Даниловски: Хантавирусите не се нов феномен, но отвораат прашање за урбаната хигиена во македонските градови
Хантавирусите не се нов феномен што вчера се појавил во лабораторија – пишува во објава на Фејсбук епидемиологот и професор Драган Даниловски по појавата на хантавирус на крузерот „МВ Хондиус“.
Епидемиологот смета дека хантавирусот деновиве станал нова суровина за глобалната индустрија на страв, особено, како што вели, кога во периодот по ковид-пандемијата, општеството станало психолошки пречувствително на теми поврзани со инфективни болести. Во меѓувреме, оценува Даниловски, јавноста постепено престанува да прави разлика меѓу епидемиологија и алгоритамски произведен страв.
„Крајно време е да научиме да правиме разлика меѓу реален јавно-здравствен ризик и интернет-фантазија што живее од колективниот страв. На јавноста денес ѝ се потребни точни информации, трезвеност и превенција. Не ни треба нова паника“, пишува Даниловски во објавата на Фејсбук.
Докторот посочува дека хантавирусите се одамна познати во медицината и претставуваат група вируси поврзани со глодачи, кои се нивен природен резервоар. Луѓето најчесто се инфицираат преку контакт со аеросоли и честички прашина контаминирани со измет, урина или плунка од заразени глодачи.
„Дел од нив се присутни на европскиот континент, Азија и Африка (подгрупа на хантавируси на Стариот Свет). Ендемско подрачје е Балканот. Друг дел од нив (подгрупа на хантавируси на Новиот Свет) ‘владее’ со обете Америки. Ендемско подрачје се Аргентина и Чиле. Иако двете подгрупи се сродни, се разликуваат по тоа што предизвикуваат различни видови болести кај хуманите домаќини. Вирусите во подгрупата на Новиот Свет предизвикуваат болест позната како ‘хантавирусен пулмонален синдром’ со десетици заболени секоја година и смртност од 20 до 40 отсто. Вирусите во подгрупата на Стариот Свет предизвикуваат болест позната како хеморагична треска со бубрежен синдром, со стотици заболени секоја година и со смртност од 1 до 15 отсто. Балканот има сопствено искуство со хеморагичната треска со бубрежен синдром. Во подгрупата на Новиот Свет постои типот Andes вирус, (причинител на епидемијата на крузерот) Само кај овој тип е опишан и пренос од човек на човек!“, пишува Даниловски.
Како важно, епидемиологот го посочува тоа што овој вирус не циркулира кај нас ниту, пак, како што вели, постои ризик да „скокне“ од некој од заразените на крузерот. Поради тоа, додава Даниловски, во моментов не постојат индикации за сценарио што би наликувало на пандемијата со коронавирусот.
Сепак, тој вели дека темата за хантавирусите отвора локално прашање за состојбата во земјава во поглед на урбаната хигиена, дератизацијата и контролата на глодачите низ градовите.
Алудирајќи на проблемот со кој во изминатиот период се соочи Скопје, но и други средини, кога контејнерите беа преполни и се создаваа мини-депонии околу нив, Даниловски вели дека таквите услови неизбежно создаваат средина погодна за експанзија на стаорци и глувци кои се потенцијален резервоар за повеќе инфективни заболувања, вклучително и инфекциите со хантавируси. Затоа, апелира Даниловски, прагот на летото е момент кога институциите треба да пристапат кон дератизација, дезинфекција, санитарен надзор, урбана хигиена и контрола на дивите депонии.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Даниловски: Хантавирусите не се нов феномен, но…
Хантавирусите не се нов феномен што вчера…
Французинка и Американец позитивни на хантавирусот, еве…
Последните преостанати патници на крузерот погодени од…
Малолетничка од Скопје паднала во отвор за…
Седумнаесетгодишна девојка се здобила со тешки телесни…
Мицкоски: Коридорите 8 и 10 се наш…
Поврзувањето е стратешко позиционирање и цел на…
200 милиони евра за Македонија, Албанија и…
Европската Унија испрати порака дека вратите остануваат…