Добро утро со Инфомакс: Ој, МакедонијО, малодушна и кибарна, кај ти е без нас алот?

t

Гане Тодоровски е еден од плејадата македонски поети кои зад себе оставија творештво на кое му се восхитува не само Македонија и регионот, туку и целиот свет.

Гане низ неговите стихови често ја сликаше Македонија на начин на кој и денес можеме да се пронајдеме во неговата поезија.

Добро утро Македонци, уживајте во “Фуснота без повод”:

ФУСНОТА БЕЗ ПОВОД

Ги оставивме мускулите на село,
ги оставивме легендите, ливадите, лошините,
зареците, клетвите, благословиите,
дотековме како пролетен порој-одненадеж,
за да му станеме квасец на градот,
за да му станеме озон на градот,
за да го помакедончиме Скопје-
Ој, МакедонијО, малодушна и кибарна,
кај ти е без нас алот!

Дотековме во град по весници, по струја,
по телевизори, по стадиони, по кина,
по бањи домашни, по чисти клозети, по тротоари,
дојдовме за да дрнчиме секој први
пред благајните,
дотековме, дотрчавме, доклинкавме,
Ој, Македононијо, кај ти е без нас алот!

Ој, Македонијо, градска и социјалистичка,
натема ти го селото обескозено,
обезлуѓено, како по чума поморија,
Ој, Македонијо, со пет епископи
и илјада икони испокрадени,
Ој, Македонијо, со сојузни министри
и судбини на периферија,
Ој, Македонијо, со јоги душеци, со терени за скијање,
со пленуми, со црква автокефална,
со тела самоуправни, со штедни книшки,
со приватни земјоделци, со коли половни,
со сметки девизни, со дефицитарно осигурување,
со први домати во републиката,
со четиринаесет академици, со безброј политичари,
со евтин зеленчук, со таан-алва,
со голем број дипломати и со ниски плати,
со две затворени граници, со трета хипокритска
и четврта замислена,
Ој, Македонијо, на конкурси и конгреси,
на два Илиндена и филмови нетитлувани на македонски,
Ој, Македонијо пленумска, синдикална
од лани уште синодална, автокефална,
колку ќе биде платен тутунот годинава?
Колку кредит ќе ветат банките?
Колку ли уште приватни крчми ќе отвориме?
Колку девизи надвор ќе депонираме?

Ој, Македонијо со голем број неписмени,
со Академија на науките и уметностите,
со беспрекорна грижа за народностите,
со мал тираж на весници, со многу пензии,
колку навистина ќе биде платен тутунот?

Ој, Македонијо, кај ти се селата Мијачки?
Кај се Помаците? Кај се ветросаа?
Кај се Егејците? Кај се витосаа?
Ој, Македонијо, распослана од Узбекистан
до Анадолија, Канада и Австралија,
од Балтик до Карпатите,
до немај-каде, до глувчина дупка
до канцелариите на бирократите.

Ој, Македонијо, не пати за Патакос,
многушто уште ќе доживееме!
Ој, Македонијо, пушти го родот нека се растура
небаре семето Хамово, небаре проколнатици.
Живите треба да живеат, мртвите ќе починуваат
а безработните ќе трагаат по работа.
Ој, Македонијо, науми почит кон мртвите,
збери ги коските на своите заљубеници,
коските Мисирковите, коските Цепенковите,
коските Ѓорче Петровите,
прибери ги во Скопје,
покрај Гоцевите, покрај најсветите,
и крени крај нив паметник
на неродениот Македонец.

Ој, Македонијо,
колку ли уште ни треба
за да те домакедончиме!

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Македонките се мажат најмлади во регионот, на…

Жените во Македонија најмлади стапуваат во брак…

ЌЕ МОЖЕ ДА СЕ ГЛАСА И СО…

Пратениците денеска го изгласаа Изборниот законик, со…

Исчезна 14-годишната Ринеса: Ако имате било каква…

Новинарот Фуркан Салиу, објави дека е исчезнато…

Европскиот план за развој на Западен Балкан…

САД ја поддржуваат ЕУ во намерата да…

Пендаровски-Османи: Заеднички напори за стабилност во регионот

Претседателот Стево Пендаровски денеска во Приштина, во…