Деспотовски: Венко е супер доктор, но апсолутно не е соодветен човек за лидер на СДСМ
Поранешниот директор на ТИРЗ и член на СДСМ, Јован Деспотовски, упати остри критики кон актуелното раководство на Социјалдемократскиот сојуз, оценувајќи дека партијата има потреба од целосно нов концепт на работење, а не само од внатрешна консолидација. Во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21, Деспотовски отворено порача дека Венко Филипче, и покрај нивното долгогодишно пријателство, не е соодветен човек за претседател на СДСМ.
„Немам ништо лошо кажано за Венко, бидејќи ми е личен другар триесет години. Мислам дека е супер доктор. Меѓутоа, ако ме прашате дали е соодветен човек за таа позиција, мојот одговор е апсолутно не. Апсолутно не“, изјави Деспотовски.
Според него, проблемите во најголемата опозициска партија се многу подлабоки од прашањето за кадровско зајакнување или обединување на членството.
Тој смета дека терминот „консолидација“ не ја отсликува вистинската состојба во СДСМ, бидејќи, како што објасни, консолидацијата подразбира постоење здрава основа врз која партијата може понатаму да се развива.
„Мислам дека треба целосно поставување на работите од почеток, дефинирање нова основа, нова база и нов пристап во политиката“, нагласи Деспотовски.
Тој го критикуваше и начинот на кој опозицијата реагира на актуелните економски и општествени проблеми, посочувајќи дека наместо постојано да бара виновници, треба да нуди конкретни решенија за граѓаните.
Како пример го наведе случајот со Алта банка, оценувајќи дека во моменти кога граѓаните се соочуваат со неизвесност за своите пари, политичките партии треба да бидат насочени кон решавање на проблемот, а не кон меѓусебни обвинувања.
„Како идентификацијата на тоа кој е виновен им помага на оние луѓе што стоеја пред шалтер и чекаа да си ја подигнат пензијата? Никако“, истакна Деспотовски.
Според него, одговорната опозиција треба да излезе со конкретни предлози за надминување на кризите, додека прашањата за политичка одговорност треба да се разгледуваат откако ќе се обезбедат решенија за граѓаните.
Деспотовски особено го критикуваше секојдневното објавување голем број партиски соопштенија, оценувајќи дека таквиот начин на комуникација не создава вистинска политичка алтернатива.
„Ако сметате дека функционирање е тоа што ќе испорачуваме седум или осум соопштенија во текот на денот, според мене тоа е тотално неважно. Не само што е неважно, туку го гуши јавниот простор“, порача тој.
Тој смета дека поради преголемиот број политички пораки, дури и кога партијата ќе понуди нешто конкретно и корисно, тоа останува незабележано од медиумите и граѓаните.
Деспотовски посочи дека во моментов не препознава јасна економска политика на опозицијата, ниту конкретни предлози за актуелните прашања, како што е државниот буџет за 2027 година.
„Освен стандардната дискусија кој се презадолжил, што ништо не им значи на граѓаните и не им го решава проблемот, ништо друго нема“, оцени Деспотовски.
Според него, опозицијата треба да наметнува теми и да создава политичка динамика преку нови идеи и политики, наместо да се ограничува на реакции на потезите на власта.
Тој се осврна и на политичките случувања во Србија, оценувајќи дека тие испраќаат важни пораки и до власта и до опозицијата во Македонија.
„Едниот дел од лекцијата е дека занемарувањето на здравиот разум носи до промена на власта. Меѓутоа, вториот дел од пораката е дека не ти треба организирана опозиција за да ја промениш власта“, истакна Деспотовски.
Тој нагласи дека отсуството на силна политичка конкуренција не е проблем само за СДСМ, туку за целата држава, бидејќи, според него, без организирана и аргументирана опозиција се намалува и притисокот врз власта да испорачува подобри резултати.
„Ние во моментот немаме никаква конкуренција во политичкиот простор. Тоа само по себе подразбира дека и премиерот има потешка задача да го натера својот тим да работи. Нема опонент за да се натпреварува. Води два нула, три нула и тоа е тоа“, рече Деспотовски.
На крајот, тој предупреди дека одложувањето на суштинските промени во СДСМ има пошироки последици од внатрепартиските односи.
„Не е само дека го трошиме времето на членовите на СДСМ или на опозициски настроените гласачи. Ние го трошиме времето на оваа држава“, заклучи Деспотовски во „Клик Плус“ на ТВ21.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Деспотовски: Венко е супер доктор, но апсолутно…
Поранешниот директор на ТИРЗ и член на…
Македонската црковна делегација стаса во Москва за…
Македонската црковна делегација, предводена од митрополитот Дебарско-кичевски…
Муцунски изрази солидарност со Холандија и Шведска…
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија,…
Полицискиот синдикат застана во одбрана на полициските…
Полицискиот синдикат застана во одбрана на полициските…
„Антропик“ со 81,3 милијарди долари го собори…
Американската компанија за развој на вештачка интелигенција…