Дали македонската државност имплодира одвнатре? Ќе и пресудат ли на Македонија неумни политичари и неуки историчари?

t

Историски континуитет или поделена македонска историја(3.)

Дали македонската државност имплодира одвнатре?

Ќе и пресудат ли на Македонија неумни политичари и неуки историчари?

Да, денес пишувам за македонските кетмани и нивниот заробен ум. Најпрвин мораме да знаеме, и да се потсетиме, дека јазолната поделба во нашата историја и во историската национална свест се случуваше во некои клучни судбински настани во 20от и 21от век. Тука пред се мислам на 1913-та, кога соседите на Македонија хиенски откинуваа и грабаа од македонското ткиво; мислам на АСНОМ, и на 1944г; на Референдумот, на 8-ми септември 1991г; на недефинираната војна од 2001г., на Охридскиот рамковен договор, на Преспанската спогодба со Грција и на Договорот за соработка со Бугарија.

Овие настани ја покренаа, и безмалку до крај ја донесоа нашата судбинска дилема за вградување на македонскиот континуитет во историјата. И кога веќе помисливме дека конечно успеавме да обезбедиме прелевање на старото во новото, како гром од ведро небо ни се случија неколку деструкции и анихилации, во смисла на Тиранска платформа, диктат, дури и уцена од Бугарија за Договор за пријателство, добрососедство и соработка, наметнатата  Преспанска спогодба за промена на името и регионалната трилатерала во Солун на Грција, Бугарија и Србија.

И сега некој, а тоа е востоличената државна власт на СДСМ и албанските партии, како да упорно се труди да ја напушти логиката на македонскиот континуитет. Тоа е штетно и погубно за Република Македонија. Тоа е разорување – имплозија на македонската државотворност од внатре. Од самата себе. Откажување и уништување на најсвоето – идејата за Македонија, идејата за Македонизмот. Свесни сме дека историјата никогаш не е само некое праволиниско движење, некое рамномерно течење или пак структуирана од само една историска матрица и идеологија.

Исто така не треба да заборавиме дека нашата историја е исполнета со големи дупки, темни зони и не докрај расветлени и разјаснети настани. Но, не треба да ги заборавиме и тешките пранги, сургуните, голготите, диарбекирите, голиотоците, насилствата, ѕверствата, асимилациите, преселбите и раселбите, не само на луѓето, туку и на коските и на гробовите на предадените, загинатите, покојните. Токму тоа ни го правеа воените хунти на Грција, егзархистите, врховистите и царските дворови на Бугарија и асимилаторските режими од минатото на Србија. Да се потсетиме, колку да не заборавиме,на “Светската касапница“ и “Ѓаволскиот казан“ во Македонија за време на Балканските војни и Првата светска војна и масакрите врз населението во Прилепско(с. Долгоец), и масакрите од Велес(с. Долно Јаболчиште, с.Богомила), преку селата Стровија, Костинци и Маргари до Крушево и Крушевско.

И сега, ова е “заедничка историја“, како што велат Бугарите? Не! Секој паметен и свесен знае дека тоа се воени злосторства, од окупатор, врз окупиран народ и окупација на туѓа држава. И сето ова боли и кога не боли.

Е па, ајде некој да изјави големо жалење, потоа јавно да се извини и покае, за тоа што го направиле неговите претходници, па потоа, верувам нам лесно ќе ни биде да бидеме христијани што простуваат. Тоа тешко дека ќе се случи во блиска иднина, па затоа ние да се фокусираме на историјата.

Ако дозволиме други да одлучуваат за нашта историја, тогаш дефинитивно влегуваме во нова заблуда и запаѓаме во историски ќорсокак. Тогаш зошто имаме своја држава и национални институции. Нели е тоа дерогирање на уставот и законите и предавање на суверенитетот. Па луѓе мои, и студентите од прва година на правен факултет знаат дека првата лекција по уставно право е дека суверенитетот на Република Македонија е неделив, неотуѓив и непренослив(член 1, став 2 од Уставот на Р. Македонија). Не смееме да дозволиме во нашата историја и историографија да се врати политикантското, субјективистичкото, тенденциозното, во вид на постмодерна големобугарска пропаганда. А за жал тоа токму сега и ни се случува. Ама да се присетиме дека Хегел ваквите историографии ги споредува со животните, кои ги слушаат сите тонови на некоја музика, но до нивната свест не продира хармонизацијата на тие тонови. Затоа ајде да си ја одбраниме свеста и честа, да си го зачуваме образот, да го спасиме дигнитетот, да го обезбедиме интегритетот и суверенитетот. Не ли го направивме тоа, чинам дека ќе не стигне пророчката мисла на Хегел дека повторно ќе се претвориме во боиште покриено со коските на умерените?

