(Документи)Катиљ ферманот за Ленин Јовановски и „Слобода Превоз“ – каде се пет милиони евра, и зошто не е платен ДДВ?
Пет години, или 60 месеци приватните превозници успеале да продадат само две карти за едно возење, истите да ги валидираат и да издадат фискална сметка.
Значи, за пет години, приватните превозници продале две карти за едно возење.
Во истиот овој период, „Слобода Превоз“ фактурирал 24.000.000 денари (24 милиони денари) месечно за наводно извозени 400.000 километри во секој тековен месец. Велам наводно, бидејќи ниту еден од системите за ГПС локациско следење на возилата кој е поврзан со системот на ЈСП не функционирал соодветно и непрекинато. Којзнае што правеле кога апаратите биле „расипани“. Впрочем, и знаеме што правеле. На секоја извозена тура, една се стои во место на паркинг, а потоа се наплаќа од ЈСП.
24.000.000 денари се приближно 400.000 евра. Оваа сума „Слобода Превоз“ ја фактурирале секој месец за наводно извозените 400.000 километри, од кои средства потоа, трошеле – според зборовите на Ленин Јовановски, шеф на групата приватни превозници „Слобода Превоз“, околу 200-300.000 евра за гориво и трошоци. Ако наплаќале 400.000 евра месечно, трошеле 200-300.000 евра за трошоци и гориво, се поставува прашањето каде се останатите 100.000 евра секој месец. Или, ако за пет години наплатиле нешто повеќе од 24 милиони евра, по серивисрањето на трошоците за горива и трошоци останале нешто околу пет милиони.
Но, да почнеме од почеток.
Во 2016. година двете здруженија на приватни превозници „Слобода Превоз“ и „Макекспрес“ склучиле два идентични договори со кои се уредуваат правата и обврските, начинот на вршење на јавен градски транспорт но и условите.
Согласно овие договори, и двете здруженија имале обврска во своите автобуси да постават ГПС уреди и фискални апарати кои служат како алатки за интегрирање во системот за наплата на ЈСП, кој освен по продадени карти, плаќа и по изминат километар на приватниот превозник.
Цената која ЈСП согласно договорт ја исплаќале на приватните превозници по изминат километар е едно евро. Согласно достапните податоци, автобусите на групата превозници „Слобода Превоз“ во просек изминувале околу 400.000 километри секој месец, што било евидентирано до ГПС системот, по што им биле вкалкулирани и 400.000 евра кои треба ЈСП да им ги исплати на „Слобода Превоз“. Од оваа сума од 400.000 евра или 24.000.000 денари кои се исплаќаат по изминат километар, се одбива сумата на продадени билети за едно возење. На пример, ако приватните превозници треба да наплатат 24.000.000 денари за изминати километри, но продале билети во вредност од 10.000.000 денари, тогаш ЈСП само ја надополнува разликата од 14.000.000 денари на приватниот превозник.
Потоа, овие пари кои од ЈСП ги добивал „Слобода Превоз“ и „Макекспрес“ биле понатаму исплаќани на членовите во овие две здруженија на приватни превозници. Дали тие навистина ги добивале сите пари, се уште не сме добиле одговор.
Согласно договорот склучен во 2016. година уште кога Коце Трајановски бил градоначалник, во членот 5 став 1 се утврдува дека приватниот превозник е должен да ја применува тарифата и ценовната политика утврдени од град Скопје со одлука за интегриран тарифен систем во линискиот превоз на патници во градот Скопје.
Да биде уште појасно, во став 2 од истиот член 5, се утврдува дека членот на групата приватни превозници, во случајов сите оние кои возеле за „Слобода Превоз“ имаат обврска да продаваат фискални билети купени кај возачот на возилото, со единствен изглед кој го дефинира ЈСП Скопје согласно Одлуката на Интегрираниот систем.
Во став 3 од истиот член 5, се утврдува дека приходот од продажбата на билети е приход на овластениот превозник, односно на сопственикот на возилото кој е дел од „Слобода Превоз“ или „Макекспрес“. Остварениот приход од продажба на фискализирани билети ЈСП Скопје го компенсира зо Овластениот превозник (Слобода Превоз, Макескпрес) на име на месечните побарувања на надоместокот по изминат километар.
Или во поедноставни зборови, „Слобода Превоз“ и „Макекспрес“ извозиените километри ги наплаќале од продадени фискални билети и компензација за изминат километар од страна на ЈСП Скопје.
Во член 3 пак од овој договор е утврдено како се пресметува сумата која ЈСП треба да му ја исплати на овластениот превозник, т.е. група превозници во случајот „Слобода Превоз“ и „Макекспрес“.
Значи, „Слобода Превоз“ и „Макекспрес“ од ЈСП добивале пари за извозен километар, и пари од продадени карти. Но, продадените карти се минусираат од извозените километри, а ЈСП им го надоместува износот кој не успеале да го остварат со продавање на фискализирани билети.
Вакви договори склучиле „Макекспрес“ и „Слобода Превоз“ во 2016. година со важност од пет години. Во 2021/22 склучиле нови договори со градот Скопје и ЈСП Скопје. Со идентична содржина. Идентични параметри и пресметки. Но, сега имаат проблем.
