„Дали ти изгледам како идиот“: Газдата на „Авалон“ одговара на прашање колку ќе нè чини концертот на Дејвид Гета
Дали ти изгледам јас како идиот? Вака сопственикот на „Авалон продукција“, Бобан Милошески, ѝ се обрати на новинарка, која на денешната прес-конференција го праша зошто досега не е објавено во јавноста колку ќе чини настапот на Дејвид Гета.
Милошески и претставници на Минитерството за внатрешни работи (МВР) на прес-конференција говореа за безбедносните протоколи и организацијата на утрешниот концерт на светски познатиот ди-џеј, со кој ќе се заокружи прославата на 35-годишнината од независноста на државата.
Како организатор на музичките настани кои траат неколку недели, а ќе кулминираат утревечер во Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје, Милошески од новинарка на „Слободен печат“, беше прашан:
„Зошто досега не е објавена сумата на договорот, дали има клаузула што го спречува тоа?“
Сопственикот на „Авалон“ на почетокот на одговорот, возврати со две контрапрашања.
„Дали ти изгледам јас како идиот? Јас кажав за што е пресот, имате да поставите прашање во контекст на пресот?“, рече тој.
Откако новинарката рече дека тоа е прашањето, Милошески продолжи наведувајќи дека прес-конференцијата е во функција на безбедноста и организацијата на концертот на Дејвид Гета, додека за она за што се интересира претставничката на еден од медиумите што го следеа пресот, треба да одговорат од Владата.
„Ова прашање е неколку пати поставувано на другите прес-конференции, на претставниците на Владата коишто треба да одговорат на тоа прашање. Јас не сум тој што треба да одговори на ова прашање, јас сум организатор на концертот на Дејвид Гета“, рече тој.
Дополнувајќи се во одговорот, Милошески прашањето го оцени како провокација, која според него е непотребна бидејќи, како што додаде, повеќе пати било кажано кога ќе биде објавена финансиската конструкција за овогодишната прослава на Денот на независноста.
„Најкултурно и најљубезно ве замолив да пропагирате да помине ова што е можно подобро и сметам дека нема потреба за ваква провокација. Неколкупати ви е кажано кога ќе биде објавена сумата за целокупната манифестација. Јас не можам сега овде да зборувам за целокупната манифестација кога овде разговараме за Дејвид Гета, сметам дека нема потреба за вакви провокации“, изјави сопственикот на „Авалон“.
Досега од Владата не соопштија колку чини организацијата на целата прослава, иако тоа беше најавено откако ќе се заврши со најавата на сите настани.
Одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата кога беше најавен концертот на Хозе Карерас, за тоа колкава е финансиската конструкција за целата прослава и како е избран „Авалон“ за пратнер, владината портпаролка Марија Митева рече дека како влада немаат што да кријат во однос на организацијата и дека сè ќе објават откако ќе завршат со најавите на сите настани.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
„Дали ти изгледам како идиот“: Газдата на…
Дали ти изгледам јас како идиот? Вака…