Денес се празнуваат Светите маченици Теренциј, Африкан, Максим, Помпиј и останатите триесет и шестмина со нив
Пострадаа за Христа и стекнаа венци на бесмртна слава во времето на царот Декиј. На заповед од царот намесникот на Африка му објави на сиот народ дека мора да им принесе жртви на идолите; во спротивно им се закануваа со страшно мачење на упорните. Кога ги слушнаа овие закани мнозина отпаднаа од верата и им се поклонија на идолите. Но овие четириесетмина маченици останаа непоколебливи, заради што беа изложени на мачење. Свети Теренциј ги храбреше своите другари со вакви зборови: „Да внимаваме, браќа, да не се откажеме од Христа, нашиот Бог, за и Тој да не се одрече од нас пред Својот Отец небесен и пред Светите ангели!“ Намесникот ги раздели во две групи: триесет и шестемина после биењето и стружењето и потурањето со сол врз отворените рани ги уби со меч. А првите четворица ги фрли во затвор со тешки окови на вратот, на рацете и на нозете. Но ангел Божји им се јави во затворот и со допир ги ослободи од оковите. Беа повторно изведени и мачени, па повторно фрлени во затворот. Намесникот им нареди на гатачите да соберат што поголем број влекачи, змии и скорпии и да ги затворат во иста одаја со мачениците. Но влекачите не сакаа ни да се допрат до Божјите угодници, туку се прибија во еден агол и така прележаа три дена. Кога третиот ден го отворија затворот, отровните животни јурнаа по гатачите и ги искасаа. Најпосле намесникот ја изрече смртната пресуда над четворицата маченици. Кога ги водеа на погубување тие радосно пееја псалми и Го фалеа Бога Којшто ги удостои со маченичка смрт. Чесно пострадаа и се удостоија со Небесното Царство во 250 година.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Денес се празнува Светиот маченик Луп
Овој свет маж беше слуга кај Свети…
Денес се празнуваат Светите маченици Агатоник, Зотик…
Свети Агатоник беше никомидиски граѓанин, по вера…
Денес се празнува Светиот апостол Тадеј
Еден од Седумдесеттемина, а не оној Тадеј…
Денес се празнува Светиот пророк Самуил
Петнаесетти и последен од Судиите на Израилот.…
Денес се празнува Светиот маченик Андреј Стратилат
Беше офицер-трибун во римската војска во времето…