Повторно ли едно историско раздобје ќе го негира она претходното и тоа толку жестоко(а токму на тоа е навлечена нашата власт од страна на бугарската политичка врхушка), што повторно ќе не фаќаат тешки јанѕи од тие безумни, разјарени, крвожедни квалификации и дисквалификации. Па луѓе бре нели еднаш за секогаш се самоосвестивме. Конечно, не сфативме ли еднаш за секогаш дека секоја историја е историја на своето време и длабоко условена од него. Од луѓето, односите, процесите, условите. Нели е понижувачки и голем национален срам, Бугарските историчари да ни кажуваат што е што во нашата историја и кој е кој во неа – во македонската историја. Никој ли нема слух и чувство дека тоа е ставање сол на нашите вековни рани, оживување на јанѕите, предизвикување на нови болки.

Зарем повторно, и повторно, друг да ни кажува и одлучува за нашите историски вистини и хероите во нив, за кодошите, за предателите?Замислете “ Македонците не си ја знаат историјата“, и “Во Македонија нема подготвеност за каква било промена“ ни порачува вицкастиот историчар Ангел Димитров од Бугарија. Зајаче, со зајачко срце, во Македонија(“ Работевме во добра атмосвера…разменувавме конструктивни мислења и гледишта…“), а прч, прчосан во Бугарија, и дели лекции по искривена историја, по теркот на Тодор Живков.

Зошто да трпиме нови цензури и да создаваме непотребни автоцензури?

И сето тоа од постмодерните интелектуални дервиши и историски далтонисти. Домашни и инострани. Повторно ли ќе капитулираме пред инвазијата на кетманите од администрацијата и бирократијата, во јавниот живот: националните кетмани повротно креваат глава, кетманите на револуционерната чистотија се очајнички носталгични, кетманите на професионалната работа – технократие, ги контролираат политичките лидери,  кетманите на метафизиката ликуваат(непроменливоста ги победува промените и развојот) и етичките кетмани, кои  “Заробен ум“  на Часлав Милош го трансплантираа во свеста на политичарите(мислам-немислам, кажувам-некажувам, да, можеби, не). Море доста беше. Сиктер за кетманизмот и сите видови на кетмани. Нека си останат во минатиот систем. Таму царуваа. На демократијата и плурализмот не и личат. А за историјата и науката и да не зборуваме. Смрт се. Затоа, да внимаваме, кетманите се околу нас, ама и во нас.

Не, тоа не смее да ни се случи. Доста беше!

Та малку ли крвави покази во историјата доживеавме? Дали ни се потребни уште горчливи поуки?

Знаете ли колку храбри и силни македонски борци, дејци и револуционери се убиени за да се убие македонското во нив и во сите нас? Доста ни е од врховисти(на бугарската влада), од четници(на српските режими) и од фанариоти(на грчките монархофашисти). Не сакаме да ни се повторат ужасни терори, силувања, грабежи и масакрирања, од бугарски фашистички војници и полицајци, кои подоцна се претставуваат како ослободители и администратори.

До кога ќе дозволуваме предавници, кои ја продале својата национална и лична чест, да ја уништуваат нашата иднина и иднината на нашите поколенија?

Знам, секој род и време има и изроди. Ама уште повеќе знам и сигурен сум дека низ историјата македонскиот народ полагал и положил тешки испити. Тргал маки и поднесувал големижртви и страдања. Сите овие маки и страдања не го уништиле. Напротив! Го ојачале, опстоил и изборил слобода, освоил независност и создал државен суверенитет.

Ред е да ги одбраниме. Што чекаме?

(продолжува)

Сотир Костов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Македонките се мажат најмлади во регионот, на…

Жените во Македонија најмлади стапуваат во брак…

ЌЕ МОЖЕ ДА СЕ ГЛАСА И СО…

Пратениците денеска го изгласаа Изборниот законик, со…

Исчезна 14-годишната Ринеса: Ако имате било каква…

Новинарот Фуркан Салиу, објави дека е исчезнато…

Европскиот план за развој на Западен Балкан…

САД ја поддржуваат ЕУ во намерата да…

Пендаровски-Османи: Заеднички напори за стабилност во регионот

Претседателот Стево Пендаровски денеска во Приштина, во…