Добро утро со Инфомакс: Кога ја љубев Дениција како да учествував во создавањето на првата Македонска држава

t

На денешен ден, во 1934 година се родил еден од најголемите македонисти и Македонци воопшто, Петре Мито Андреевски, македонски поет, романописец, раскажувач и драмски автор.

Се вбројува меѓу најдаровитите, а воедно и најпопуларните македонски поети и раскажувачи. Неговите приказни се честопати необични и чудно испреплетени, но во особеноста на својата упатеност кон читателот, раскрилуваат еден познат и близок свет, што го препознаваме како ехо на дамнешни, напати, темни кажувања.

Во мај 2000 година бил избран за редовен член на МАНУ.

Добро утро Македонци, во чест на Петре М. Андреевски денеска ви издвојуваме една песна од неговата “Дениција”

КОГА ЈА ЉУБЕВ ДЕНИЦИЈА

Кога ја љубев Дениција,
како да калемев светлина на мракот,
како да топев снегови фатени во движење,
како да станував единствен сведок
за бакнежот меѓу металот и громот.

Кога ја љубев Дениција,
како да му пронајдував брзина и на каменот,
како да ја одделував душата од телото,
како да го палев барутот
на тилот од смилот и трендафилот.

Кога ја љубев Дениција,
како да внесував летен воздух во воздухот зимен,
како да ги откривав сите рудници на злато,
како да добивав телефонска врска со сонот
од сите успани работници.

Оти ја љубев Дениција,
како што ги отворав пролетните аптеки,
сместени во гласот од славејот,
како што славејот ги спријателуваше
небото и земјата,
како што таа ми ја одземаше тежината,
додека трчав кон неа,
како што не можев да видам ништо освен неа,
како што таа живееше додека јас умирав,
како што и јас не знаев како би умрел,
ако таа не се родеше.

Кога ја љубев Дениција,
како да учествував во создавањето
на првата Македонска Држава.

:

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Македонките се мажат најмлади во регионот, на…

Жените во Македонија најмлади стапуваат во брак…

ЌЕ МОЖЕ ДА СЕ ГЛАСА И СО…

Пратениците денеска го изгласаа Изборниот законик, со…

Исчезна 14-годишната Ринеса: Ако имате било каква…

Новинарот Фуркан Салиу, објави дека е исчезнато…

Камерите снимиле хирург како 22 пати прима…

Како што е наведено во тужбата, најголем…

Европскиот план за развој на Западен Балкан…

САД ја поддржуваат ЕУ во намерата да…