Добро утро со Инфомакс: “Македонија ќе биде слободна!” – последните зборови на војводата Александар Турунџев
Александар Турунџев е македонски револуционер, учесник во македонското револуционерно движење, член и војвода на Македонската револуционерна организација.
Роден е во 1872 година во с. Горно Врбени, Леринско. Во редовите на ТМОРО се вклучил многу млад, најнапред како четник, а потоа како војвода.
За време на Илинденското востание со својата чета зел активно учество во борбите кај Леринско. Во текот на сите години на илегално живеење и движење, Турунџев ги обиколува редовно селата во Леринско и некои во Долна Преспа и Битолско.
Станува популарен заради својата храброст и ревност кон природниот стремеж на сопствениот народ да извојува слобода со оружје во рацете. Освен тоа бил силен маж, атлетски граден, висок, со бујна бушава коса, со високо чело и орелски поглед.
Насекаде бил мил гостин, зашто со другарите ги истребил најголемите насилници и крвници во Леринско, а оние кои посакуваа не се осмелуваа да станат нови угнетувачи и мачители на македонскиот народ, заради големиот страв од Александар Турунџев.
По востанието учествувал во обновувањето на револуционерната мрежа во својот реон и влегол во новиот состав на Леринското горско началство.
Кон крајот на 1904 година, во селото Ајтос, Леринско, бил предаден од шпионот Митре Гинков за 150 жолтици. Бил заробен и одведен во битолскиот истражен затвор. Таму бил подложен на големи измачувања и држан цела година. Турскиот суд во Битола на 29 август 1905 година го осудил на смрт, а казната била извршена со јавно бесење на битолскиот Ат-пазар, на 30 август 1905 година. Турунџев со пранги на рацете и нозете најпрво бил изложен на плоштадот во Битола. Поворката тргнала од Саат-кулата, крај Безистенот, реката Драгор, па сè до Ат-пазар. Турунџев бил сместен на запрежна кола, а напред одел телал кој ја читал веста дека ќе биде погубен. Кон поворката се приклучиле над 3000 битолчани. Збунетиот поп пред егезкуцијата го прашал: „Кои се твоите последни зборови?“ Тогаш Александар се поткачил на некаков кош, го фатил јажето, ги подигнал очите кон небото и извикал:
„Македонија ќе биде слободна!“
По извикот, сам го ставил јажето на својот врат и се обесил.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
ДЗС: безбедно отстранети две минофрлачки гранати од…
Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) безбедно…
Одамна заслуживме да бидеме во ЕУ, но…
Досието на Македонија е многу сложено, но…
Мицкоски од Самитот во Црна Гора: Очекувам…
Премиерот Христијан Мицкоски очекува силни пораки за…
Македонија со седум борачи на Светското првенство…
На предстојното сениорско Светско првенство во борење,…
ВЛЕН: ММФ и Светската банка ги зголемуваат…
ММФ и Светската банка ги зголемуваат прогнозите,…