Добро утро со Инфомакс: “Од македонскиот народ да се измие десетвековниот ропски срам од пропаста на Самоиловата држава”

t

Дека не така одамна имало луѓе со визија и цел, луѓе кои со својот светоглед биле далеку понапред од она што се случува денес, а и дека Македонци имало пред “Тито да ги создаде”, покажува и говорот на најстариот делегат на првото заседание на АСНОМ, Панко Брашнаров.

Добро утро Македонци, во продолжение говорот на Брашнаров:

-“Во овој момент, во ова историско место Св. Отец Прохор Пчински и на овој историски ден – Илинден, кога објавувам дека е отворено првото Антифашистичко собрание на народното ослободување на Македонија, душава ми е преполна со радост и пред премрежените очи гледам како се раздвижиле сите реки од Пчиња до Вардар до Места и до Бистрица, заплискувајќи ја целата македонска земја, сакајќи од македонскиот народ да го измијат десетвековниот ропски срам од пропаста на Самоиловата држава, за да се роди денеска нова, светла и слободна македонска држава.

Во овој момент, земјата на нашите покојници – многубројни народни херои, кои што паднаа и ги посеаа коските по цела Македонија, им станува полесна и тие во мир веќе го гледаат изгревот на нашата слобода, ја гледаат идеалната дружба старите илинденци – на Гоце Делчев и на денешните илинденци – младата македонска војска, и поставените темели за остварувањето на идеалот, на две поколенија, на две епохи- слободна, обединета Македонија.

Во знак на почит кон паднатите јунаци, ве поканувам да им ја изразиме со едноминутно молчење нашата вечна, бескрајна благодарност. Вечна слава на паднатите херои за слободата на Македонија!

Другари народни претставници, жив сведок сум на два Илиндена 1903 и 1944 година. Во моите спомени се нижат безброј моменти за илинденската народна епопеја за Крушевската република. Бескрајни беа напорите на вооружениот македонски народ, огромна беше жедта за слобода, борбата го дарува со слободна Кришевска република. Но, разјарениот башибузук и турската регуларна војска се нафрлија и го затрупаа оазисот на слободна Македонија-Крушевската република, го задушија востанието и го стегнаа искрвавениот народ во ново ропство.

Животворниот извор на слободата не секна. Македонија ја поделија, ропствата се сменија, но борбата на македонскиот народ не престана. Кога сите поробени народи на Југославија се дигнаа против денешниот непријател на целото човештво- фашизмот, и македонскиот народ се нареди во таа борба. Тој во неа виде можност да ја помогне општата борба, на сите поробени народи и на целото слободољубиво човештво и да го оствари својот вековен национален идеал.

И ете, како резултат на тригодишните крвави борби, македонскиот народ ја врза својата судбина со судбината на сите југословенски народи, помогна, со крв и со борба, да дојде до нова братска, демократска и федеративна Југославија. Денес на вториот славен Илинден, последен Илинден на неослободена Македонија, се ставаат темелите на македонската држава, во која што нашиот народ ќе се обедини и ќе заживее онаков среќен живот каков што заслужува по своите претрпени ропски маки и петвековни борби.

Да е жива нашата мила македонска федерална држава!…”

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Македонките се мажат најмлади во регионот, на…

Жените во Македонија најмлади стапуваат во брак…

ЌЕ МОЖЕ ДА СЕ ГЛАСА И СО…

Пратениците денеска го изгласаа Изборниот законик, со…

Исчезна 14-годишната Ринеса: Ако имате било каква…

Новинарот Фуркан Салиу, објави дека е исчезнато…

Европскиот план за развој на Западен Балкан…

САД ја поддржуваат ЕУ во намерата да…

Пендаровски-Османи: Заеднички напори за стабилност во регионот

Претседателот Стево Пендаровски денеска во Приштина, во…