Објавено на:

Директорот на ЦИА во Хавана разговарал со внукот на Раул Кастро

t

Директорот на Централната разузнавачка агенција на САД, Џон Ретклиф, престојувал во Куба на ретка средба со кубански разузнавачки претставници и со Раул Гиљермо „Раулито“ Родригез Кастро, внук на поранешниот кубански лидер Раул Кастро, објави „Аксиос“.

Посетата доаѓа во момент кога Куба се соочува со сериозен недостиг на гориво, долги рестрикции на струја и со длабока економска криза.

Ретклиф му ја пренел пораката на американскиот претседател Доналд Трамп дека Вашингтон е подготвен за разговори со Хавана за економски и за безбедносни прашања, но само доколку кубанските власти направат „фундаментални промени“.

Американски претставник изјави дека Куба „нема гориво, нема пари и нема кој да ја спаси“, оценувајќи дека режимот во Хавана сега е под многу поголем притисок отколку претходно.

Ретклиф се сретнал и со кубанскиот министер за внатрешни работи Лазаро Алварез Касас, како и со шефот на кубанското разузнавање.

Посетата следува по тајни разговори што американскиот државен секретар Марко Рубио ги водел со кубански лидери и влијателни фигури. Засега, сепак, нема јасен пробив во тие контакти.

Во разговорите, Ретклиф наводно ги повикал кубанските претставници да извлечат поука од случувањата во Венецуела и од падот на Николас Мадуро, кој со години важеше за еден од главните сојузници на Хавана.

Кубанската влада прва ја потврдила средбата, наведувајќи дека на американската страна ѝ било пренесено оти Куба не претставува закана за националната безбедност на САД и дека не треба да биде третирана како држава спонзор на тероризам.

Посетата се случува во период кога администрацијата на Трамп го засили притисокот врз Куба преку санкции и ограничувања поврзани со испораките на гориво. Дел од мерките се насочени и кон компании што соработуваат со кубанската влада.

Во последните денови кубанските власти предупредија дека земјата останала без дизел и мазут, а рестрикциите на струја во делови од островот траат и повеќе од 20 часа дневно.

Во истиот период Куба ја ослободи политичката затвореничка Сиси Абаскал Замора, што се толкува како можен сигнал дека Хавана се обидува да го намали притисокот од Вашингтон.

Вашингтон сака да избегне целосен распад на состојбата во Куба, што би можело да доведе до нови немири и масовна миграција кон САД.

Американски претставник предупредил дека прозорецот за разговори нема да остане отворен бесконечно и дека Трамп би можел да избере други мерки ако дијалогот не донесе резултат.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

МОН: Неточни и лицемерни се тврдењата на…

Министерството за образование и наука (МОН) како…

52-годишна жена запалила тревна површина со дрвја,…

51-годишна скопјанка била лишена од слобода под…

Неизвесно е дали ректорот на Белградскиот универзитет…

Сè уште е неизвесно дали ректорот на…

Поранешниот шеф на Формула 1, Берни Еклстоун,…

Милијардерот и поранешен шеф на Формула 1,…

Албанија и понатаму заостанува далеку зад ЕУ…

Албанија продолжува да заостанува далеку зад Европската…