Да видиме што вика катиљ ферманот – Договорот за продажба на Градска куќа на ЕВН е ништовен, а објектот треба да се врати на градот

t

Купопродажниот договор кој Петре Шилегов во име на град Скопје го потпишал со ЕВН Македонија за продажба на Градска куќа, не само што го оштетил буџетот на градот за најмалку 5.200.000 евра, туку најверојатно е и ништовен и ќе треба да биде раскинат, а објектот да биде вратен во владение на градот.

Земјиштето на кое е изградена Градска куќа е државно

Одлуката за изградба на Градска куќа е донесена на 16 декември 2010 на 34-та седница на Советот на град Скопје. Со оваа одлука е одлучено да се изгради деловен објект за потребите на администрацијата на Град Скопје, а за таа намена е планирана КП бр.9552 и КП бр.9553 или позната како простор каде се наоѓа Спортско рекреативниот центар „Кале“.

Токму овие две парцели се државна сопственост, и како такви не можат да бидат дел од купопродажниот договор. Или уште поедноставно, Петре Шилегов и советниците на СДСМ немале право да ја стават Градска куќа на продажба.

На иницијатива на општина Центар, на 05.04.2011 година помеѓу Министерството за транспорт и врски и градот Скопје е склучен договор за долгорочен закуп на градежното земјиште врз кое е изградена Градска куќа.

Ова земјиште, град Скопје не може да го продава, затоа што не e во негова сопственост, туку е изградено врз основа на договор со кој има право на долгорочен закуп на градежното земјиште склучен со директна спогодба. Оттука, јасно е дека ниту објектот кој е изграден врз ова земјиште не може да биде предмет на продажба, па оттука и договорот за купопродажба е ништовен.

ЕВН нема склучено нов Договор за долгорочен закуп со Министерството за транспорт и врски.

ЕВН Македонија, компанијата која единствена се квалификувала на аукцијата на која се нудела Градска куќа, и ја купила за 5.200.000 евра помалку од реалната (инвестициона) вредност, нема склучено Договор за долгорочен закуп на земјиштето до денес.

Она што за Инфомакс го велат од ЕВН е дека тие започнале постапка за откупување на земјиштето во општина Центар, но таа постапка траела долго и се одолговлекувала.

Од општина Центар до овој момент немаат одговорено на прашањата на Инфомакс, но Државниот Правобранител се согласува со ставот на Инфомакс, велејќи дека ваков договор за продажба на имот кој се наоѓа на државно земјиште не може да се склучи.

– Доколку Владата на Р.Македонија се согласува со склучениот договор помеѓу град Скопје и ЕВН Македонија, ќе треба да склучи Договор за долгорочен закуп со надоместок-закупнина со ЕВН согласно чл.27 од Законот за градежно земјиште, чл.22 од Законот за градежно земјиште во врска со член 25. од истиот закон, велат од Државното правобранителство.

Генералниот секретар на Владата, Мухамед Зекири, испратил и барање до Државниот Правобранител во кое бара мислење (што е законска обврска) во врска со раскинување на Договорот за долгорочен закуп на земјиштето врз кое е изградена Градска куќа со град Скопје, а ова со цел земјиштето да биде продадено на ЕВН Македонија бидејќи во спротивно договорот за купопродажба би бил ништовен.

– Односот меѓу сопственикот на градежното земјиште (државата) и лицето на кое му престанало правото (град Скопје) се применуваат одредбите од Законот за сопственост и други стварни права со кои се уредуваат односите по престанокот на правото на плодоуживање, ако со правно дело не е нешто друго предвидено, велат од Правобранителството.

Оттаму додаваат дека на вака спроведена постапка, тие не можат да дадат позитивно мислење со кое ќе дозволат продажба и на земјиштето на кое се наоѓа Градска куќа.

– Имајќи го во предвид сето ова, во оваа фаза на постапката нашето мислење е негативно.

Ништовен договор

Нелегалноста на купопродажниот договор за Градска куќа, почнувајќи од постапката за проценка, која Петре Шилегов ја нарачал од проценителот со јасни насоки за тоа која сума треба да ја „процени“, се протегнува и преку самата постапка за објавување на огласот за продажба, аукцијата но и склучувањето на договорот за купопродажба во кој не се предвидени сите обврски за купувачот – ЕВН Македонија.

Освен тоа што Градска куќа воопшто не смеела да биде ставена на продажба, бидејќи се работи за објект на државно земјиште, истиот објект бил ослободен и од 1.000.000 евра комунални давачки (комуналии) – ослободување кое се однесува на градот Скопје, но не и на ЕВН Македонија.

ЕВН Македонија како купувач на овој објект, иако нелегално, била обврзана да ги плати комуналните давачки, но во договорот за купопродажба не е наведена ваква обврска во ниту еден член.

Што значи, Петре Шилегов ги „частел“ ЕВН Македонија уште еден милион евра во комунални давачки.

Ако сето ова се земе во предвид, заклучокот е еден – Договорот за купопродажба на Градска Куќа од страна на ЕВН Македонија е ништовен и треба да биде прогласен за непостоечки а објектот да се врати во сопственост на градот.

Кривична постапка против Петре Шилегов

Од Обвинителството за Инфомакс веќе потврдија дека против Петре Шилегов се води постапка токму за овој предмет.

-Предметот за кој покажувате интерес е во фаза на предистражна постапка. Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје веднаш по приемот на предметот издаде наредба до МВР-СВР Скопје со насоки за сите дејствија кои треба да се преземат за проверка на наводите во пријавата. По наредбата се постапува, велат од обвинителство.

Во пријавата се тврди дека Петре Шилегов го оштетил буџетот на град Скопје за најмалку пет милиони и двеста илјади евра (5.200.000 евра), со одлуката за продажба на Градска куќа.

Koга отпочнува постапката за продажба во 2019-та година Градската куќа е целосно изградена и подготвена за вселување на градската администрација. Но, наместо вселување на градската администрација, екс-градоначалникот Петре Шилегов потпишува купопродажен договор со „ЕВН Македонија“ за неверојатни 785.031.8181.00 денари, или околу 12 милиони евра.

Проблемот е што само инвестиционата вредност за изградба на Градска куќа е 20 милиони евра, а ако на оваа цена се вклучи и ослободувањето од данокот кон град Скопје од околу 1 милион евра тогаш, вкупната вредност на овој објект е најмалку 21 милион евра.

Дополнителен проблем за Петре Шилегов е што фирмата „АБЦ-Бротхер“ ДООЕЛ од Скопје е таа која извршила процена на вредноста, а истата фирма од администрацијата на Шилегов добила околу 85.000 евра преку јавни набавки од градот.

Скандалозно е што „АБЦ-Бротхер“ ДООЕЛ проценката ја направила за само еден ден, а проценителот Бранко Чурилов кој во еден ден извршил проценка во извештајот за проценката наведува дека бил усно известен што да напише во описот на проценката. Сето ова упатува на тоа дека купопродажната цена била однапред договорена.

А. Митовски

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Македонките се мажат најмлади во регионот, на…

Жените во Македонија најмлади стапуваат во брак…

ЌЕ МОЖЕ ДА СЕ ГЛАСА И СО…

Пратениците денеска го изгласаа Изборниот законик, со…

Исчезна 14-годишната Ринеса: Ако имате било каква…

Новинарот Фуркан Салиу, објави дека е исчезнато…

Европскиот план за развој на Западен Балкан…

САД ја поддржуваат ЕУ во намерата да…

Пендаровски-Османи: Заеднички напори за стабилност во регионот

Претседателот Стево Пендаровски денеска во Приштина, во…