според сите документи вклучително и Рамковниот договор, генерално се однесуваше на малцинските и јазичните права на националностите и недискриминација.

Суштината на оваа идеја е низ призма на професионалното образование да се постигне процентулана застапеност на етничките заедници и афирмативните мерки да обезбедат природен развој и ефективно постигнување на правото на еднакви можности во споредба со други лица, но афирмативните мерки треба да се јасно дефинирани, временски ограничени и целно насочени.

Никој нема ништо против националностите и секогаш сум се залагал и борел за еднаквост и еднакви права, за градење едно граѓанско модерно општество, во кое нема да биде битно на која националност ѝ припаѓаш, која е твојата религија, боја, пол, имотна или општествена положба, но ова што се прави е далеку од умот и нè води кон уште подлабоки проблеми, кои допрва ќе дојдат за наплата, а нè одалечува светлосни години од градењето граѓанско општество и држава.

Целата колумна може да ја прочитате тука.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Борел: Руската агресивна војна против Украина е…

Во време кога американското учество во Европа…

Денеска се празнува Преподобен Тит Чудотворец

Од младоста Го возљуби Христа и го…

ВРЕМЕНСКА ПРОГНОЗА: Сончево и многу топло

Времето ќе биде сончево и многу топло…

Продолжува потрагата по телото на двегодишната Данка…

Потрагата по телото на двегодишната Данка Илиќ…

Моди вети повеќе работни места доколку победи…

Партијата Бхаратија Џаната (БЈП) на индискиот премиер…