Каде е проблемот?
По склучувањето на овие договори во 2016. година, двата овластени превозници задолжувале билети, продавале билети и издавале фискални сметки онака како што наложува обврската од договорот. Согласно договорот склучен со ЈСП Скопје изготвувале и фактури и ја вршеле пресметката. Односно, пријавувале приход од продадени билети, а сумата која не ја исполниле за да ги покријат извозените километри им ја надоместувала ЈСП Скопје по утврдена цена од 1 евро за километар.
На пример, ако превозникот за еден месец извозел 400.000 километри, а наплатил само 300.000 евра од билети, останатите 100.000 евра ги доплаќа ЈСП Скопје.
Вавкиот начин на работа согласно договорот траел до крајот на 2017. година, кога одненадеж и двата приватни превозници престануваат да задолжуваат билети од ЈСП Скопје и не продаваат фискализирани билети. Внимавајте, не продаваат фискализирани билети.
Во приватен автобус, освен со „Скопска картичка“ и со СМС порака, секој патник согласно договорот МОРА ДА ИМА МОЖНОСТ да купи и билет за едно возење. И приватниците продавале вакви билети – неверифицирани и нефискализирани.
На крајот на месецот, освен приходите што ги остварувале од продадени билети, тие наплаќале и 400.000 евра од ЈСП за извозени 400.000 километри.
Значи, ем пари од нелегални билети, ем 400.000 евра секој месец од ЈСП Скопје.
Ова траело од 2018. година, се до минатиот месец. Со една разлика, во јануари продале и издале фискална сметка за 1 (еден) билет.
Каков долг има ЈСП Скопје кон приватните превозници?
Од документите до кои јас имав пристап согласно законот за информации од јавен карактер, „Слобода Превоз“ и „Макекспрес“ биле исплатени заклучно со октомври 2022. година вкупно 156.000.000 денари за 2022 година.
По исплати, „Слобода Превоз“ има наплатено 111.000.000 денари, а „Макекспрес“ 45.000.000 денари. Секако, во овој период немаат пријавено ниту еден продаден билет за едно возење. Тие пари никој не знае каде се.
Долг, според ЈСП нема.
Блокада
Претпоставуам дека во човековата природа е инстинктот, кога ќе биде фатен со „рачињата во медот“ првата реакција да му биде отфрлање на вината за стореното по принципот – држ те го крадецот.
Вистинското прашање е дали оние кои членувале во „Слобода Превоз“ и во „Макекспрес“ знаеле за оваа состојба. Бидејќи, на крајот на месецот приходите кои ги собирал секој од сопствениицте на автобуси ги префрла на заедничка сметка на „Слобода Превоз“, а потоа по порамнувањето со ЈСП Скопје парите ги добивале назад, плус, сумата за извозен километар која им ја доплаќало јавното претпријатие.
Дали навистина секој од овие превозници биле свесни дека не продаваат фискални карти, или некој ги фалсификувал месечните извештаи и прикажувал нула(0) продадени билети за да фактурира 400.000 евра и од тие да не им исплаќа на сопствениците на автобуси, туку да ги задржи за себе.
Прашањето е, дали во овој случај Ленин Јовановски парите кои останувале по раздолжувањето со неговите членови, а ги наплаќал од ЈСП врз база на фалсификувани извештаи си ги задржувал за себе.
Впрочем, јас не познавам сопственик на автобус кој истовремено е и газда на кафуле, како што Ленин Јовановски стопанисува со кафулето „Ван Гог“.
Досега не сум сретнал шофер на автобус кој вози „Рејнџ Ровер“ од 100.000 евра. И тоа не еден, туку два.
Возам мотор, а не познавам ниту еден шофер на автобус кој вози „Харли Дејвидсон“ од 60.000 евра.
Не сум слушнал се уште дека некој шофер на автобус барал одобрение за градба и маркица за згради на кејот на реката Вардар во општина Аеродром, во населбата Мичурин. Земјиштето се наоѓа во непосредна близина на реката Вардар, а има површина од отприлика 2.400 метри квадратни, а е впишано на име на БУС СЕРВИС ДОО СКОПЈЕ каде основачи се Ружица Јовановска и Томислав Јовановски, очигледно, во роднинска врска каде и живеат на иста адреса со Ленин Јовановски.
Се ова, сепак, сум го слушнал дека го поседува и го прави претседателот на „Слобода Превоз“ Ленин Јовановски.
Бидејќи Бугарите се во „мода“ во последниов период – сажељавам сас вас тавариш, ама Финансова полиција веќе почна со чешлање. А, уцените и заканите, но и тормозењето на скопјани некој ќе мора на крајот да ги плати.
А.Митовски
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Видео) Повторно се запали автобус на ЈСП
Автобус се запали во скопската населба Бутел…
ОЈО Скопје ја испитува сообраќајката на автобусот…
Врз основа на поднесено писмено известување од…
Возрасен маж колабираше качувајќи се во автобус…
Во населбата Даме Груев утрово во автобус…
Три жени се повредени откако автобус на…
Три жени се повредени денеска во сообраќајната…
ЈСП: Средношколците ќе можат да користат бесплатен…
ЈСП ги информира средношколците кои ги исполнуваат…