Денеска нова заедничка богослужба на МПЦ-ОА со Вселенската патријаршија

t

Со искажана радост за воспоставеното богослужбено и канонско единство на Охридската Архиепископија со останатите православни цркви, со што се отстрани повеќедецениската шизма наложена врз нашата Црква, вчера во вселенскиот Соборен храм „Св. Георгиј Победоносец“ во Истанбул се одржа првата заедничка Патријаршиска и синодална света литургија на екуменскиот патријарх Вартоломеј и архепископот Стефан по повод празникот Педесетница (Духовден) – Слегување на Светиот Дух и роденден на Црквата, како централен настан од неколкуденвната посета на нашата црковна делегација на Вселенската Патријаршија.

Во реакција на литургијата, на која архиепископот Стефан на македонски јазик богослужеше заедно со патријарх Вартоломеј и архиереите на Вселенската Патријаршија, претседателот на државата Стево Пендаровски оцени дека бевме сведоци на историски чин за нашата македонска национална историја, со што нашата Црква е во канонско единство во православниот христијански свет. Премиерот Димитар Ковачевски, кој присуствуваше на Литургијата и на македонски јазик ги прочита Симболот на верата и молитвата „Оче наш“, оцени дека вчерашниот е голем историски ден, затоа што после векови Охридската архиепископија сослужува заедно со Вселенската патријаршија и е исправена една голема историска неправда.

Партениј, повеќемина ѓакони, како и монаси од Бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител“ и монахињи од манастирот Рајчица „Свети Георгиј Победоносец“, завршува денеска со богослужба во црквата „Св. Тројца“ близу плоштадот Таксим во Истанбул.

Богослужбата ќе ја одржи г. Стефан во сослужеништво на владици на Охридската архиепископија, а на неа на тронот ќе стои не служејќи и патријархот Вартоломеј, односно тој ќе присуствува на литургија што ќе ја служи нашиот архиепископ.

Во обраќањето по завршувањето на вчерашната Патријаршиска и синодална света литургија, архиепископот Стефан испрати порака до патријархот Вартоломеј за добивање автокефален статус на Охридската архиепископија, нагалсаувајќи дека кај него се „принадлежностите и правата за доделување автокефалност“.

– Добро ви е познат копнежот на нашата јерархија и на нашиот православен народ, и тоа не го сокриваме од Вас и пред Вас, и пред членовите на свештената јерархија на Вашата Црква и на верниот народ што ѝ принадлежи – да ја видиме Охридската Архиепископија возобновена и уредена како автокефална Црква. Но, Господ ни е сведок, дека колку ни е надежта голема, уште поголема е нашата полна доверба во Вашиот суд, во Вашето расудување за времето кога треба да се случи уредувањето на овие работи. Вам Ви го оставаме судот на времето, но Ве молиме – не заборавајте нѐ, помагајте ни да растеме…. , рече меѓу другото г. Стефан.

Тој му порача на Вартоломеј дека во него е одговорноста на Мајката Црква за добробитот и преуспевањето на православното семејство.

– При Вас се принадлежностите и правата и не молиме повеќе и поинаку од она како што постапивте со доделувањето на автокефалиите низ историјата, па и во современието. Без да поставуваме аналогија со зборовите на Мудриот Соломон, а имајќи го предвид одговорното и служечко првенство и привилегиите и авторитетот на Константинополската катедра, ќе речеме: „Имаш голема сила, и кој може да се дигне против силата на Твојата мишка? …сите ги милуваш… сè запазуваш …ги сакаш душите“, рече архиепископот Стефан.

Тој натаму нагласи дека нашиот завет е дека „упорно ќе работиме на своето издигнување и дека трпеливо ќе го чекаме тоа благопријатно време, кога радосната објава на Великата Христова Црква за нас, пропратена со веселото биење на црковните камбани, ќе ги преисполни со неопислива радост срцата на нас современите и ќе ги смири духовите на упокоените“.

– На денешниот Празник, ние, членовите на Охридската Архиепископија, почувствувавме дека не сме сираци, туку, откако се најдовме во татковската прегратка на Неговата сесветост, возљубениот патријарх г. Вартоломеј, прифатени и возљубени, сослужуваме со приносителот на денешната заедничка жртва од „сите и за сè“, учествуваме во смислата на таинството на Педесетницата кога Божјата благодат се разделува неразделно меѓу разделените, додаде г. Стефан.

Вселенскиот патријарх Вартоломеј од своја страна по литургијата изјави дека на крајот на денешното историско сослужување во „сечесниот Патријаршиски Храм, го насочуваме нашето слово, нашиот ум и срце кон сите наши возљубени чеда од Најсветата Охридска Архиепископија во државата Македонија, водачите и водените, овде присутните и оние што се наоѓаат таму“.

– Особено се радуваме за личното присуство на превосходниот претседател на Владата на Македонија г. Димитар Ковачевски и заедно со него министрите и останатите негови соработници, како и за големиот број на верни чеда од Црквата на оваа благословена земја, кои го наполнија овој славен Храм и му дадоа друга димензија на денешниов празник на Педесетницата – како соборна, така и лична за нас, додаде патријархот Вартоломеј.

Тој изрази верба дека овој настан значи целосно разбирање од наша страна за големината на дарот на Мајката Црква кон нашиот народ, но и за одговорноста која се понесува, влегувајќи во Сеправославниот свет.

На вчершната литургија покрај премиерот Ковачевски, која и ја предводеше владината делегација во чиј состав беа и шефот на дипломатијата Бујар Османи, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерката за одбрана Славјанка Петровска и директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Даријан Сотировски, присуствуваа и пратеници во Собранието и околу 700 верници од државава кои самоорганизирано допатуваа во Истанбул да присуствуваат на овој историски чин.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Денеска се празнува Свети Григориј Двоеслов, папа…

Син на сенаторот Гордијан. И самиот потоа…

Денеска се празнува Свети Тарасиј, патријарх Цариградски

Неговиот претходник, патријархот Павле, тајно го напушти…

Денеска се празнува Светиот апостол Онисим

Еден од седумдесетмината апостоли. Му беше роб…

Денеска се празнува Свети Кирил, учител словенски

Светиот рамноапостолен Кирил, учител словенски (до примањето…

Денеска се празнува Преподобен Мартинијан

Житието на овој светител е чудесно и…