Две години затвор за поранешниот директор на РЕК „Битола“ за тендерот за ископ на јаловина
Основниот суд во Битола му изрече две години затвор на поранешниот директор на РЕК „Битола“, Пеце Матевски, за злоупотреба на службената положба и овластување во постапка за јавна набавка вредна над 11 милиони евра. Во истиот предмет шестмина обвинети добија условни осуди, а тројца беа ослободени од обвинението, објави Плусинфо.
Предметот се однесува на тендерот за ископ на јаловина, започнат во 2022 година, на кој РЕК „Битола“ ја избра битолската фирма „Рудкоп“, откако понудата на скопски „Гранит“ беше отфрлена. Според пресудата што ја објави судијата Горан Димовски, со исклучувањето на „Гранит“ од електронската аукција била прибавена корист за „Рудкоп“, а на РЕК „Битола“ му била нанесена штета од 178.370.319 денари, односно околу 2,9 милиони евра.
На членовите на Стручната комисија Димитар Петковски, Благојче Ѓорѓиевски и Тони Ангелевски судот им утврди казни од по една година затвор. Казните нема да се извршат ако во рок од две години од правосилноста на пресудата не сторат ново кривично дело.
Условни осуди добија и Александра Маџевска-Сараќинчева, Аземина Учкан и Добрила Јордановска, вработени во Бирото за јавни набавки. Ним им се утврдени казни од по осум месеци затвор, кои нема да се извршат ако во рок од една и пол година од правосилноста на пресудата не сторат ново кривично дело.
Снежана Макаријоска, Анита Кузевска и Љупчо Стефановски, членови на Комисијата за јавни набавки, беа ослободени од обвинението. Судијата образложи дека обвинителството не докажало дека тие го сториле делото што им се ставало на товар.
Судот го упати АД ЕСМ надоместот за штетата да го бара во граѓанска постапка. Во сила останува и привремената мерка со која се замрзнати 3,5 милиони евра на „Рудкоп“. Мерката е определена до правосилно завршување на кривичната постапка, со можност судот да ја преиспита ако суштински се променат околностите.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Две години затвор за поранешниот директор на…
Основниот суд во Битола му изрече две…
Тошковски: Ива Михајлова не е регистрирана на…
Досегашната истрага за бегството на Ива Михајлова…
Кушнер и Виткоф во Москва по договорот…
Американските пратеници Џаред Кушнер и Стив Виткоф…
Иран предупреди дека ќе одговори и на…
Претседателот на иранскиот парламент и главен преговарач…
Тензии во Норфолк: Морнарите од носачот „Џорџ…
Семејствата на морнарите од американскиот носач на…